„Ја создадовме Европа, сега треба да создадеме Европејци“, апокрифно има кажано таткото на европскиот проект Жан Моне. Божиќ е време кога луѓето сфаќаат дека има барем два жанра Европејци: оние кои останале дома и оние кои ретко доаѓаат во „старата дома“.
„Го сакам татко ми ама тој има сосема поинаков мајнд-сет од мене. Не ја сака ЕУ бидејќи мисли дека таа Германија ја чини прескапо и многу е против еврото,“ вели еден 36 годишен Германец која за Божиќ го напушта отворениот и инклузивен пристанишен Хамбург за да дојде во селото од кое потекнува, за да се види со родителите, поширокото семејство и старите школски другари кои решиле да остана таму.
Контрастот на кој наидува во селото кое заради студирање го има напуштено на 18 годишна возраст, секојпат го изненадува. „Ретко кој овде ја сака Европа, ретко кој овде се чувствува како Европеец и ретко кој овде воопшто ја гледа Европа“, вели Штефан Бенеке, сфаќајќи дека градовите можеби стануваат полиберални ама затоа селата одат во уште поголем конзервативизам.
Неговото искуство е слично на искуствата на стотици илјади Европејци кои за Божиќ заминуваат во стариот крај. Како што софрата одминува а шишињата вино се празнат, така се отвораат прашањата околу кои овие два света ретко се согласуваат: миграцијата, еврото, Брегзит.... Софрите се местата на кои на дојденците од град им станува јасно дека чичко им станал уште позадрт, а на чичкото пак му станува јасно дека снаата останала многу наивна. „Европска Европа“ против сета друга Европа.
Градската класа и таа „Европска Европа“ има свое политичко крило, тоа за бројните зелени и слични партии во Европа, нивни претставници се ликови како лондонскиот градоначалник Садик Кан, оној на Варшава Рафал Тчасковски, амстердамскaта Фемке Халсема. На тој бран дојде и Макрон но токму жолтите елеци го симболизираат тој судир меѓу метрополската Европа и онаа која живее во европскиот офсајд. Огромната поддршка за италијанските десничари е истиот тој симптом на селото кое го возвраќа ударот.
„Проблем со образованите е што тие се племе кои мислат дека не се племе,“ на шега констатира професорот по политички науки од Кембриџ, Дејвид Рунциман.
Текстот на оваа тема, Економист го завршува со проценка дека европскиот проект нема да издржи на долги патеки ако во меѓувреме не најде начин како барем малку да ги спои двата света кои се среќаваат за време на Божиќ.