Решеноста на Турците да го поседуваат системот не се намали ни покрај масовните притисоци врз земјата, закани за исклучување од НАТО и отстранувањето на земјата од Ф-35 програмата на САД.
Вон дипломатските драми, потегот на Турција се толкува како „демонстрација на нејзината подготвеност да обезбеди независна одбрана и надворешна политика за нејзините сопствени интереси и покрај препреките и тешкотиите со кои може да се соочи.“
Што се однесува на самиот систем, американски Стратфор го прогласува за „најдобар сеопфатен“ одбранбен систем, и покрај тоа што за сега немал некое посериозно воено крштевање. Работата на С-400 почнува кон крајот на 1980-те, а прв пат е најавен во 1993. Првите успешни тестови се спроведени во 1999, а неговото пуштање во редовна служба во руската армија беше закажано за 2001. Заради најразлични препреки „премиерата“ се случува дури во 2007.
Освен ширењето на руско наоружување, проблемот на Западот со С-400 е што со секој купен систем се инвестираат пари во руската одбранбена индустрија и се плаќа за развој на нови системи.
Пакетот што го доби Турција се проценува дека чини 2 милијарди долари.
Во еден од последните очајни обиди на САД да ја пишманат Турција, републиканскиот сенатор Линдзи Грем на турските власти им предложи, кога веќе го купиле системот, барем да не го вклучуваат, да го остават да дреме во магацин. Ова подоцна беше повторено и од американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Во замена за складирање на новиот одбранбен систем од 2 милијарди долари на Турците им беше понудено да почнат преговори со САД за слободна трговија.
Подетално објаснување за капацитетот, способностите и компонентите на С-400 (пример, истовремено може да се справи со 36 подвижни мети + 72 проектили), и меракот на Турција да го има истиот: