Пакетите што ги дели владата меѓу другото содржат ориз, масло за готвење, житарки и млеко во прашок, и се испорачуваат еднаш месечно на околу 6 милиони семејства. На прва не изгледаат ништо посебно, ама се сериозна помош во земја во која голем број од населението е на раб од гладување.
Кутиите со помош се обележани со ликот на Мадуро и ликот на поранешниот претседател Хуго Чавез.
Првиот човек на програмата за делење на помошта отворено зборува за нејзината цел, изјавувајќи за Ројтерс „тие се инструмент на револуцијата, кој ни донесе победи на избори и ни овозможи да продолжиме да победуваме.“
Кутиите не се делат бесплатно, туку се само сериозно субвенционирани од властите, и секој што е примател на помошта плаќа по 25.000 боливари или 0,12 долари за пакет.
Заради комбинација на санкции, ниска цена на нафтата и бојкот на венецуелската влада од страна на Западот, речиси 90% од жителите на Венецуела живеат во сиромаштија, а голем дел од популацијата почна да слабее, симнувајќи во просек 9 килограми во текот на минатата година. Моментално цените на храната се пораснати за 6.150% во споредба со минатата година.
Само од август 2017, 250 илјади жители на Венецуела имигрираа во Колумбија.