Однесувањето на Трамп и како тоа е пречекано кај неговите гласачи се доживува како „нож насочен кон срцето на американската демократија.“
„Сега изгледа очигледно дека политиките на бел идентитет и помогнаа на Републиканската партија да ја одржи својата контрола над гласачите и дека голем дел од белите Американци повеќе ја вреднуваат привилегијата која им припаднала заради бојата на кожата отколку што ја вреднуваат демократијата,“ пишува Чонси Девега во текстот за Салун.
Девега воведот го дава како претходница на својот разговор со двајцата политиколози Стивен Милер и Николас Дејвис (првиот од Универзитетот Клемсон, вториот од Тексас А&М Универзитетот) во врска со нивната студија “White Outgroup Intolerance and Declining Support for American Democracy.”
„Како што кажува насловот, работата на Милер и Дејвис открива силна и вознемирувачка врска меѓу расната нетолерантност и потенцијалната поддршка за воена власт, или лидер насилник кој би се ослободил од нелагодностите како избори, судови и надзор,“ објаснува Девега.
Објаснувањето за победата на Трамп двајцата го гледаат во мешавина од наклонетост, предрасуди и добра географска покриеност на важните држави. Што се однесува на опстојувањето на приказната за тоа дека гласачите го избираат Трамп заради „економска анксиозност“ околу сопствената ситуација, која е повеќекратно е покажана како неточна, Милер и Дејвис објаснуваат дека тоа се должи на фактот што големите медиуми не можат својата публика вон големите метрополи да ја наречат расисти или ксенофоби, „дури и ако тоа точно ги опишува нивните политички убедувања.“
„Да бидам јасен: не се сите гласачи на Трамп расисти и ксенофоби. Но, расизмот и ксенофобијата на Трамп не беа доволни за да ги разубедат од гласање за него,“ објаснува Милер.
За поврзаноста меѓу расизмот и апсолутизмот Милер објаснува дека проблемот е во самиот начин на кој функционира демократијата, која е осмислена „како компромис кој на малцинството му дава поголема моќ отколку неговата реална бројчана состојба.“
„Ова го тера мнозинството да ги напушти ’лажните соништа на еднаквост и демократија’ и ги прави поотворени кон апсолутистички алтернативи за државата, доколку тоа им гарантира дека ќе го заклучи релативниот статус на белците над не-белците во САД,“ образложува Милер.
Едно од прашањата што им го поставува Девега се базира на забелешката на добар дел политиколози дека „ниту една модерна демократија ја нема преживеано транзицијата во која доминантната етничка или расна група ја изгубила својата доминантност.“
„Кога ќе ги прашаш луѓето за нивните ставови кон демократското владеење, тие и понатаму масовно го поддржуваат. Без разлика како ги делиш бројките, Американците даваат робусна поддршка за демократијата.
Меѓутоа голем број граѓани сметаат дека американската демократија лошо функционира. Тие веруваат дека слободниот говор е под закана, дека фактите не се важни, дека специјалните интереси го имаат нарушено владеењето и дека не сите гласови се еднакво важни.
Од една страна ова очигледно е проблем. Меѓутоа личните проблеми на еден човек се карактеристика на друг човек. Во реална смисла, практичниот израз на демократијата во САД работи како што е планирано, во смисла дека таа дава маска за придонес на јавноста додека истовремено моќта ја изолира меѓу богатите. Ова, речиси буквално, е приказната за основањето на земјата. Ако демократијата е ’во криза’ тогаш тоа е затоа тоа е криза на доминантните институции кои не се добро подготвени за тивко да одржат статус-кво.
Прашањето што ти го постави е следното: дали демократијата ќе опстои ако води кон демографски промени кои прават малку веројатно дека една партија може да победи само со потпирање на типот на гневни бели гласачи кои го избраа Доналд Трамп во Белата куќа?
Не знам. Веројатно, да.
Американците не го имаат баш најдобро сфатено ужасот и болката на вистинското менување режим. Се пообемната литература за ’криза на демократијата’ можеби претерува околу проблемот меѓутоа само во смисла дека ’проблемот’ е во тоа што администрацијата на Трамп само ги тргна маските и откри дека американската демократија, по својот дизајн, е вистински дисфункционална,“ објаснува Дејвис.