Поентата на Окасио-Кортез е дека ако Америка планира да се усериози околу борба со климатските промени тогаш богатите мора да бидат оданочени со 70%.
Предлогот беше дочекан со осуда која се движеше од „комплетно деструктивен“ и исполнување на „левичарски фантазии“ до споредување со ропство.
Добар дел од критичарите дадоа сè од себе за да ја збунат публиката околу тоа што го има кажано Окасио-Кортез.
„Само за да бидеме на чисто: таа рече дека кога луѓето ќе заработат 10 милиони долари, 10 милионитиот долар и сè над тоа треба да биде оданочен по повисока стапка. Па освен ако не заработуваш 10 милиони долари, таа не зборува за ’твоите’ приходи,“ појаснува Нејтан Робинсон во Гардијан.
Самата помисла дека високите даноци на оние кои многу заработуваат можат да се изедначат со ропство е неразумна, бидејќи, како што објаснува Робинсон, „никој не те присилува да заработуваш 10 милиони долари“.
„Кога си роб некој те тера да работиш.
Да се биде богат е избор, може да го избегнеш данокот секогаш кога ќе посакаш, со тоа што ќе се откажеш од своето богатство и ќе се приклучиш кон работничката класа.
Ако сакаш да зборуваш за ’слобода’, концентрацијата на богатство на самиот врв ги направи супер-богатите да бидат послободни да прават како што сакаат од кој било друг, додека сиромашните се оние што се соочени со изборот дали да работат или да страдаат. Дури и ако сакаме да зборуваме за морал, имање неверојатно богатство во време кога постои ужасна сиромаштија не може да биде оправдано,“ порачува Робинсон.
Дел од поразумната критика на планот тврди дека од овој данок нема да можат да се соберат доволно пари за „Зелен нов договор“, делумно и затоа што богатите ќе најдат како да го избегнат данокот преку дупки во законот и ќе ги префрлат парите на оф-шор сметки. Што во основа не е аргумент против кревање даноци, туку за затворање на дупките во законот.
Забелешките дека предлогот е фанатично лупетање на човек кој не се разбира во економија се оспорени од нобеловецот Пол Кругман кој потврди дека она што го бара Окасио-Кортез „целосно е во согласност со сериозните економски истражувања“, додека за нобеловецот Питер Дајмонд, оптималната даночна стапка треба да е дури повисока од предложената.