Парот трга со метли да ги чисти смрдулките од ѕидовите, двајцата забележително слабо облечени за ваков подвиг. Комбинацијата на студена есенска вечера и топлина која зрачи од нивните тела, ги привлекува бубачките кон нив. Смрдулките ги собираат на куп, но не ги убиваат, затоа што од претходно знаат дека миризбата ја испуштаат кога ќе бидат смачкани. Откако неколку пати го празнат купот преку балконската врата, сфаќаат дека секој пат кога ќе ја отворат вратата за да го направат тоа, им влегуваат повеќе смрдулки.
По 45 минути борба тие успеваат да ја исчистат собата, по што истоштени гасат светло и легнуваат во кревет. Само неколку моменти подоцна, почнуваат да слушаат галама. Двајцата скокаат од кревет, ги палат светлата и почнуваат да бараат смрдулки. Сопругата во еден момент ја трга уметничката слика обесена на ѕидот, и открива дека задниот дел целосно е прекриен со смрдулки. Истото и се случува и кога ги отвора фиоките од наткасните.
По ова почнуваат втора офанзива, тресејќи ги завесите од каде што излегуваат уште стотици смрдулки. Сето ова, заедно со постелнината го ставаат за перење. Местат нови чаршафи и навлаки, и легнуваат. За неколку моменти смрдулки почнуваат да им паѓаат од таван.
„На крај, парот го минува најголемиот дел од вечерта за да ја направи спалната прифатлива за живот, меѓутоа од таа вечер никогаш повторно не живееа без смрдулки,“ пишува Кетрин Шулц.
Половина година пред инцидентот на брачниот пар, биолог од Мериленд решава да изброи колку вакви смрдулки ќе убие во својот дом, се откажува по шест месеци и убиени 26.205 смрдулки. Во отприлика исто време ентомолог од Вирџинија документира 30.000 смрдулки во шупа. Во Западна Вирџинија вработени во банка едно сабајле ја наоѓаат фасадата на својата банка прекриена со смрдулки.
Она што ги прави овие смрдулки уникатни, не е само тенденцијата да се собираат во екстремно големи бројки, туку нивната сестраност и способност да направат штета како дома, така и во земјоделството. Обично штетниците се поделени по сектори, или прават штета на принос или ти го згадуваат животот дома.
„Од 5.000 видови смрдулки во светот, кафеавата мраморна смрдливка е најдеструктивна, најдосадна, и веројатно најгрда,“ пишува Шулц.
Видот потекнува од Кина, Јапонија и Кореја. Во САД доаѓа во 1996, и моментално овие смрдулки ги има во 43 од 48 континентални сојузни држави во САД.
Кога во 1998 во Универзитетот Пенсилванија стејт се донесени првите примероци од бубачката, ентомологот Карен Бернхард од прва не ги препознава и не знае што се. Таа ги испраќа во уште неколку центри низ САД, меѓутоа никој никогаш претходно ја нема видено бубачката. Добива информација дека е смрдулка, ама ништо повеќе од тоа. Плус и ова и е сомнително бидејќи стандардните смрдулки не се домашни штеточини.
Дури есента 2001 таа успева да дојде до нов пакет од идентични бубачки и ги носи кај ентомологот од Корнел, Ричард Хобеке, кој се занимава со инвазивни видови. Во рок од неколку седмици Хобеке утврдува дека станува збор за кафеави мраморни смрдулки, првите што некогаш се идентификувани во Западната хемисфера.
Хобеке по ова оди во Пенсилванија за да ги види смрдулките во нивната природна средина. Кога стига таму тој е запрепастен од нивната бројност. Заедно со неколку колеги утврдува дека првиот примерок стига во САД во 1996, во Алентаун, и тоа највероајтно на палета на пратка од Кина.
Паралелно со ширењето низ САД, смрдулките се шират и во Канада, Чиле и речиси цела Европа до Кавказ.
Самите бубачки се катастрофално лоши летачи, што е и една од причините како сето ова време тие се немаат нешто посебно раширено вон 4-5 држави во кои живеат со векови. Тоа што не знаат да летаат крајно добро го надополнуваат со својата способност да се закачат на нешто или да се скријат на прекуокеански патувања.
Нивното освојување на нови територии не започнува ни најмалку агресивно. Според научниците постои 5-6 годишна пауза од времето кога смрдулките пристигнуваат на едно место и кога нивната популација почнува масовно да се шири.
Циклусот на смрдулките е 9 месеци криење (есен, зима и пролет) во куќи, станови и сличен простор, и потоа 3-месечен јуриш (лето) на блиските градини, дрва, фарми, овоштарници.
