ПОБЕДАТА ЈА ПИШУВААТ ИСТОРИЧАРИТЕ
или кој на тврдата карпа ја пишува својата историја, а кој го уби Сашо Гешовски
Да беше ова цивилизирана и културна земја какви што се Италија или Чешка, и какви што ни Италија ниту Чешка не се, ниту некогаш ќе бидат, за тој настан, сосема сум сигурен, веќе одамна ќе беше снимен филм, всушност најгледана домашна комедија, снимена според вистинит настан. Добриот наш Винко Брешан, син на стариот Брешан, сними нешто мошне слично на тоа, но колку и да беше „Војната на мојот остров" смешен и трагикомичен, тој никогаш не можеше да биде толку смешен и трагикомичен колку што може да биде вистинит настанот кај Хрватите.
Беше 15 септември 1991, во екот на Туѓмановата кампања за заземање на касарните на ЈНА, кога касарната во некогашната Наполеонова тврдина на сплитската Грипа беше опколена од моќните сили на МВР и народната гарда. Снајперистите ги зазедоа позициите по покривите на околните згради, стројните момци во маскирни униформи, вооружени со калашникови и со ловечки двоцевки исполегнаа зад автомобилите паркирани околу карпите – еден добар италијански или чешки сценарист сигурно, инспириран од вистинскиот настан, чисто заради драма би додал и некаков хеликоптер како ја надлетува касарната.
А таа драма полека се приближуваше кон точката на вриење: еден од војниците урлаше во мегафонот и ги повикуваше агресорските крволоци да се предадат, а неговите соборци нервозно ги растеруваа невнимателните љубопитници, меѓу кои и моите мајка и татко, кои живеат токму наспроти влезот на касарната, и беа сериозно предупредени да не шетаат по станот без голема потреба и дека би било најдобро некое време да лежат под маса.
Беше веќе, мислам, доцна попладне кога пред репетираните пушки, мавтајќи со бела крпа, излезе еден сосема блед, голобрад деветнаесетгодишник во сивомаслинеста униформа, на пример од Владичин Хан, или така некако. По него, во кратка колона, излегоа и другите страшни четнички касапи: средовечни, дебелки и сосема извадени од памет, влегуваа во автобусот носејќи ги своите труби, тромбони, саксофони и чинели. Да, таа по зло позната дивизија на сурови караконџули се состоеше од десетина члена на воениот оркестар, засилен со две-три момчиња од Владичин хан, чуварите на проклетата тврдина Грипе, седиштето на надалеку озлогласената лимена музика на ЈНА. Сцената ќе беше надреална и всушност урнебесно смешна – една од оние за кои италијанските и чешките режисери даваат душа и уште и бубрег – ако не стануваше збор за историски настан, а тие секогаш се величествени, сериозни и епски.
Денес, дванаесет години подоцна, натписот на големата камена спомен-плоча поставена крај влезот во касарната Грипе, под големиот грб од камен на Република Хрватска, ги потсетува генерациите израснати во слобода дека „хрватските витези ја ослободија оваа тврдина и им ја предадоа на граѓаните на Сплит, како прва касарна на агресорската ЈНА во Сплит, 15 септември 1991 година", како што веќе – веројатно на десетгодишнината од големиот настан – на плочата напишаа, па плочата ја подигнаа, секако, благодарните граѓани.
Не присуствував на таа свеченост, па не можам со сигурност да тврдам, но можам мошне сигурно да претпоставам дека тука, пред плочата покриена со хрватско знаме, сосе помошниот бискуп и некој бирократ од Поглаварството, зборувал и еден од преживеаните херои на таа крвава епопеја, раскажувајќи им на трогнатите граѓани како всушност било, и како само благодарение на присебните гардисти од таа-и-таа воена единица градот не е срамнет со земја, а се нашол сигурно и некаков генерал, некогашен вулканизер или монтажер на кабелска телевизија, да објасни како заземањето на злогласната касарна Грипе всушност било пресвртница во Татковинската војна, дека со нејзиниот пад се воспоставени сосема нови односи на силите во регионот, и се создадени предуслови за таква глобална прераспределба на моќта, која на крајот ќе резултира со победа на доктрината на превентивната војна и со интервенција на САД во Авганистан и Ирак.
Настанот поради кој имам право да верувам во тоа се случил четири месеци порано и за жал не бил урнебесно комичен каква што била херојската борба на голораките снајперисти со крвожедните југословенски кларинетисти. На шести мај таа, 1991 година, сплитските синдикати организирале демонстрации пред зградата на Командата на воено-поморската област на сплитската Рива, барајќи итна деблокада на Киево. Во хаосот и метежот, помеѓу стиховите „Зови, само зови" и патетичните пароли на државотворните синдикалци, од масата пред Командата одекна револверски истрел, кој го погоди Сашко Гешовски, деветнаесетгодишно момче од Кавадарци, кој во Сплит служел војска, а кого главешините под шапки го поставија пред себе во живиот ѕид, пред разбеснетите демонстранти.
Тоа беше пред многу години и во меѓувреме се случи сè и сешто, го заборавивме одамна и малиот Македонец и неговиот расплакан татко пред ТВ-камерите, затоа што историјата слабо ги памети имињата и презимињата на оние што не се толку бесмртни за да можат да ги преживеат револверските истрели и да живеат вечно во нашите срца и во имињата на основните училишта. И уште притоа од другата страна на нишанот на востаничката пушка. Или на револверот.
Пред неколку дена, меѓутоа, по повод дванаесеттата годишнина од опсадата на Командата на ЈНА, во сплитскиот Салон Галиќ е отворена изложба на фотографии што сведочат за тој славен историски настан. Натписот под една од нив, на која се гледа местото каде што својот краток живот го заврши младиот Македонец, на генерациите израснати во слобода вака им го опишува она што го гледаат: „Оклопно возило пред Бановината кај кое загина македонскиот војник Сашо Гешовски, кого го убија неговите заповедници, бидејќи тој не сакаше да пука на голоракиот народ."
Така, ете, историјата ја пишуваат победниците. Нивните сведоштва тие ги пишуваат на „тврда карпа", на спомен-плочи, на кои не се пишуваат незгодни детали. На тие тврди карпи народот секогаш е голорак, а жртвите секогаш наши, па ако и не е баш наш, тогаш барем нека го убијат неговите. Затоа што на голоракиот народ рацете му се голи, па не може да бидат и крвави.
А да е ова цивилизирана и културна земја, каква што не е, и каква што, изгледа, никогаш нема да биде, за трагичното загинување на Сашко Гешовски веќе одамна ќе беше снимен филм, кој до крај ќе ги соголеше сите фрустрации и незгодни детали на нашата славна историја. Таа историја тогаш можеби и немаше да биде толку епска, величествена и славна, но можеби – велам, можеби – тогаш конечно ќе станевме и нејзини победници. Не затоа што сме ја заробиле лимената музика, сме го убиле Сашко Гешовски и сме победиле во војната, туку затоа што сме ја напишале нашата историја онаква каква што била навистина.
И не заради Сашко, затоа што нему тоа веќе ништо нема да му значи, туку заради нас, кои живееме во слобода, заедно со оној до заби голорак херој, кој еден дамнешен мај пукаше во бледото дете одземено од страв.
автор: Борис Дежуловиќ (од македонското издание на неговите колумни, „Во потрага по загубеното време“)