На Америка и снемуваат суперлативи за да опише колку се чести вооружените масакри

Масакрот во Флорида е најсмртоносното пукање во училиште во последниве 5 години. Пред 5 години беше масакрот во Сенди Хук во кој беа убиени 20 деца и 6 возрасни. Од друга страна ова е 18-то пукање во американските училишта, само за годинава.

 

Според официјални бројки ова е 1.607 пукање во американските училишта од Сенди Хук. Со други зборови, од Сенди Хук до денес во САД има повеќе од едно масовно пукање на ден, во кои се изгубени 1.864 животи.

Откако го спроведува својот ужасен план, 19-годишниот убиец, кој за разлика од некои свои претходници нема намера да загине во пукањето, успева да се претопи меѓу останатите ученици и бега од училиштето, за подоцна да е уапсен во соседниот град. Надзорникот на јавни школи во Брауард каунти, под чија јурисдикција паѓа и Мерџори Стоунмен Даглас, за убиството веднаш ја обвини „лошата состојба на американското ментално здравје.“ Објаснувањето кое е речиси како напишано од десницата и лобито за продажба на оружје, според кои проблемот не е во достапноста на оружјето, туку во менталното здравје на Американецот.

Проблемот со ваквото објаснување е што во сите останати богати држави низ светот, со слично споредливи индикатори на здравје, има занемарлив број на убиства од огнено оружје. Убиствата со оружје во САД се 25 пати почести отколку во следните 22 најразвиени држави заедно.

За распространетоста на оружјето во САД зборува и тоа што на земјата отпаѓа помалку од 5% од светската популација а речиси половина од глобалниот арсенал на оружје поседувано од цивили.

Продолжувајќи со темата „премногу оружје по дома“ Економист наведува дека на Флорида (каде што е извршен последниот масакр) над 1,4 милиони луѓе имаат дозволи за носење скриено оружје. За да се купи полуавтоматска пушка АР-15, како онаа со која е извршен масакрот, „потребна е толку површна проверка на минатото на купувачот што властите може и воопшто да не се малтретираат. Потребни се само неколку минути.“

Кога станува збор за луѓе што се на ФБИ листата на следени терористи оваа процедура не се менува никако, и истите овие луѓе што се под надзор заради опасност од извршување терористички напад не се на ниту еден начин обесправени кога е во прашање купување полуавтоматска пушка и муниција за нејзе.

„Најголемиот дел од законите околу оружје не се однесуваат на забранување оружје, туку на негово дозволување на повеќе места, вклучувајќи колеџ кампуси и цркви. Моментално низ Конгресот се пробива закон кој ќе го прошири правото на носење скриено оружје во сојузни држави кои забрануваат носење скриено оружје,“ се објаснува во текстот на Економист.

17 февруари 2018 - 17:07