Додека мноштвото штетници обично се еволуирале и се специјализирале за одредена култура или растение, научниците до сега имаат преброено дека кафеавите мраморни смрдулки консумираат над 250 видови растенија, од сите групи: зеленчук, овошје, бобинки, јатки, памук, грозје, житарки и речиси се останато. Една од причините за нивниот успех во уништувањето на плодовите е што заради долгите нозе не ја допираат површината која е прскана со пестициди, и не се хранат со надворешноста на плодот туку ја цицаат нивната внатрешност, каде заради разбирливи причини нема пестициди.
Дури и без човечките живеалишта смрдулките можат да ја преживеат зимата, криејќи се под кора на дрво или под камен, меѓутоа сеприсутноста на луѓето крајно ја олеснува целата работа.
Ако е некаква утеха, смрдулките се размножуваат надвор, не во домот, а женките ги положуваат јајцата во текот на летото, по 20 до 30 на околу 7 дена, во просек по 240 јајца по женка, на долната страна од листовите. Тие излегуваат 4 до 5 дена подоцна и наликуваат на бубамара, а крајниот изглед го добиваат во рок од 5 недели. Потребни им се 2 недели за да достигнат полна сексуална зрелост и да се размножуваат. Во потопли клими тие можат речиси веднаш да почнат да се размножуваат, носејќи и до 5 нови генерации за една сезона.
Кога доаѓаат поладни денови сите тие почнуваат да се прибираат во најблиското човеково живеалиште, и тоа по најразлични рути: преку врата, оџак, цевки, дупки во кров, дупки во фасада, клима, отворени прозори...
„Истражувањата покажаа дека им треба процеп од само 7 милиметри за да влезат некаде... заради што е речиси невозможно да го заштитиш својот дом,“ пишува Шулц.
Откако ќе влезат во објект, смрдулките наоѓаат место што им се допаѓа, а другите им се приклучуваат, повикани преку ширење на феромон. Кога ќе почнат да доаѓаат новите смрдулки, таму остануваат до пролет „и можат да се соберат не само во неверојатни бројки, туку и со неверојатна густина.“ Една од карактеристиките е што сакаат да се собираат на што е можно повисоки места, па речиси е невозможно да ги најдеш во подрум, меѓутоа редовно ги има на горни катови или во поткровје. Истражување на студентски домови од 2014 покажало дека на колку повисок спрат била една соба, толку повеќе смрдулки имало во нејзе.
Причината зошто се толку лесни за фаќање зимно време е затоа што влегуваат во еден вид хибернација, во која не само што се летаргични, туку не можат да се размножуваат, немаат потреба да јадат, и иако можат да ползат и летаат, тоа го прават уште полошо отколку вообичаено.
„Како резултат на оваа здрвеност, смрдулките претежно остануваат на едно место, па дури дома да ги имаш и илјадници, најверојатно нема да ги доживееш како поплава, туку како повремено капење.
Две ќе ти се појават на вратата, трета на каучот, а четврта ќе одмара на сред паркет уморна од нејзиното патување. Само што си се отарасил од овие, ќе најдеш една на ќошот од мониторот или врз сапунот,“ илустрира Шулц.
Најголемиот проблем со смрдулките низ дома не е дека ќе ти направат штета туку дека се одвратни, а притоа не се ни најмалку дискретни, напротив летаат колку што можат погласно и колку што можат понепрецизно, лупајќи се во што е можно повеќе прозорци и ѕидови. За разлика од другите штетници, тие не се нешто посебно привлечени од храна и пијалаци низ домот, ама па и не ги одбиваат ако дојдат до нив.
Убивањето смрдулки е посебна драма, бидејќи тие истовремено се екстремно лесни и екстремно проблематични за убивање. Кога ќе ги видиш не се нешто посебно брзи и спретни да избегаат, ама затоа па кога ќе дојде крајниот чин, тие заминуваат оставајќи зад себе што е можно поодвратна миризба.
За сега единствена успешна метода во справување со нив, е да ги фатиш колку можеш побрзо, со обемна количина на тоалет хартија, да ги смачкаш и во канта.
Едно од решенијата што го разгледуваат Американците е пуштање на природниот непријател, самурајската оса, која во Азија уништува меѓу 60 и 90 проценти од јајцата на смрдулката. За овој вид оса се знае дека не напаѓа луѓе и дека не е штетна за земјоделството, ама не се знае како ќе реагира со остатокот од новата средина.