Според весникот најслабата алка е локалниот персонал во виза одделите на германските конзулати, кои вообичаено се и луѓето што имаат директен контакт со шверцерите.
Шпигел го истакнува конзулатот во ирачки Ербил, од каде шверцерите добивале виза за своите клиенти без воопшто да започнат формална процедура. Фалсификатот, со кој бегалецот може легално да влезе во Германија, чини меѓу 3 и 13 илјади долари. Најплодното време на шемата било меѓу август и декември 2017, кога целата работа почнува да ја забележува и германското министерство за надворешни работи.
Слично нешто се одвивало и во германскиот конзулат во Бејрут во периодот меѓу декември 2014 и мај 2015. Вработениот, Мухамед Ј, откако е откриен чека на судење во Германија.
На домашен терен на Шпигел не му е јасно зошто властите се толку незаинтересирани за истражување на вакви случаи. Истрагите обично започнуваат дури откако некој од овие инциденти ќе заврши во медиумите.
Во Бејрут истрагата започнува само откако германската телевизија ВДР ја објавува измамата во својата програма, а во случајот со Ербил ништо не е преземено ни откако ургира министерството за надворешни работи. Работата во Ирак почнува да се размотува дури една година по пријавата на германското МНР.
Шпигел пишува дека осомничениот локалец од Ербил и понатаму работи во конзулатот, додека Мухамед Ј. и неговиот соработник живеат во Германија и дозволено им е слободно да се движат додека против нив трае судската постапка.