Пацифик Стандард: Да зборуваме за трибализмот. Како прво, дали е тоа прецизен термин за опишување на нашето групирање во различни кампови кое се случува денес?
Саполски: Апсолутно, тоа ни е од приматите. Најлесните симболи за кои се фаќаме кога одредуваме „наши“ и “нивни“ се инстинктивни. Приматите се „швајцувани“ на дихотомии од типот „наши - нивни“. Мозоците ни го детектираат тоа за помалку од 100 милисекунди. Како гледаме на работите се формира од несвесни процеси. Тој факт знае да биде бескрајно депресивен. Хормон каков што е окситоцин нè прави фини кон „нашите“ и груби кон „нивните“. Наши и нивни се фундаментални расцепи во нашите мозоци.
Истовремено, факт е дека сите ние припаѓаме на повеќе различни племиња и многу е лесно да бидеме манипулирани кои се „наши-нивни“ во даден момент.
Вистина е, но постојат многу истражувања кои велат дека нашите различни идентитети почнуваат сè повеќе да се постројуваат, па либерали и конзервативци купуваат во различни продавници, гледаат различни филмови и серии.... Нели е тоа опасен тренд?
Се согласувам. Процентот на луѓе кои имаат пријатели со различни политички погледи се намалува. Шансите за брак со некој со различна политичка ориентација исто така одат надолу. Така е и заради начинот на кој функционираат социјалните мрежи кои водат кон поларизирана атмосфера.
Го вадиме најлошото од себе кога сме опкружени со луѓе кои се согласуваат со нас. На пример, посветената религиозност не е индикатор за екстремизам. Индикатор не е ни посветеноста кон верските ритуали. Но групната посветеност на верски ритуали е. Студиите покажуваат дека поддршката за тероризмот во претежно муслиманските земји не е поврзана со тоа кој колку пати се моли, ниту пак колку се придржува до постовите туку со тоа колку пати некој се моли во џамија. Истото важи и за десничарските еврејски екстремисти во Израел. Кога некои свети вредности се реафирмираат групно, тогаш работите стануваат застрашувачки.
Сведоци сме на пораст на национализмот во целиот свет а тоа повлекува и зголемена толерантност кон автократски лидери. Тоа често се објаснува како реакција на глобализацијата: Ако МекДоналдс го има насекаде, луѓето чувствуваат загрозеност на нивниот национален идентитет и бараат начини него да го потенцираат, дури и на агресивни начини.
Глобализацијата значеше дека луѓето почнуваат да живеат на места на кои не биле насадени, што значи околу луѓе на кои не се навикнати. Во принцип, тоа може да биде прекрасно и позитивно - контактот со поинаквите може да нè води кон сознание дека под кожата - сите сме исти. Ама знаеме дека глобализацијата направи сè друго освен тоа.
Глобализацијата овозможи различни места кои се чувствуваат економски и културно несигурни, да изнедрат дежурни виновници.
Значи, ако некој ти е крив за нешто, можеш да го најдеш и на твојата улица.
Барањето дежурни виновници им е неверојатно блиско на сите цицачи. Зошто? Затоа што се чувствуваш подобро! Ако имаш стаорец кој си го дрмнал со струја, еден од најдобрите начини тој да си ги намали своите хормони на стрес е да се сврти и - да гризне друг стаорец„ Околу 50% од целата агресија кај бабуните е таканаречена „дислоцирана агресија“. Ако имаш лош ден, усукај му се на некој послаб. Тоа е вграден механизам за сите општествени животни кога се во болка.
Пишувате дека меѓу луѓето постои многу поголема нееднаквост отколку кај другите видови. Зошто е тоа така?
Заради нашата психолошка софистицираност. Другите примати можат да добијат ќотек од посилните браќа, или да нема место за нив под стреа кога врне, или некој да најде нешто фино за јадење а да му биде одземено од појакиот. И отприлика толку. А човек може да чувствува инфериорност и кога вози на улица и гледа дека другите имаат поубави коли. Или да е дома и да гледа серија „Животот на богатите и славните“ и пак да се чувствува безвредно.
Кога ги гледате врските меѓу социо-економскиот статус и лошото здравје кај западните луѓе, тоа нема никаква врска со достапноста на јавното здравје. А и факторите на ризик од нивниот животен стил имаат мало влијание. Клучен елемент се психолошките последици на тоа да се чувствуваш сиромашен. Субјективната перцепција на сопствениот општествен статус е најдобар прогнозер на нивното здравје. Со други зборови, не е тоа што си сиромашен што ти го загрозува здравјето, туку што се чувствуваш како таков. А најдобар начин да го направиш човек да се чувствува така е да му го триеш носот со тоа. И после, тоа го менува целиот негов свет - од тоа што ќе избегнува директно да гледа други во очи до тоа што полицијата нема да му верува.
* целото интервју - тука