1. Сите гледаат во Украина
Цената на енергенсите, инфлацијата, каматните стапки, економскиот раст, недостатокот од храна - сè тоа зависи од како ќе се развива конфликтот во месеците што следат. Силна контраофанзива на Украина би можела да го загрози Путин, но пат-позицијата изгледа како пореална опција. Русија ќе се обиде да го заостри судирот, и ќе смета на тоа дека недостатокот од енергенси и можната политичка смена во САД, ќе ја олабават поддршката за Украина.
2. Се наѕира рецесија
Големите економии ќе влезат во рецесија затоа што централните банки ги подигаат каматните стапки за да ја сопрат инфлацијата, која дојде како последица од пандемијата а дополнително се вивна како резултат на високите цени на енергенсите. Американската рецесија би требало да е релативно блага; ама во Европа ќе биде брутално. Штетата ќе биде глобална затоа што силниот долар оди на штета на сиромашните земји кои се веќе погодени од растечките цени на храната.
3. Среќа во несреќа за климатските промени
Брзајќи да обезбедат залихи на енергија, многу земји се враќаат кон фосилни горива. Сепак, на среден рок војната ќе го забрза преминот кон обновливи извори на енергија, како алтернатива што дава поголема автономија од јаглеводородот, што е во ресурс во сопственост на автократи. Освен ветерниците и соларните панели, на среден рок ќе се актуализираат и нуклеарната енергија и хидроелектраните.
4. Дали Кина го достигна врвот?
Во април, се очекува Индијците да ги надминат Кинезите по бројност, и се очекува да бидат околу 1,43 милијарди. Со популација во опаѓање, и економија соочена со пречки, во 2023-та често ќе се зборува за тоа дали Кина го достигнала својот максимум. Успорениот раст може да значи дека кинеската економија нема да ја прејде американската.
5. Поделена Америка
Иако републиканците поминаа полошо од тоа што се очекуваше на изборите на средина од мандатот, општествените и културните поделби по прашања како абортусот, давањето пари за оружје и други теми продолжуваат тлеат, и дополнително се вжештени по низата спорни пресуди на Врховниот суд. Одлуката на Трамп да се кандидира за претседател во 2024-та исто така долева бензин на огнот.
6. Можност за нови жаришта
Војната во Украина го зголемува ризикот од конфликт и на други места. Со изолацијата на Русија, избиваат конфликти во нејзината непосредна близина. Кина можеби ќе процени дека нема подобар момент да се нападне Тајван. Може да дојде до ескалација на тензиите меѓу Индија и Кина на Хималаите. И, дали Турција би можела да се обиде да заземе грчки остров во Егејското море?
7. Промени во сојузите
Во согласност со новите геополитичките превирања, НАТО, ревитализиран од војната во Украина, ќе прими две нови членки. Дали Сaудиска Арабија ќе се приклучи на Аврамова спогодбата (серија заеднички изјави за нормализација на односите меѓу Изареал и дел од арапскиот свет)? Други здруженија што стануваат сè поважни се Quad и aukus (два клуба под американско водство создадени да се справат со растот на Кина) и i2u2 - не рок бенд, туку сојуз за соработка што ги вклучува Индија, Израел, ОАЕ и САД.
8. „Одмазднички туризам“
Во обид да надоместат за пропуштеното за време на ковид, луѓето се впуштија во „одмазднички“ туризам, а потрошувачката од истиот наскоро ќе се врати на нивото од 2019-та година од 1,4 милијарди долари - ама само затоа што инфлацијата ги подигна цените. Реалниот број на меѓународни туристички патувања, од 1,6 милијарди, и понатаму ќе биде под нивото од пред пандемијата, односно 1,8 милијарди во 2019. Службените патувања ќе останат разретчени, затоа што компаниите се обидуваат да ги смалат трошоците.
9. Метаверс: ријалити чек
Дали идејата за работење и играње во виртуелни светови ќе излезе од рамките на видео-игрите? 2023-та ќе даде некои одговори, додека Епл ги лансира своите први слушалки, а Мета се мисли дали да ја промени стратегијата заради падот на акциите.
Во меѓувреме, помалку комплицирана и веднаш корисна би била транзицијата од пасворди на passkeys.
Гледано наназад, пандемијата означи крај на релативната стабилност во геополитичка и економска смисла. Денешниот свет е многу понестабилен, згрчен од јазли и ривалства меѓу големите сили, уште потреси околу пандемијата, економски премрежја, екстремни жештини и брзи друштвени и технолошки промени. Непредвидливото е новото нормално. Од тоа нема бегање. Сепак, се надеваме дека овој напис помага во тоа посигурно да се соочите со новата реалност.