Бидејќи напливот на мигранти од ЕУ беше еден од проблемите на кој поентираа брегзитерите, се очекува дека британската влада во преговорите ќе инсистира на воведување на нови правила за контрола на престојот и работата на жителите на ЕУ на островот по март 2019.
Вон политичкото поентирање, на терен повеќе организации алармираат дека им фалат луѓе за работа. Надлежното тело на инженерскиот сектор ЕФФ, предупредува дека две третини од нивните компании вработуваат жители на ЕУ бидејќи немаат доволно Британци што аплицираат за работа. Една третина се жали дека вработуваат ЕУ жители затоа што домородните кандидати не се доволно обучени и образовани за работните позиции.
Според Мерсер, една од најголемите консултантски компании на светот за човечки ресурси, само британскиот градежен сектор ќе треба да најде нови 1,5 милиони работници за да ги замени оние што се пензионираат. Моментално само во Лондон над половина од градежните работници не се со британско државјанство.
Извештај на Мерсер и Конфедерацијата за регрутирање и вработување (Recruitment and Employment Confederation, REC) покажува дека компаниите имаат проблем со вработување и на постојаните и на привремените работни позиции:
"Работодавците не само што се борат да ги ангажираат најдобрите и најобразованите, туку тие исто така имаат мака да и да пополнат позиции како готвачи, шофери и магационери," објаснува ЦЕО-то на РЕК, Кевин Грин.
Имајќи ја предвид се постарата британска популација, работната сила на островот расте само заради приливот на мигранти. Од март 2016 до март 2017, 143.000 британски работници ја напуштиле работната сила на земјата заради пензија, заминување од земјата или слично. Оваа бројка е надоместена само благодарејќи на приливот на 147.000 работници од ЕУ во истиот период.