Зошто Швеѓаните се толку тивки?

Можеби нема да ви се верува, меѓутоа тајната на прочуената скандинавска тивкост е во еден концепт кој и ние го имаме и се вика: таман.

Тишината во која најчесто живеат Швеѓаните знае да изгледа чудно, дури и непријатно за припадник на побучните култури. Во таква ситуација се нашла Американка со нигеријско потекло на аеродромот во Стокхолм кога група патници во комплетна тишина чекале на багажот кој им доцнел половина час. Во нејзината земја, сите би пцуеле, би вртеле со глави и би збореле исти работи.

Во Шведска, да се констатира очигледното се чини непотребно.

Подоцна се нашла и во друштво на успешни музичари од Шведска и Финска и повторно била зачудена од спокојот. Дечките пиеле кафе, никој никого не оговарал, никој не зборувал колку за да ја пополни тишината.

Ваквиот етос се базира на шведскиот термин лагом. Тоа некои го толкуваат како рамнодушност или го препишуваат на стереотипот за нивната ладна човечка природа. А суштината на лагом е во "точната мерка", во "умереноста", во "соодветноста."

Со други зборови, лагом е таман. Кога водата за бањање е лагом, кога шеќерот во кафето е лагом.

А кога сме кај кафето, тие никако да се решат дали се за јаки или за лесни вкусови па најчесто се решаваат за умерените видови. Такви се и за масленоста во млекото па Шведска неретко и се нарекува татковина на умереното млеко.

Самиот термин лагом потекнува од викиншките времиња и е изведен од еден израз кој значи "да стигне за екипата". А се користел во ритуалот на пиење медово вино од оние нивни рогови, кога секој требал да си земе толку вино за да има за сите во кругот.

Ете, и ние го имаме таман ама не ни врши таква работа. Можеби ние го имаме само за да покажеме дека го немаме, бидејќи најчесто, ништо не ни е таман.

22 септември 2013 - 13:20