Ваквите очекувања портпаролот на Путин, Дмитри Песков, ги дочека со одговор - „чисти фантазии“.
Немањето простор за вакво нешто не му пречи на аналитичарот на Дојче веле да везе планови за пензионирањето на Путин.
По негови пресметки, датумот најверојатно ќе биде некаде во 2024 кога Русија треба да ги одржи следните претседателски избори и до кога трае мандатот на Путин. Според Устав Путин не смее да се кандидира по трет пат откако веќе истера два мандата по ред.
Она што најчесто беше прескокнато во извештаите за оставката на Назарбајев е дека иако повеќе не е претседател, тој доживотно ќе остане на чело на моќниот казахстански Совет за безбедност, како и на чело на владејачката партија.
Истото ова е возможно и во Русија бидејќи земјата има и Совет за безбедност, а и владејачка партија.
Според казахстанските политиколози, ништо од тоа околу Назарбајев не е случајно. Нивните процени се дека планирањето за заминување од власт најверојатно започнало уште во 2000, а оставката била само „последната формалност“ за Назарбајев, „политички чекор направен за расчистување на патот за отворање на земјата кон западните инвеститори.“
Во исто време и казахстански и руски експерти се сложни дека состојбата во двете земји не е идентична и дека потегот на Нурсултан нема да може да биде копиран во Москва. Едно од објаснувањата е дека во Казахстан има еден клан кој интерно се договорил кој ќе биде наследник, додека во Москва има повеќе кланови подготвени да се заколат еден со друг. Друго објаснување е дека она што деновиве се случи во Астана, Москва го мина во 1999 кога власта беше префрлена од Јелцин на Путин.
Ризиците во изборот на наследник на Путин е што ако на позицијата се намонтира нов и млад технократ, постои опасност неговото неискуство да го ограничи во водење на земјата. Од друга страна назначувањето на Медведев за наследник на Путин може само да ги засили радикалите во земјата и да доведе до државен удар преводен од комунистите или од војската.
Најверојатниот исход на целата работа е оној што ќе им помогне на олигарсите кои моментално се под меѓународни санкции.