Иако климатските промени ќе остават сериозни последици, особено за луѓето во најсиромашните земји, тие не се крај на цивилизацијата, порачува Гејтс на својот блог.
Постојат апокалиптични погледи на климатските промени што звучат вака: „За неколку децении, катаклизмичните климатски промени ќе ја десеткуваат цивилизацијата. Доказите се насекаде околу нас – погледнете ги само топлотните бранови и бурите предизвикани од зголемената глобална температура. Ништо не е важно повеќе од ограничување на порастот на температурата“. За среќа на сите нас, овој став е погрешен... Луѓето ќе можат да живеат и да напредуваат во многу места во догледна иднина, додава милијардерот.
Тој укажува дека во фокусот мора да бидат активностите насочени кон подобрување на животите на луѓето. Бара повеќе инвестиции во напорите да се намали цената на енергијата од чисти извори и да се изнајдат иновативни начини како да се намали загадувањето од фабричкото производство, земјоделството и транспортот.
Апокалиптичните предвидувања поттикнуваат голем дел од климатската заедница да се фокусира претерано на краткорочни цели за запирање на емисиите на штетни гасови. Поради тоа се пренасочуваат средства од најефикасните начини со кои можеме да го подобриме животот на луѓето во нешто потопол свет, пишува Гејтс.
Неговата порака е впечатлива не само поради пресвртот во политиката, туку и затоа што е објавена спроти Глобалниот самит за климатски промени КОП30 во Бразил од 10 до 21 ноември во амазонскиот град Белем. Само еден ден претходно Обединетите нации објавија дека светот веќе ја промашил целта да го намали глобалното затоплување на температура за 1,5 степен над она пред индустриската револуција. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди дека тоа ќе има „катастрофални последици за светот“.

И Гејтс до пред само две години беше гуру на климатските активисти. Во изминатите десетина години тој вложи многу од своите милијарди во политики за намалување на емисиите на стакленички гасови, во технологии за енергија од обновливи извори и во проекти за да се заштитат сиромашните заедници од очекуваното кревање на морето, екстремни жештини, пожари, поплави и невремиња.
Во 2015 година тој го основа проектот Breakthrough Energy, кој поддржуваше стартапи на чиста енергија. Спонзорираше група што во Вашингтон промовираше намалување на штетните емисии. Во исто време, тој ги засили инвестициите во нуклеарната енергија, особено за развој на модуларни реактори што може да обезбедуваат струја за региони и локални заедници. Компанијата TerraPower, која ја поддржува, пред една недела доби дозвола од властите да претстави на пазарот нов тип нуклеарен реактор.
Во новата порака, Гејтс бара од учесниците на КОП30 повеќе да се посветат на иновативните проекти за ублажување на ефектите од климатските промени, затоа што сегашната политика не дава ефекти, а притоа влече многу пари, што уште повеќе го зголемува товарот врз луѓето.

Тој ги повика лидерите да посветат повеќе внимание на реалните бројки. Смртните случаи како директна последица на природните катастрофи во изминатиот век се намалиле за 90% на 40.000 до 50.000, главно поради поотпорната инфраструктура и подобрите системи за предупредување.
За разлика од него, Светската метеоролошка организација пред една недела објави дека во изминатите пет децении, временските, водните и климатските опасности убиле повеќе од 2 милиони луѓе, при што 90% од случаите биле во земјите во развој.
Климатските промени се сериозни, но направивме голем напредок. Треба да поддржуваме напори што ќе помогнат за намалување на штетните емисии до нула, но не можеме заради тоа да го укинеме финансирањето на програмите за здравје и развој, кои им овозможуваат на луѓето да се соочат со последиците, порачува Гејтс.