Што откриваат неделните напади околу целта на ИСИС во Европа?
Дидие Лерој: Нападите во Брисел, без некакво изненадување, беа преземени и славени од поддржувачите на ИСИС. Идеолошки, симболичната димензија на метите - меѓународниот аеродром во Брисел, на помалку од 5 километри од седиштето на НАТО, и метростаницата Маалбек, во близина на институциите на ЕУ - го одразува двојниот поглед на ИСИС на светот: борбата на репресираниот муслимански свет против западниот репресивен свет. На ниво на модус операнди, ние наоѓаме неколку заеднички карактеристики меѓу француските и белгиските напаѓачи: релативно малку ќелии од одлучни индивидуалци напаѓаат колку е можно повеќе "меки" (цивилни) мети.
Сега во Брисел гледаме дека војската е повторно на улиците како во ноември, што го наметнува прашањето, како се располага со ресурсите кои ни се достапни?
Стратегијата како целост има превентивна и репресивна страна. Моментално фокусот е на она што го гледаме во секојдневниот живот и она што можеме директно да го видиме, што е реактивната страна. Распоредувањето на армијата на улиците на главниот град е начин да се одвратат потенцијалните закани, и да му се даде сигурност на населението. Технички, армијата е распоредена на фиксни локации за да штити клучни споменици, згради, и населени места, што пак и дозволува на полицијата да биде помобилна и да заврши повеќе полициска работа, како проверки на идентитет и истраги. На пример, војник би можел да направи претрес на нечија куќа и без налог.
Како е можно човек како Салах Абдеслам, еден од главните ликови во нападите во Париз, со месеци незабележан да живее во главниот град на Белгија? Како тоа Абауд, наводниот организатор на нападите во Париз, може повеќекратно незабележан да патува од Белгија до Сирија и назад?
Прво, зборуваме за белгиски граѓанин кој се крие во за него познати области на белгиска територија. Тие се ослонуваат на одредени мрежи базирани на лојалност, понекогаш и преку семејни врски. Неколку од нив исто така имаат и лажни лични документи и истите ги користат и за трансфери на пари, изнајмување станови итн. Понатаму, тие избегнуваат користење мобилни телефони, што им дозволува подолго време да останат незабележани. Во моментот кога истрагата ќе ги избрка од нивните скривалишта, тие почнуваат да прават грешки и се откриени. Имајќи го ова предвид, уште еден аспект е немањето (претежно човечки) ресурси. Белгиските разузнавачки служби прават се што можат за да мониторираат илјада "потенцијално опасни" индивидуалци. Не можеш сите нив да ги следиш 24/7, технички не е изводливо.
Многу пати е повторуван фактот дека Белгија има поголем број на џихадисти по глава на жител отколку која било друга европска земја.
Според скорешната изјава на министерот за внатрешни работи, бројот на белгиски "странски борци" во јануари 2016 достигнал 470 лица. На Фландрија и Брисел отпаѓаат по 45% од овие борци, останатите доаѓаат од Валонија. (Ова ја побива претпоставката дека растечките социо-економски проблеми и сиромаштијата се главни причини за радикализацијата, бидејќи економијата на северот од земјата е значително посилна.) Меѓу овие 470 индивидуи кои се обиделе да отидат во Сирија, околу 60 воопшто не успеале да стигнат на сириска територија; околу 80 се претпоставува дека се убиени; а уште околу 190 се верува дека оперираат во Сирија и Ирак. Додека 130 биле на боиштата и сега се вратени во Белгија.
И најголемиот дел од овие регрути му се приклучиле на ИСИС? И дали се уште заминуваат?
Отприлика 70 проценти од оние чија поврзаност може да се одреди со разумна стапка на сигурност, се имаат борено под знамето на ИСИС. Севкупно, месечниот просек на луѓе кои заминуваат во ИСИС изгледа како постепено да се намалува од пикот од 15 на месец (во 2012-2013), на просек од 5 на месец за време на 2015.
Имајќи ги предвид последните напади, дали 130 џихадисти кои се вратиле во Белгија претставуваат растечка закана? Дали тие се темпирана бомба?
Никој не може да го одговори прашањево со конкретни податоци. Ова не може да се измери. Ние знаеме дека околу една третина од оние кои се вратија се уапсени или во затвор. Не сакам да кажам дека најголемиот дел од преостанатите не претставуваат закана. Проблемот е што, дури и ако најголемиот дел од нив не претставуваат закана и се каат за својата одлука, мал број од нив сепак можат да предизвикаат многу штета, како што тоа го видовме на 22-ри март. Па мораме да останеме будни, и покрај проблематичноста сите тие луѓе да се мониторираат. Располагање со ексел листа со околу илјада имиња е една работа, ама сосема друго е како ќе ја менаџираш оваа база на податоци.
Што знаеме за илјадниците луѓе на оваа листа?
