Рекордно високи температури ова лето го спржија Блискиот Исток а климатските експерти прогнозираат дека најлошото допрва доаѓа. Во следниве неколку децении, растечката популација на тој дел од светот ќе се соочи со екстремни недостатоци од вода и температури кои ќе бидат речиси неиздржливи за човечко преживување. Во такви услови, конфликтите и бегалските кризи ќе бидат далеку посериозни од оние што денеска постојат.
Дивеењето на времето е несомнен сигнал дека не религиозните или идеолошки разлики туку бруталните климатски промени се вистинскиот проблем на овој дел од светот, вели експерт на ОН.
Делови на Обединетите Арапски Емирати и Иран летово имаа топлотен индекс - мерка која освен темепратурата ја зема во обзир и влажноста - од 60 степени. Рекордни темепратури имаа и Мароко и Израел а шокирани беа и оние кои гледаа во термометри во Кувајт и Ирак. На 22 јули во Басра беа измерени речиси 54 целзиусови степени а дури и нешто потопло беше во Митрибах, Кувајт. Светската метеоролошка организација потврди дека ова се двете најголеми температури кога било измерени во источната хемисфера (од Гринич па до неговиот антимеридијан карши).
Во многу градови, каков што е Багдад на пример, уште од средината на јуни температурата се нема спуштено под 43 степени.