Путин го има назначено Замир Кабулов како свој пратеник во Авганистан, чија улога е "оформување и спроведување на руската политика кон Авганистан и Пакистан". Ваквото групирање е заради руското верување дека во Авганистан ништо не може да се среди без конструктивен однос на Пакистан.
Резимето на Кабулов меѓу другото содржи дека тој бил присутен за време на советската окупација на Авганистан како ниско-рангиран дипломат во советската амбасада, но во исто време е и највисокиот агент на КГБ во земјата.
Неговата перцепција на ситуацијата е дека треба да се внимава проблемите од Авганистан да не се прелеат во "блиското руско соседство" т.е. во Туркменистан, Узбекистан и Киргистан. Во исто време тој и понатаму влече од логиката од Студената војна, по која голем проблем е стационирањето на американски сили во близина на руската сфера на интерес.
Кон крајот на 2015 Москва почнува да собира извештаи за вооружениот отпор на Талибанците против ИСИС. Анализите покажуваат дека во авганистанската филијала на ИСИС влегуваат голем број радикални Талибани кои не се задоволни од стишувањето на "верскиот жар во своите редови и подготвеноста за компромис и разговор со владата во Кабул".
Со вака разретчените Талибани, Русите почнуваат да разменуваат одредени разузнавачки податоци, што го потврдува и самиот Кабулов. Сега Русите се пред истиот проблем што Американците го имаа низ сите војни со муслиманите - како може да ги разликува умерените од радикалните Талибани, кои како организација иако се борат против ИСИС и понатаму остануваат на своето ветување за исфрлање на крстоносците од Авганистан.
Освен сотирањето на ИСИС, паралелно важен интерес за Русија е и спречување на движењето на опиумот кон руските граници. Кабулов удира по Американците по оваа основа, укажувајќи дека токму за време на американското и НАТО присуство во земјата производството на опиум се зголемува. Моментално Авганистан произведува 90% од незаконскиот опиум во светот, а најголемиот дел од тоа доаѓа од териториите под власт на Талибанците.
Иако се смета дека Талибанците заработуваат околу 400 милиони долари годишно од производство на опиум, во Москва веруваат дека во борбата против наркокриминалот Талибанците би биле подобри партнери отколку авганистанската влада.
Во заднина на сето ова е подобрувањето на односите меѓу Русија и Пакистан, кое започна во 2014 со укинувањето на унилатералното руско ембарго за продажба на оружје на Пакистан. Во 2016 двете држави одржаа заедничка воена вежба, која не беше најпријатно дочекана во Индија, со која пак Русија (плус Кина) има потпишано трилатерална спогодба за политичка, економска и инфраструктура поддршка на Авганистан. Тројството во ова има поддршка и од Иран.
Иако руската соработка со Талибанците не смее да почне да личи како христијански јуриш на ИСИС, поддршката што тие ја даваат на последниот воен непријател од Студената војна е неопходна за да се постигне "контролирана поддршка на Талибанците која нема да ја ослабе централната власт во Кабул".
Од руското министерство за надворешни работи тврдат дека контактот со Талибанците е само со цел да се обезбеди сигурноста на руските граѓани во Авганистан и да се поттикнат Талибанците да се приклучат кон процесот на национално помирување со владата во Кабул.