„Многу е полесно да извикуваш пароли и навреди против ЕУ отколку да ја извадиш сопствената држава од таму,“ пишува Фердинандо Џулијано во Блумберг околу излегувањето од влада на двајцата клучни британски министри за брегзит.
Тој забележува дека сличен шаблон се случува секаде каде анти-елитата ќе го крене својот глас: Грција, Италија, Британија.
„Првиот чекор е ’претерување со ветувања’ кога популистичките политичари ја убедуваат јавноста дека ќе можат да го испорачаат сето она што нивните меинстрим противници не успеале да го постигнат. И ова речиси задолжително вклучува добивање дополнителни отстапки од ЕУ, кои се неспоредливо супериорни во однос на се што претходно било видено,“ пишува Џулијано.
Кај Џонсон на пример ова беше ветување дека ем ќе го задржи пристапот до заедничкиот пазар, ем ќе ја спречи и затвори целата миграција што доаѓа од континентална ЕУ. Нормално, не постои политичар во Британија, ниту во која било од членките на ЕУ, кој би можел да ја изнуди оваа погодност од Брисел. (За европските лидери, слободата на движење на труд, добра, услуги и капитал се четирите столба европскиот пазар.)
Ципрас дојде на власт ветувајќи дека ќе успее да го затвори проблемот со грчкиот долг кон Тројката, по многу поповолни услови отколку неговите претходници. Во Италија движењето пет ѕвезди со години ветува дека ќе ја натера ЕУ да и дозволи далеку поголем буџетски дефицит отколку границата што важи за целата Унија.
„Втората фаза на популизмот е ’победата’ кога јавноста и дава шанса на анти-елитата да ги исполни своите ветувања. Џонсон и Дејвис (двајцата министри што неодамна ја напуштија британската влада) беа донесени во кабинетот на Меј со цел да го оформат планот за брегзит. Дејвис дури беше назначен за главен британски преговарач со ЕУ. А сепак за две години тој не успева да најде изводлива алтернатива на мек брегзит, стратегијата што ја прифатија Меј и нејзините министри,“ објаснува Џулијано.
Како што минува времето, ЕУ се покажува комплетно имуна на сите предвидувања на Британците, кои очекуваа европските држави да почнат да се разидуваат, а посветеноста кон „четирите столба“ ни најмалку не попушта.
„Минатонеделниот предлог е понижувачко спуштање на брегзитерите - од таму се и оставките. Тука се најверојатната трета и четврта фаза на популизмот ’неисполнување’ и ’пораз’,“ забележува Џулијано.
Примерите во пракса за ова се: речиси комплетно уништување на сите ветувања за благодатите од брегзит; во Грција Ципрас низ сите овие години го продолжи и зголеми штедењето што имаше ветено дека ќе го укине, а иако тој се одржа на власт (барем до следните избори), Варуфакис не успеа долго да издржи. Истовремено во Италија, новата влада составена од Северната лига и Движењето пет ѕвезди, по само еден месец на власт почна да ги повлекува своите ветувања.
„И покрај целата привлечност на популистите, неверојатно тешко е да се спротивставиш на колективната волја на другите земји членки на ЕУ.
Бирократите во Брисел можеби реторички се лесна мета меѓутоа тие се тежок противник, токму заради речиси непостоечката флексибилност за застранување од договорените правила. Секако, членките на ЕУ еден ден можеби ќе сфатат дека сето ова е премногу тешко за да се тера и дека земјите треба да бидат ослободени да тераат по сопствен пат. Но до тогаш, Џонсоните и Дејвисите на Европа се осудени на пропаст,“ пишува Џулијано.