„На спектарот на светски неправди, целосно признавам, дека актот на добивање покана за филантропски самит и потоа истата да ти биде отповикана воопшто не се ни рангира. Сепак, во време кога општеството се бори да се справи со прашање на моќ и инклузивност, можеби ова и вреди да се истражи. Барем на минута или две,“ пишува Моника Левински во својот текст за Ванити феир.
Левински ја добива поканата за настанот еден месец однапред, и речиси веднаш го потврдува своето присуство. Неколку дена пред отворањето (за иронијата да биде поголема ова се случува еден час пред таа да треба да држи говор на конференција за правата на жените) на неа и' се јавува организаторот и и' кажува дека има проблем со поканата. Проблемот е што Бил Клинтон ќе го отвора самитот, по што ќе си замине.
Прво нешто што кажува Левински е „да погодам - повеќе не сум поканета?“ На што од организацијата ја осигуруваат дека секако нема шанси да се случи такво нешто.
„Многу пати до сега сум го минала ова - да ми повлечат покана за професионални и социјални настани со ’цел да се избегнат какви било непријатности’ или ’за да не се налутат одредени луѓе’ откако организаторот или домаќинот ја прегледал листата на гости и повторно размислил за моето потенцијално присуство,“ објаснува Левински.
Како што објаснува, кога сфаќа дека Бил Клинтон ќе го држи првиот говор таа нема никаков интерес да го гледа отворањето „а можам да претпоставам дека чувството беше обострано.“ Немајќи намера да ја наруши позитивната работа што ја врши самитот, таа како решение предлага да пристигне половина час по говорот на Бил.
„Неколку часа подоцна, бев информирана дека ни тоа нема да може. Ми беше предложено, како компромис, да го посетам само ручекот по настанот.
За мене интересот во самитот беше да чујам говорници како Ема Гонзалес и други од децата од Паркленд; Никол Хокли од Сенди хук промис; Лин-Мануел Миранда, Вес Мур и Шон Паркер, околу начините на кои фундаментално го менуваат светот на подобро. Не ми беше заради ручекот.
Преку посредник ми беше кажано дека моето присуство, кога веќе ќе доаѓа претседателот, ќе ја помати пораката на самитот и главната вест ќе биде: Бил Клинтон и Моника Левински... во иста соба. И покрај тоа што не би биле. Исто така ми беше пренесено дека организаторите цела година работеле за Клинтон да ги претстави децата од Паркленд. Што е интересно ако се има предвид дека трагедијата во Паркленд се случи во февруари годинава,“ пишува Левински.
Понудата што и ја оставаат е или ручек или ништо, а ако се согласи како бонус ќе добие и можноста да напише текст за Таун енд кантри магазинот.
„Моите домаќини сакаа да ме стават во позиција која е толку непривлечна што јас би одбила - и нивниот проблем ќе беше решен.
И пред една година, токму тоа би се случило. Како и во 19-те години претходно, ќе си дозволев да бидам посрамена и да не присуствувам. И подеднакво важно, како по некој премолчан договор, јас ништо јавно не би рекла.
Овој пат, решив, заеби. Луѓе, 2018 е. Застанав и јавно проговорив за срањата.
Ок, беше мал социјален блам. Меѓутоа под сето тоа, имаше некои интересни лекции за застарените структури на моќта, за застарените начини на размислување и однесување, во еволвирачките дефиниции за инклузивност - и за последиците кои следуваат кога немарно ќе решиш да исклучиш некого,“ пишува Левински.
Коментирајќи ја изјавата на портпаролката на Клинтонови, дека ниту Бил, ниту неговите луѓе немале поим за поканата и дека таа била повлечена, Левински пишува „јас верувам дека ниту тој, ниту неговата канцеларија е виновна за моето враќање.“
„Сепак, пораката е важна заради она што не беше кажано. Иако ситуацијата беше непријатна, со тоа што не беше спомнато ништо за тоа дека таквото однесување беше неприфатливо, се испраќа премолчана порака на одобрување.
Не само што се однесува на мене лично, туку уште поважно, за тоа што ова го кажува околу овие ситуации за секоја - жена, малцинство, или личност која ќе се најде на послабата страна на равенката и може да биде тргната на страна. Па не ли беше ова изгубена шанса за овој многу важен разговор да напредува?
Моментално се случува генерациска промена во тоа како општеството гледа на моќта и влијанието и која е мерката: кој го има, и кој го заслужува. Посебно како, во ерата на #МеТоо и Тајмс ап, членовите на естаблишментот треба да одговараат по повисоки стандарди. Меѓутоа во овој момент од времето, помислата дека јас можам да бидам така лесно отфрлена изгледа назадна и очевидно апсурдна,“ порачува Левински.