За почетна вежба за разбирање на оваа вештина, професорот Ануџ Шах од Универзитетот во Чикаго го поставува следниот проблем: замисли дека купуваш таблет од 300 долари, ама продавачот ти кажува дека истиот таблет го имаш поевтин за 50 долари, на 20 минути од продавницата. Дали би одел до таму за попустот? Речиси сигурно. Сега замисли дека таблетот чини 1.000 долари. Дали би патувал 20 минути за да заштедиш 50 долари? Сега веројатно ќе се двоумиш.
Најчестиот одговор што Шах го добива од студентите на постдипломски за второто прашање е - не.
"Ако 20 минути од твоето време во еден случај ги вреднуваш 50 долари, тогаш тоа треба да важи и во вториот случај. Цената на таблетот нема никаква врска со тоа. Проблеми како овој се самата срж на бихејвиоријалната економија, која ги нагласува грешките што речиси секој ги прави кога носи одлуки. Меѓутоа без разлика колку е честа оваа грешка, има една група која е имуна на неа: сиромашните," објаснува Шах.
Објаснувањето е дека за да одлучат дали овие 50 долари го вредат изгубеното време, на луѓето им треба стартна точка. За богатите тоа е цената на таблетот, па тие не се заинтересирани за попустот кога тој е мал во споредба со цената. Сиромашните пристапуваат од сосема друга перспектива. Нивната стартна точка се 50-те долари, и што ќе можат да купат со нив - да стават бензин или да ги покријат трошоците во супермаркет. Ова е далеку постабилна стартна точка бидејќи вредноста на попустот не се менува во зависност од цената на таблетот.
"Во некоја подлабока смисла, сиромашните се во право. Неспорно, сите ние треба да размислуваме за она што го добиваме за возврат кога купуваме нешто или се откажуваме од попуст. Меѓутоа луѓето кои живеат комфорно ретко кога се соочуваат со вакви дилеми. Додека за сиромашните, тие се чести и неизбежни.
Како резултат сиромашните се многу поускладени со секојдневните трошоци. Сиромашните размислуваат за пари дури и во ситуации кога другите луѓе не размислуваат," пишува Шах.