Освен 470-те странски борци, таму се лица во најразлични фази на радикализација: некои од нив покажале очигледни симптоми на радикализирање, некои изразиле желба да одат во Сирија или Ирак. Меѓу оние кои ја напуштија белгиската територија, дел се претпоставува дека се борат за ИСИС, Џабат ал Нусра или други џихадистички групи. За други се знае дека стигнале до Сирија или Ирак со таа конкретна цел. Сепак некои ја напуштиле Сирија или Ирак, ама уште не се идентификувани дека се вратиле во Белгија.
Не можеме да кажеме дека белгискиот џихадист се вклопува во профилот. Има мажи и жени, поединци и групи (понекогаш парови или цели семејства), стари и многу млади луѓе. Помладиот брат на Абауд, Јунес, има 13 години кога заминува за Сирија - и мислам дека тогаш го сметаа за најмлад ваков случај во 2013. Имајќи го ова предвид, возраста на борците од Белгија обично е меѓу 20 и 24 години. Нивото на образование обично им е под белгискиот просек. Иако има белгиски борци со колеџ дипломи, тие претставуваат мало малцинство. Најголемиот дел од нив им се познати на полицијата и разузнавачите уште пред заминувањето. Белгијците со мароканско потекло се значително поприсутни на листата (над 80 проценти), додека луѓето кои ја смениле верата и станале муслимани претставуваат помалку од 10 проценти.
И Абдеслам и Абауд имаат белгиско-мароканско потекло. Зошто втората и третата генерација марокански имигранти во Белгија е толку подложна на радикализација?
Интеграцијата одлично функционираше кај најголемото мнозинство од случаите, меѓутоа одреден број индивидуи меѓу младата генерација очигледно се соочува со криза на идентитетот. Иако родени во Белгија, тие чувствуваат дека се дискриминирани заради нивните арапски презимиња, северно-африканскиот изглед, и муслиманските религиозни верувања. Меѓутоа кога тие ќе отидат во Мароко во посета на роднините, тие веројатно не се чувствуваат ни премногу марокански, бидејќи заради повеќе причини не се перципирани како такви. Оваа дилема веројатно ја објаснува, барем делумно, потребата да се припаѓа на нешто друго вон семејството, заедницата, или општеството - нешто поголемо, со поголеми изгледи и ветувања во иднината. Ова е каде настапува процесот на "ре-исламизација". Иако овие млади обично се исламизирани преку семејното образование и во официјалните џамии, некои од нив "повторно се раѓаат" преку интернетот, во импровизираните кругови за проповедање, или во затвор. Внатрешниот судир потоа може да се појави во сржта на одредени семејства каде постарите генерации практикуваат традиционални "малеки" сунитски ритуал (карактеристичен за регионот на Магреб) и да бидат соочени со се поприсутното "ханбали" влијание - конкретно вахабистичка традиција од Заливскиот регион, познат по пуританскиот, или Салафи, пристап кон исламот - кое се промовира од помладите генерации. Салафизмот очигледно има добиено на подем во одредени соседства со предоминантно марокански области како Моленбек: се забележува по типот на фереџе што го носат некои жени, или несредената брада без мустаќи што ја претпочитаат мажите, итн.
Белгија го има едно од најголемите марокански малцинства во Европа, околу 500.000 од вкупно 11,2 милиони жители. Добар дел од овие семејства доаѓаат како работници во 60-те и 70-те.
Да, минатата година славевме 50 години од мароканската имиграција. Од таму доаѓа најголемиот дел од дотокот. Мислам дека еден елемент што влијаел на мароканската заедница е што тие страдаат од економските околности, посебно во нафтената криза на почетокот од 70-те, што е нешто што Италијанците или Шпанците од Белгија не го осетија бидејќи тие беа порано дојдени е веќе имаа воспоставено свои бизниси, или веќе напредуваа на општественото скалило. Па помалку можности, на одреден начин значеа и поголема гетоизација.
Ова изгледа како да не се случува во останатите муслимански заедници во Белгија. Што е со турското малцинство, кое исто така брои неколку стотици илјади луѓе?
Има јасна разлика меѓу мароканската и турската заедница. Имаме многу малку, ако воопшто и има, Турци на списокот на ризични индивидуи. Па не е само до исламот, бидејќи Турците се сунити исто како и Мароканците. И не се сеќавам моите колеги во федералната полиција да имаат спомнато едно турско име. Во Схарбек, на пример, населението е доминантно мароканско и турско, и е многу јасно: немаш никаква заинтересираност за приклучување кон ИСИС меѓу турското население. И ова веројатно е поврзано со поинаквата конструкција на идентитетот во турската заедница. Тие обично се специфично поврзани со својот јазик, повеќе од што било друго, што ја ограничува изложеноста на вахабистичките проповеди. Мислам дека на ова ниво парите од заливските држави имаат направено многу штета во мароканските џамии во Белгија. Некои џамии се повеќе и повеќе се под влијание на саудиските имами или на мароканско-белгиските граѓани кои биле обучени и финансирани од Саудиска Арабија и кои ја шират вахабистичката доктрина. Најголемиот дел од турските џамии, според мое знаење, се финансирани или менаџирани од Дијанетот (Претседателството за религиозни работи), кое е поврзано со ханифискиот мезхеб (една од четирите признаени школи на правото во исламот). И секако, тука е и секуларното наследство на Мустафа Кемал Ататурк, кој веројатно се уште игра значителна улога.
