По закон владата на Меј не може да го потпише договорот со ЕУ за брегзит без одобрение на парламентарците, а изминативе неколку седмици почнува да наликува дека Парламентот ќе го отфрли секој договор. Според Економист, лабуристите, опозицијата, има поставено 6 пречки за договорот, кои изгледаат невозможни да се поминат. Во исто време, конзервативците, владејачката партија, е во бунтовничка состојба, па периодов двајца водечки министри за брегзит ја напуштија владата на Меј.
Во ваква атмосфера малку е веројатно дека пратениците ќе изгласаат што било што кон крајот на годината Меј ќе донесе од Брисел, „а ако не го направат тоа, Британија би можела да биде исклучена од ЕУ на 29 март 2019 без никаков договор.“
Една од опциите е целата работа да се одглави со нови парламентарни избори, кои на премиерката, теоретски, би и дале поголемо мнозинство доволно за да го истурка брегзит. Иако стои како опција, ова е прилично ризично бидејќи последниот ваков обид на Меј во 2017 заврши со намалување на нејзиното парламентарно мнозинство.
Втора опција која полека почнува да проникнува е нов референдум за брегзит, реванш кој поборниците за останување во ЕУ го бараат уште од првиот ден по гласањето во 2016. Колку и да влева оптимизам ваквата помисла, таа е значително проблематична за спроведување. Прво истиот овој Парламент би требало да донесе одлука за референдум, па тој да се организира за кратко време (што би било 4-то гласање во Британија во последните 4 години) и да се добие продолжување на рокот од ЕУ за исклучување од Унијата.
Оваа идеја не дека е незамислива политички, заменик лидерот на Лабуристите пред неколку дена изјави дека „би било грешка“ комплетно да се тргне вториот референдум како опција во време Парламентот не може да изгласа предлог. Во исто време шкотските Националисти најверојатно нема да се спротивстават на втор референдум, а на сличен памет се и Либерал демократите. За разлика од нив Меј ја има отфрлено идејата за втор референдум, „ама пред неколку години отфрли и дека ќе има вонредни избори.“
Вториот референдум би бил вонреден и по неговата содржина, па наместо избор меѓу два можни одговора, тој веројатно би содржел три: останување во ЕУ (поништување на брегзит); прифаќање на договорот што Меј ќе го договори со Брисел; или брегзит без договор со ЕУ. Од Економист во равенката го додаваат и „надворешниот фактор“, па според нив доколку почне да се тркала идеја за референдум со вакви опции, тоа би било стимул за ЕУ да и го даде најлошиот можен договор на Британија во надеж дека ќе биде одбиен од народот и земјата ќе остане во Унијата.
„Меј будалесто ги потроши минатите две години на повторување на блефот кон Брисел ’никаков договор е подобар од лош договор’. И сега е пред опасен ризик британската јавност да ја држи за збор,“ се објаснува во текстот за Економист.