Во јануари 2018 американската амбасада во Кина се решава на невообичаениот чекор на повеќекратно испраќање на американски дипломати задолжени за наука во Институтот за вирологија во Вухан, кој во 2015 стана првата кинеска лабораторија што го достигна највисокото меѓународно ниво на безбедност во биоистражување, познато како БСЛ-4. Лабораторијата објави и соопштение во медиумите за последната од овие посети од американските делегации на 27 март 2018. Во март годинава ова соопштение го снема од сајтот на лабораторијата.
Тоа што американската делегација го дознава за време на нивните посети до толку ги загрижува што тие испраќаат два дипломатски депеша во Вашингтон обележани како „чувствителни но не тајни“.
„За време на разговорите со научниците од лабораторијата во Вухан, тие забележаа дека лабораторијата има сериозен недостаток на соодветно обучени техничари и истражувачи неопходни за безбедно функционирање на оваа лабораторија,“ се наведува во документот испратен на 19 јануари 2018.
Кинеските научници и до тогаш добивале поддршка од неколку американски научни организации, меѓутоа тие побарале дополнителна помош, а ставот на амбасадата бил дека САД треба да и ја обезбеди оваа помош на лабораторијата во Вухан, главно затоа што коронавирусите од лилјаци се важни но исто така и опасни.
Американците се среќаваат и со Ши Женгли, еден од главните научници во институцијата, кој со години објавува студии за коронавирусите. Во ноември 2017 тој објавува и истражување според кое лилјаците што ги имаат уловено во пештера во провинцијата Јунан доаѓаат од истата популација на лилјаци од кои потекна оригиналниот САРС вирус во 2003.
„Уште поважно истражувачите исто така покажаа дека најразлични коронавируси слични на САРС, можат да имаат интеракција со АЦЕ2, човечкиот рецептор што беше идентификуван кај САРС коронавирусот. Откритијата сериозно наведуваа дека коронавируси налик САРС можат да бидат пренесени од лилјаци на луѓе и да предизвикаат болести налик САРС,“ се наведува во депешите.
Истражувањата во Вухан се спроведуваат со цел да се спречи следната САРС пандемија со тоа што ќе се предвиди како би можела таа да се појави. Меѓутоа уште во 2015 повеќе научници го критикуваат Ши дека презема непотребни ризици, а претходно во 2014, американската влада става мораториум на финансирање на сите истражувања кои би го направиле еден вирус посмртоносен и позаразен.
Како што потенцира и повторува Вашингтон пост, нема докази дека вирусот што го поремети светот е вештачки создаден, а научниците главно се согласни дека тој преминал од животни на луѓе. Амандман на ова тврдење има научникот од Универзитетот Калифорнија, Беркли, Џиао Кианг, според кого тоа не значи дека вирусот не дошол од лабораторија која со години тестирала коронавируси од лилјаци на други животни.
Инаку како одговор на барањата на американската амбасада во Пекинг, САД не им дава никаква дополнителна помош на кинеските лаборатории.
Интересот околу работата на лабораторијата доаѓа и од таму што првичната верзија на кинеската влада за потеклото на вирусот почнува сè повеќе да се клати. Според кинески научници (во студија објавена во Лансет) првиот пациент од ковид-19, идентификуван на 1-ви декември, немал никаква поврзаност со рибниот пазар во Вухан, како и една третина од првиот поголем кластер на заболени. Дополнително, рибниот пазар не продавал лилјаци.
Во меѓувреме Кина стави комплетна блокада на сите информации околу потеклото на ковид-19.