Најексплицитната слика, е една од ретките новински фотографии со потенцијал да го зграби вниманието на јавноста на начин на кој репортажите никогаш нема да можат, и можеби да ги инспирира читателите да размислат за тоа што се случува во Сирија и зошто. Вие може да не знаете многу за Сирија, и гледањето на оваа фотографија, направена од Нилуфер Демир, фотограф од турската новинска агенција Доган, нема да ве натера да разберете што се случува таму. Меѓутоа може ќе ве присили да се соочите со фактот дека не сте обрнувале внимание - да ве натера да ја оправдувате својата индиферентност, и додека го правите тоа за барем малку да ја кренете својата свесност околу темата.
Меѓутоа голем број новински организации, вклучувајќи го и Слејт, одлучија да свртат глава. Соочени со шансата да објават инстантно иконска фотографија која беше вознемирувачка на сите правилни начини, голем број од медиумите за своите стории избраа помалку вознемирувачка опција, најчесто со војникот кој го носи мртвото дете во своите раце. Слејт ја објави вторава фотографија во средата, над сторијата на Џош Китинг за меѓународните политики за бегалци и сириската криза. "Чувствував, очигледно, дека помалку одвратната фотографија беше правилен избор за овој текст имајќи предвид дека тој не се однесуваше конкретно за оваа фотографија. Слејт, како и многу големи новински организации, е претпазлив во објавувањето на фотографии од мртви тела, мртви деца, грозни слики кои сметаме дека може да ги вознемират нашите читатели. Не дека не го правиме тоа, ама не го правиме така лесно," објаснил заменик уредникот на Слејт, Џон Свонсбург.
Слејт и Свонсбург не се сами во оваа претпазливост. Како што Њујорк Тајмс напиша во сторијата за тоа како редакцијата се справила со одлуката дали да ја објави сликата "најголем дел од уредниците се загрижени да не ги шокираат своите читатели и сакаа да ја избегнат претставата дека шират сензационалистички слики за профит." А сепак читателите знаат како изгледа смртта, како и болката, и болеста, и очајот. Тие ги знаат овие работи бидејќи се возрасни. И сите возрасни знаат дека светот може да биде сурово место, и дека ужасни работи се случуваат во секој минута од денот. Ти не си богата вдовица од филм на браќата Маркс, која е подготвена да се онесвести од секој непријатен шок од системот. Тогаш, зошто, толку многу медиуми се упорни да се преправаат дека е обратно?
Непријатните работи се шокантни кога се појавуваат неочекувано, без предупредување, контекст, или објаснување - и оваа поента се однесува на ставот за "ширeње сензационалистички слики за профит." Постои квалитативна разлика меѓу објавување експлицитни фотографии со цел шокирање, и правење на истото со цел илустрирање на некоја поширока поента. А поентата илустрирана со фотографијата од мртвото дете - најужасна што постои - е дека ситуацијата во Сирија е хорор, и дека, како човечко суштество, треба да знаеш за тоа. Оваа фотографија е новинарски релевантна бидејќи ја илустрира човечката цена на тековната хуманитарна криза која постои, делумно, и затоа што светот и обрнува многу малку внимание на неа.
Зборувајќи со Њујорк Тајмс, уредникот за надворешни вести на Вокс ја оправда својата одлука да не ја објави фотографијата шпекулирајќи дека нејзината виралност е "многу помалку заради сочувство отколку заради воајеризам." Меѓутоа новинарството по природа е воајеристичко. Новинарството е акт на откривање на приказни кои инаку би останале приватни и нивно прикажување на светот. Најдоброто новинарство комбинира сочувствителност и воајеризам. Тоа ги открива скриените вистини и потоа ги убедува луѓето да се соочат со нив. Тенденцијата на медиумите да ги пречистуваат и цензурираат непријатните слики може да служи како камуфлажа - и до некаде одобрување - на непријатните акти и политики кои ги создаваат нив.
Сигурен сум дека забележавте, дека фотографијата која Слејт избра да не ја објавува во средата сега е во воведот од оваа сторија. Зошто таква промена? "Во мојот ум ова не е контрадикција. Твојата сторија е многу поразлична од онаа на Џош, и твојот аргумент, како што јас го разбирам, е дека фотографии кои се најтешки за гледање се оние кои се императив за новинските организации да ги објават. Ми изгледа малку смешно во ова време да биде срамежлив околу ова... таа беше речиси неизбежна во 24-те часа од појавувањето, и повеќе не ми изгледа како да ги заштитуваш читателите од што било со тоа што нема да ја објавиш," му објаснил Свонсбург на авторот на текстов.
Можам да ја разберам логиката на Свонсбург - текстот на Китинг и мојот се две многу различни статии, - меѓутоа исто така мислам дека ако си уредник кој ја има шансата да објави срцепарателна и информативна фотографија, веројатно треба да ја објавиш таа фотографијата наместо некоја помалку вредна. Меѓутоа само објавувањето на фотографијата не е доволно. Објавувањето на вознемирувачка фотографија со мртво дете без притоа да им дадеш на своите читатели алатка која е потребна за следење и разбирање на пошироката приказна, може да биде полошо и од самото необјавување. Сликата од удавеното момче е тажна, и депресивна, меѓутоа таа е шокантна само ако не разбираш од каде доаѓа. Во изминатите неколку години војување, умреа над 200.000 Сиријци, и многумина од нив ги дочека ужасна смрт. Тие умираа во бомбардирање. Тие умираа во хемиски напади. Тие умираа обидувајќи се да избегаат од нивната држава, и нивните тела беа откривани во камиони, во снег, и на плажи. Вие не ги видовте сликите од речиси ниту еден од нив. Тоа е грешката.