Како ЕУ го постигна својот најголем трговски договор

По 4 години исцрпувачки преговори, историскиот трговски договор меѓу ЕУ и Јапонија се крши врз еден проблем: меко сирење. Јапонците го имаат Сакура сирењето, кремаст специјалитет кој го добива својот шмек од ливчиња и цветови од планинска цреша. Европа има Камембер и Бри.

Во изминатите години преговорите се постојано на раб од неуспех заради неподготвеноста на јапонската страна да попушти околу земјоделството. Сето ова време најголемиот страв на Токио е дека увезувањето земјоделски производи од ЕУ ќе ги уништи нивните "фрагилни рурални заедници населени доминантно со земјоделци во години".

Клучниот пресврт се случува со доаѓањето на Трамп на власт во САД. Една од неговите први одлуки во јануари беше повлекување на САД од Транс-пацифичкото партнерство (ТПП), договор што Токио го смета за клучен за својата иднина. Во февруари, јапонскиот премиер оди во посета на САД и не успева да го разубеди Трамп да остане во ТПП. Кога се враќа веќе е јасно дека договорот со ЕУ е единствено решение во ситуацијата.

Во март годинава Абе ја посетува европската комисија и се среќава со Јункер со намера да ги освежи преговорите. Според дипломати во целата работа се вклучува и Меркел која јасно кажува дека сака постигнат договор пред Г20 состанокот во Хамбург, "каде таа ќе може да го парадира Брисел - Токио пактот како директен укор кон протекционизмот на Трамп".

Во средина на јуни во Јапонија пристигнува главниот ЕУ преговарач, Мауро Петричоне, кој претходно помогна да се постигнат истите вакви договори со Канада и Виетнам. Меѓу работите што тој ги договара е дека ЕУ ќе симне 10% од тарифите за јапонски автомобили во следните 7 години и дополнително ќе ги намали давачките за делови за мотор.

За возврат ЕУ ќе може годишно во Јапонија да извезе 50.500 тони говедско месо, а тарифите за говедско ќе бидат намалени од 38,5 на 9% во следните 15 години. Првичната понуда на Јапонија за оваа ставка беше само 3.000 тони. Давачките за свинско, што е најголемата извозна ставка на ЕУ во Јапонија, постепено ќе се намалуваат во следните 10 години. Давачките за вино ќе бидат укинати со воведување на договорот (кој се очекува да стартува од 2019).

Во уште една победа за ЕУ што до тогаш се смета за невозможна, Јапонија се согласува да го отвори својот железнички сектор за странски производители како Алстом од Франција и германски Сименс.

Последната рунда преговори се случува во јапонското министерство за надворешни работи. Првиот состанок почнува во 18 часот на 30-ти јуни, а завршува нешто по полноќ.  Утредента, сабота, двете страни пак се среќаваат во министерството во 8 часот наутро. Состанокот трае 12 часа, а некако се случува притоа да немаат никаков оброк туку само се освежуваат со кисела вода што ја наоѓаат во некоја од кујните на министерството.

Европскиот комесар за земјоделие, Ирецот Фил Хоган, ги притиска Јапонците да дадат годишна квота со снижени тарифи за 40.000 тони европски сирења, како Камембер и Бри. Јапонците одбиваат да попуштат околу млечните производи, во обид да ги заштитат локалните деликатеси како Сакура сирењето од Хокаидо.

Во саботата јапонскиот министер за земјоделие, Јуџи Јамамото речиси и нема простор за маневар. Од една страна го притиска моќната Централна унија на земјоделски кооперативи. Од друга страна е решителноста на Хоган.

"Според неколку ЕУ функционери кои присуствуваа на разговорите, Јамамото бил речиси во солзи и го моли Хоган да попушти," објавува Политико.

На истиот состанок, вечерта на 1-ви јули на неколку часа пред тргање за Рим, Хоган по консултација со колегите го прави првиот исчекор од пат ситуацијата: Европа ќе го намали барањето за меко сирење од 40 на 31 илјада тони, а во замена да добие речиси неограничен пазарен пристап за тврдо сирење, млеко без масти (0,1% масленост) и сурутка (што се користи во протеински шејкови).

Во 20:30 Јамамото пружа рака, и двете страни постигнуваат лактозна хармонија. Европската делегација има 17 минути за вечера пред да тргне за аеродром.

Пет дена подоцна во Брисел, лидерите на ЕУ и јапонскиот премиер Шинзо Абе објавуваат дека ЕУ и Јапонија постигнале договор за слободна трговија.