Првиот човек на ЕУ минатиот месец во Италија уште еднаш ја повтори оценката дека сегашниот начин на донесување одлуки со консензус оди на штета на силината и ефикасноста на Унијата. Жан Клод Јункер притоа детектираше две конкретни области во кои би требало да се носат одлуки со мнозинство а не консензус: надворешната политика и даноците.
Тој вели дека солидарноста - која стои во основа на донесувањето одлуки со консензус - е убава работа кога на сите им оди добро, но дека во кризни моменти, на земјите од ЕУ повеќе им е потребна ефикасност.
„Ни треба повеќе Европа во нашата надворешна политика. На светот му треба силна Унија и ние ќе сториме сè таа да биде таква. Нам ни требаат луѓе кои ќе бидат целосно Европејци а не само во добри времиња“, порача Јункер од Фиренца.
Претходно, на крајот на февруари, и германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен обелодени дека ЕУ работи на проучување на опциите како одлуките за надворешната политика да бидат донесувани со мнозинство а не со консензус.
Инаку, на почетокот на европските интеграции, речиси сите заеднички одлуки биле носени со консензус но листата прашања за кои е потребна едногласност постојано се намалува.
2025 година е најблискиот датум кој е спомнат за можно проширување на Унијата со некои земји од западен Балкан но многумина оценуваат дека тоа е премногу амбициозна замисла. Еу отворено игра и со други структурни опции кои би вовеле баланс меѓу солидарноста од една, и реалната моќ и придонес кон Унијата од друга страна. Една од најчестите е онаа „ЕУ за сиромашни“ што официјално се вика „Европа со различни брзини“ при што земјите од ЕУ би имале различен степен на интегрираност и удел во донесувањето одлуки.