Членовите на британското претставништво на Гринпис успеваат да договорат професори од (ни помалку ни повеќе) Принстон и Пен Стејт да објават академски статии во кои се промовираат бенефитите од јаглерод двооксидот и позитивното влијание што јагленот го има врз сиромашните.
Еден од професорите е Вилијам Харпер од Принстон, кој пред Нова година сведочеше пред американскиот Конгрес околу заштита на дебата со која се негираат климатските промени.
Кај Харпер, луѓето се претставиле дека се од компанија за производство на нафта и гас од Блискиот Исток, притоа инсистирајќи да не може да се влезе во траг на нивната донација за извештајот што ќе го напише професорот. Харпер за ова разговарал со лобист близок на Ексон, кој предложил парите да се префрлат преку Донорс трустот, организација за анонимност на донатори, позната како "мрачниот банкомат" на конзервативците.
Тие се обратиле во трустот, дали би примиле пари од Блискиот Исток, на што добиле одговор дека не е никаков проблем се додека парите доаѓаат од сметка во американска банка.
Кореспонденцијата со Харпер покажала и како тој имал разработено цела измама околу рецензиите на научните трудови, која одела преку фондацијата Глобал ворминг полиси, британски тинк-тенк кој е скептичен околу климатските промени. Харпер признава дека да не е фондацијата и нивните рецензии, неговите трудови тешко дека би го минале стандардниот академски процес на ревизија, и никогаш не би биле објавени.
Слично разработена пракса имал и социологот од Пен Стејт Универзитетот, Франк Клементе, кој требало да објави труд што "ќе се спротивстави на штетните истражувања кои го поврзуваат јагленот со предвремените смртни случаи (посебно бројката на СЗО спроед која годишно 3,7 милиони луѓе умираат од загадувањата од фосилни горива)."
Клементе дозволил тој да биде цитиран дека дава поддршка на извештајот, вклучително и неговата позиција и универзитет, и сето ова по цена од 15.000 долари за труд од 8 до 10 страници.