Освен религиозната инфраструктура, дали има и други околности кои ги прават луѓето на списокот повеќе подложни на регрутација?
Верувам дека најмалку анализиран елемент во целата радикализација е психологијата. Многу, многу луѓе се гневни кога Западна суперсила бомбардира некоја земја во развој, или може се љубопитни за џихадистичката-салафи пропаганда, или чувствуваат неправда врз основа на социјалната и економска дискриминација. Меѓутоа зошто секој од овие потенцијални мотиватори на различен начин влијаат на поединците? Зошто некои продолжуваа да се борат со овие проблеми во својот личен развој, додека одлучуваат да го фрлат животот и да земат оружје? Мислам затоа што овие влијанија различно ги мобилизираат нивните емоции. Емоционалната архитектура на поединецот често пати е оформена во раните години на детството и се однесува на квалитетот на односот со родителите. Влијае на начинот на кој тој или таа ќе бидат чувствителни на други влијанија. Вреди да се истакне дека се повеќе и повеќе терористички напади во последно време вклучуваат браќа: Царнаев од Бостон во 2013, браќата Куачи од Шарли Ебдо во 2015, и сега браќата Абдеслам од нападите во Париз и браќата Бакруи во бриселските напади.
Иако е екстремно тешко да се истражи овој аспект на работите, уверен сум дека може да стекнеме значително разбирање за мотивациите околу терористички акт преку истражување на семејните односи, дали или не имало минато на семејни тензии или насилство. Не зборувам ексклузивно за физичкото насилство од татковците, бидејќи ова често пати остава видливи лузни и лесно се идентификува. Проблемот е со невидливите лузни, можеби нанесени од морално или вербално насилство од нивните мајки, што би дало нов аспект на одредени видови екстремистички однесување.
Изгледа како да нè одбегнува единственото објаснување за тоа зошто толку многу Европејци - и посебно толку многу Белгијци - се одлучуваат да одат да се борат во Сирија.
Генерално сметам дека имаш толку причини за заминување во Сирија колку што имаш луѓе кои заминале. Последното истражување на политичко насилство, идентификува четири главни влијанија кои најчесто се присутни кај најзакоравените екстремисти: идеологија, социјализација, навреденост и рационален избор. Меѓутоа голем број фактори треба да бидат земени предвид за да се разбере оваа траекторија. Во одредени случаи имаш луѓе кои се навлезени во есхатолошка (задгробна) литература и кои се навлечени на утопијата за крајот на светот што ИСИС им ја претставува. Некои пак се ситни криминалци кои сакаат да направат нешто со својот живот и не покажуваат никакви знаци на радикализација, тие само го "рециклираат" своето насилство во корист на каузата. Тие прво се насилни, и потоа одеднаш тоа е во корист на ИСИС.
Значи приврзаноста кон проектот на ИСИС за калифат може да е и сосема слаба за дел од овие радикализирани младинци во Белгија?
Историски речиси и да нема врска меѓу Белгија и Сирија или Ирак. Јас сум се уште скептичен околу длабочината на структурната поврзаност меѓу младите кандидати за џихадисти и ИСИС, што на прво место е Средноисточен феномен (а и тнр. Калифат пред се има регионални приоритети пред глобалните). Го гледам ИСИС како без-хиерархиска организација, што ја карактеризира неспорен лидер - самопрогласениот калиф Ибраим - во која има и процес за заедничко носење одлуки. Централата на ИСИС во Рака може да се смета за вертикален ентитет, кој станува се повеќе хоризонтален како што се приближува до надворешните слоеви на своите странски регрути. Секако дека постои централна, од горе надолу политика која ги повикува сите борци кога и да можат да ги напаѓаат непријателите на "проектот за Исламска држава", меѓутоа кога, како и слично е оставено на иницијативата на поединци или мали групи - до нив е да одлучат кој е најдобар начин да се продолжи. Најголемиот дел од овие регрути очигледно добро ги знаат своите земји на потекло, израснати се со интернет и слики од 11-ти септември, и се одлучни дека се подобри од старомодната ал Каеда.
Значително влијание тука има и тестостеронот, имајќи ја предвид просечната старост на белгискиот џихадист. Ако ги отстраниш брадите, кураните и црните знамиња од видеата на ИСИС, ќе останеш со нешто што наликува на одредени американски хип хоп видеа. Големи автомобили, насекаде оружје и припадници на банди кои заедно позираат. Во нашиот глобализиран свет, насилството од ИСИС не е толку далечно од холивудски филмови како Лудиот Макс или јапонски манги како Hokuto No Ken. ИСИС се обидува да го евоцира муслиманскиот среден век, ама Тојота возилата и Најк патиките ни кажуваат нешто друго.
виа nybooks