Објаснувајќи дека изминативе недели добар дел од британската јавност бил живо заинтересиран за трката за Сенат во Тексас и за изборите во Канзас, додека истовремено најголемиот дел од истите овие луѓе не би можеле да го именуваат премиерот на Франција, Кетл смета дека ако политичката класа „барем и мал дел од тоа внимание го посвети на политиката во земјите што се поблиску до нас и како нивната политика влијае врз иднината на Британија на начини на кои Канзас никогаш нема, тогаш таа ќе биде далеку поуверлива“.
Без разлика колку е важно она што неделава се одлучи на изборите во САД, за Европејците најважно е што исходот нема да смени ништо околу суштинските работи за улогата на Америка на Трамп во светот.
„Неделава Трамп не доживеа сериозен удар. И понатаму е поверојатно од кога и да е дека тој ќе освои втор мандат, посебно ако демократите се поделени како што се сега.
Затоа овие избори на светот му кажуваат нешто многу важно. Тие му кажуваат дека ’Америка прва’ останува, и дека таа е на пат да биде новата нормала, која не е само некоја несреќна абнормалност која може да биде ресетирана на статус-кво од 2016. Изборите покажаа дека следните две, и доста веројатно шест, години од американската меѓународна политика ќе бидат продолжување, веројатно уште поприсилно, на претходните две. Плус, не постои гаранција дека која било администрација што ќе дојде на власт во 2024 ќе биде во позиција значително да го среди уништувањето што трампизмот го оставил зад себе во меѓународната политика.
За Европејците ова значи соочување со историско прилагодување. Светот и Европа кои беа зачнати со примирјето од ноември 1918 доаѓаат до својот крај. Од тој датум наваму можеше да се смета дека моќта, интересите и симпатиите на САД ќе бидат впрегнати ако треба да и се помогне на Европа во тешки времиња, воено и финансиски, а потоа, и да се гарантира мирот и просперитетот преку мултилатерални политички, трговски и финансиски институции. Повеќе не. И веројатно никогаш повторно. Денес, политиката на Трамп за ’Америка прва’ значи дека на овие заеднички вредности и институции им дојде крајот. Односите на САД со остатокот од светот ќе бидат трансакциски.
Ова значи дека на секој сегмент од трансатлантскиот светоглед, посветен на одржување на мирот, нациите, културите и вредностите во Европа му доаѓа крајот. Значи дека Европа и државите во неа еден ден ќе се најдат себе си без природни сојузници и дека одбраната и проекцијата на европските вредностите сега е тема за која, соочени со подемот на Кина, провокациите од Русија, притисокот од мигрантите и нестабилноста од југот, Европејците мора да преземат одговорност.
’Америка прва’ ја прави ’Европа прва’ да биде неизбежна,“ порачува Кетл.