Русија и Украина ја спукаа на Твитер

Расправата меѓу официјалните Твитер сметки на Русија (@russia) и Украина (@ukraine) почна со една кралица од 11-от век, а заврши со Симпсонови. Или барем само застана таму.

Борбата е околу Ана Јарославна, или Ана од Киев, или Ана Руска, која преку бракот со Анри Први станува француска кралица. Според едните таа е Украинка, според другите, Русинка.

Први почнаа Украинците кои беа погодени од изјавата на Владимир Путин за време на посетата на Франција. Путин тогаш ги пофали историските врски меѓу рускиот и францускиот народ и ја спомна "Ана Руска" принцезата на киевските Руси, средновековна империја која денес се наоѓа на територија на Украина.

Украинската верзија е дека Ана е родена и израсната во Киев, денешниот главен град на Украина, и во твитот ги потсетија Русите дека во тоа време додека Киев бил космополитски град, Москва воопшто не ни постоела.

Русите вратија дека се горди на заедничката историја што ја споделуваат со Украинците и Белорусите. И ги потсетија дека уште пред 1050 година, во Велики Новгород е изградена катедралата Св. Софија.

Ритрнот на Украина на делот околу заедничката историја беше еден гиф од Симпсонови.

Во анализата на целиот случај, од Кварц толкуваат дека "целта на Русија е да го поткопа националниот суверенитет на украинската држава со тоа што ќе ги минимизира нејзините разлики во однос на Русија." На ова се надоврзува и говор на Путин од 2014 по анектирањето на Крим, каде тој го нарекува Киев "колевката на руските градови" порачувајќи дека Киевските Руси се "заедничкиот извор" на Украина и Русија.

 

3 јуни 2017 - 13:18