Членовите на комисијата прилично биле сомничави кон изводливоста на долгорочната мисија на Марс, и тоа по две основи: парите што би биле потребни за неа (далеку повеќе од сегашниот годишен буџет), и значителниот скок во развојот на технологијата.
На овие два проблема се надоврзува и сведоштвото на поранешниот функционер на агенцијата, според кој НАСА нема детално планирана стратегија за остварување на желбата да стигне до Марс. Тие моментално работат на изградба на ракетата СЛС (Space Launch System) и капсула за екипажот наречена Орион, кои би требало да ги однесат првите луѓе до Црвената планета. Меѓутоа за комплетирање, на планот на НАСА меѓу другото ќе и требаат модули за живеење на Марс, систем за слетување и систем за лансирање кој ќе помогне за патувањето назад. Моментално агенцијата нема прецизни планови за ништо од ова.
И предвидениот распоред не е баш најјасен. Тест летот на СЛС и Орион е закажан за 2018, и тука завршуваат сите планови околу иднината на ракета. Следен рок е 2023-та до кога најкасно треба да се спроведе првиот лет на Орион со екипаж, ама не до Марс.
По ова сослушувањето пред комисијата преминало на тема пари, каде експертите ја растуриле НАСА предвидувајќи дека ќе и требаат околу 500 милијарди долари за да стигне до Марс. Огромен дел од парите се потребни за истражување и создавање нови технологии и решенија за патувањето. Моменталниот годишен буџет на НАСА е неполни 20 милијарди долари.
Советот од комисијата е дека ако се има предвид колку пари и требаат на НАСА, и тоа што е изборна година, најдобро ќе биде агенцијата да развие конкретен план кој ќе биде клучен за добивање на средства и поддршка од новата администрација. Во спротивно може да им се случи укинување на програмата.
Двајцата експерти кои сведочеле, препорачале НАСА да ја гаражира мисијата за Марс и наместо тоа да се сконцентрира на враќање на Месечината, затоа што "тоа е подеднакво возбудлива и изводлива цел," па таму да се направи попатна станица за полнење гориво за идните подалечни мисии.