Лидерот на култот Шоко Асахара, заедно со 12 негови следбеници, доби смртна казна и со тоа се сметаше дека целото движење е неутрализирано. Сепак, по неодамнешните апсења на 20 луѓе во Русија, како и на педесетина луѓе од поранешните советски републики и Русија во Црна Гора, за кои се води истрага заради нивна поврзаност со групата, целата тема почнува повторно да се актуелизира.
Основачот на култот, Шизуо Мацумото, роден 1955 во сиромашно семејство од југот на Јапонија, лечел со акупунктура, а во 1984 отворил школа за јога во Токио, тврдејќи дека самиот е извор на духовна моќ. Излегувал во јавноста со соопштенија дека е свет воин, чија должност е да го спаси светот и да го реставрира „оригиналниот" будизам. Го зел монашкото име Шоко Асахара, а неговите учења станале мешавина на хиндуизам, будизам и апокалиптични христијански пророштва. Приврзаниците главно му биле студенти, од добростоечки семејства, кои - како што им ветил учителот - требало да бидат единствените кои ќе ја преживеат апокалипсата. Таа според него треба(ло) да се случи најпрвин во 1996, а потоа помеѓу 1999-2003. Една од причините можела да биде Трета светска војна, која би се случувала помеѓу САД и Јапонија.
Но целата работа не останала на пророштва и подготовки за крајот на светот. На 20 март 1995 се случил нападот со сарин, чија цел била „свет обид за поткревање на проколнатите души на овој свет кон повисоко духовно ниво".
За да се омекне насилната историја на групата наследникот на Асахара, Фумихиро Јоју, кој станал шеф на московската „експозитура" го менува името во Алеф и формира помала група наречена „Кругот на виножитото". За неа се вели дека дејствува во поранешните советски републики, од распадот на СССР во раните 1990. Од луѓето поврзани со култот кои се уапсени во Црна гора во март 2016, 43 биле од Русија, седум од Белорусија, тројца од Украина и еден од Узбекистан.
Во текот на претресите пак на домовите и местата каде се собирала групата најдени се обредни предмети и адреси на уште десетина припадници. Сепак, целата бројка на следбеници во Русија се проценува на дури 30,000.
Зошто Русите, со толку силна христијанска традиција, би биле привлечени кон еден ваков култ? Едно од можните објаснувања е дека ним им треба религија на чие чело стои моќен лидер, кој нуди „унифицирачка вистина за општеството". Но други велат дека привлечноста на кој и да е култ или тоталитарен колектив, како на пример ИСИС, во основа се сведува на привлечност кон идејата за „братство" и копнежот за личен спас.