Меѓу Вашингтон и Москва односите одамна не биле вака ладни. Главната причина е одлуката на Русија да му даде азил на Едвард Сноуден, човекот кој на јавноста ѝ ja откри вистината за масовно прислушување на комуникациите од страна на Американската безбедносна служба.
Американците "многу се потрудија" да го добијат нивниот државјанин кој ги разоткри валканите алишта на нивните државни служби, галантно ветувајќи им на Русите дека Сноуден нема да биде ни мачен ни убиен.
Русите сепак решија да го засолнат компјутерџијата од прогон во својата матична земја по што Обама ја откажа планираната билатералка со Путин.
Дополнителна тензија во односите внесуваат иницијативите за бојкотирање на Олимпијските игри во Русија заради објективно лошиот третман на луѓето од ЛГБТ заедницата. Бојкотот е главно глупа работа особено што на тема олимписки игри многу мириса на периодот на Студената војна, нешто за што Обама ги обвини токму Русите. По таа логика за бојкот заради заштита на права, Австралијанците би можеле да ги бојкотираат САД заради "угнетување на работничката класа во Мекдоналдс", бидејќи таму се платени 7 долари за час а не 15 колку што бараат и добиваат нивните колеги од Австралија.
Но, случајот Сноуден и особено пресудата за Бредли Менинг ја зголемија загриженоста на слободарските кругови во самата Америка.
Летото, 1778-ма година, Конгресот го носи првиот закон за заштита на тн "whistleblower-и" наведувајќи дека "е должност на секој граѓанин на САД да го извести Конгресот или друга соодветна установа за каква било измама или прекршок направен од служби или луѓе вработени во администрацијата."
235 години подоцна, Менинг е осуден за 20 од 22-те точки од обвинението, вклучувајќи го и она за шпионирање (минус "помагање на непријателот"), со што некои проценуваат дека САД влегува во својата "пост- уставна фаза".
А околу целиот случај со Сноуден, загрижен е и Џон Луис, иконата на граѓанските слободи кој смета дека пребегнатиот службеник на ЦИА делувал во согласност со принципите за ненасилна граѓанска непослушност, слично како Ганди.
Конор Фридерсдорф го поставува следното прашање:
"Замислете службеник на руските или кинеските разузнавачки служб да слета на аеродромот Кенеди, да свика прес конференција и да обелодени дека врвот на овие земји тајно собира приватни информации за Руси и Кинези на начини кои досега не биле познати, а патем се шпионираат и многумина Американци. Дали Обама ќе го вратеше назад да служи доживотна казна затвор или во име на правдата и моралот сепак ќе му дадеше политички азил?"
Авторот не очекува дека некој ќе му одговори.