Шеик Салман бин Ибраим ал Калифа
Член на кралското семејство на Бахреин кој успева да стане претседател на Азиската фудбалска конфедерација. Без конкуренција од Платини, шеикот се смета за главниот кандидат за позицијата благодарејќи на поддршката од азиската и африканската конфедерација.
На листата гревови на шеикот е барањето од повеќе организации за човекови права до ФИФА за терминирање на неговата кандидатура заради учеството во казнувањето на над 150 спортисти кои беа дел од протестите во Бахреин во 2011-та.
Џани Инфантино
Швајцарски Италијанец по професија адвокат кој од 2009-та е генерален секретар на УЕФА е главниот европски кандидат за замена на Блатер.
Најголема забелешка за Инфантино е токму проектот на кој тој најмногу се гордее - воведување на систем за лиценцирање и правила за финансиски фер-плеј. Тие што се против проектот сметаат дека тој е анти-компетитивен, дека ги намалува платите на играчите, дека им отежнува на помалите клубови да се натпреваруваат на пазарот на трансфери и дека само му служи на Инфантино да собере што е можно повеќе гласови од ФИФА електоратот.
Принц Али бин ал Хусеин
Во мај 2015-та принцот му беше најголема конкуренција на Блатер на изборите за претседател. Ова пред се благодарејќи на поддршката од Африка и Азија, истите конфедерации што сега Салман ги има освоено.
Според до сега сработеното принцот има најдобро портфолио: тој е главен промотор на женскиот фудбал во арапскиот свет; помогна организирање на женскиот мундијал за фудбалерки под 17 години во Јордан; еден од главните поборници за транспарентност во ФИФА; и меѓу луѓето што најмногу се залагаа за објавување на комплетниот извештај на Гарсија за мундијалите во Русија и Катар.
Токио Сехвале (оригиналот е Sexwale се изговара - "seh-wa-le")
Човекот е еден од најрадикалните анти-апартхејд активисти во Јужна Африка во 60-те и 70-те. Во 1976 е уапсен и одлежува 13 години затвор.
Тој има најмала поврзаност со фудбал од сите кандидати. Влезен е во бизнисот со дијаманти и е во бордот на неколку компании. Моментално се проценува на околу 130 милиони фунти.
Негов единствен придонес кон фудбалот е учеството во помирувањето меѓу израелската и палестинската фудбалска федерација.
Џером Шампањ
Поранешниот француски дипломат е директор во ФИФА од 1999-та до 2010-та, а пред тоа работи како консултант за повеќе меѓународни организации.
За разлика од Инфантино, кого го сметаат за поборник за статус кво, Шампањ е реформист кој во својот манифест се противи на мешањето на законите на ЕУ во работата на ФИФА и нејзиното создавање на "западно-европска хегемонија во фудбалот."