Аферата Викиликс има двојна вредност. Од една страна излегува дека тоа е лажен скандал, скандал кој само изгледа како скандал, наспроти лицемерното опкружување во кое се развиваат односите помеѓу државата, граѓанството и печатот. Од друга страна, тој означува огромна промена во меѓународната комуникација – и најавува регресивна иднина на напредокот, кој понатаму ќе се одвива со „чекор на рак.“
Но, да почнеме со ред. Најпрвин, Викиликс го потврдува фактот дека секое досие составено од страна на тајна служба (на која и да е држава) се состои исклучиво од исечоци од печатот. „Страшните“ откритија на Американците за сексуалните навики на Берлускони всушност го откриваат она што со месеци можеше да се прочита во кои било весници (само не во оние чиј сопственик е самиот Берлускони), додека вознемирувачкиот опис на Гадафи веќе одамна е четиво за кабаретски фарси.
Амбасадите се претворија во шпиунски центри
Правилото кое вели дека тајните досиеа мораат да содржат само вести кои веќе им се познати на сите е од суштинско значење за разбирање на динамиката на тајните служби, не само во овој век. Влезете во која и да е книжарница со езотериски наслови, и ќе откриете дека секоја книга во понудата (за Светиот Грал, „мистеријата“ на Рен–ле–Шато – шарлатанска теорија измислена да привлече туристи, за Темпларите или Розенкројцерите) само го повторува, од збор до збор, она што е веќе напишано во постарите книги. И тоа не само затоа што окултните автори бегаат од истражувања (или не знаат каде да бараат вести за непостоечкото), туку и затоа што посветените во окултното веруваат во она што веќе го знаат, и она што го потврдува сето она што веќе го имаат чуено. Тоа е и формулата на успехот на Ден Браун.
Истото важи и за тајните досиеа. Кодошот е мрзлив. Мрзлив е и шефот на тајната служба (или е во најмала рака ограничен – инаку би бил, што знам, уредник во Либерасион): тој вистински ќе го оцени само она што го препознава. Врвните тајни за Берлускони, кои американската амбасада во Рим ги дојавила во Вашингтон, се дел од иста приказна која се појави во Њусвик една недела порано.
Па тогаш зошто толку врева околу овие откритија? Пред сè, Викиликс го кажуваат она што секој упатен веќе го знае: дека амбасадите, барем од крајот на Втората светска војна – а со оглед на тоа што шефовите на држави можат да си телефонираат меѓусебе, или да одлетат кај колегата на вечера – ја загубиле својата дипломатска функција и, освен исполнувајќи повремена церемонијална улога, се претворија во центри за шпиунажа. Секој кој гледа истражувачки документарци го знае ова, и само од лицемерие фолираме незнаење. Сепак, јавното изговарање на овој факт претставува кршење на обврската за лицемерие, и фрла ни малку ласкаво светло на американската дипломатија.
Вистинската тајна е празна тајна
Второ, самата идеја дека кој и да е стар хакер може да нурне во најмрачните тајни на најмоќната земја на светот, му зададе тежок удар на престижот на Стејт департментот. Така, скандалот всушност повеќе им штети на „извршителите“, отколку на „жртвите“.
Но, да се свртиме кон подлабокото значење на она што се случи. Некогаш, во времето на Орвел, силата можеше да се замисли како некаков Голем брат кој го надзира секое движење на своите поданици. Орвеловското пророштво целосно се оствари оној миг кога стана можно силите да го контролираат секој телефонски повик на кој и да е граѓанин, секој хотел во кој тој одседнал, секој автопат по кој минал итн. Граѓанинот стана целосна жртва на надзирачкото око на државата. Но кога ќе се покаже, како што се покажа сега, дека дури и катакомбите на државните тајни не се вон дометот на хакерите, надзорот престанува да биде едносмерен и станува кружен. Државата го држи на око секој граѓанин, но и секој граѓанин, или барем секој хакер – самопрогласен граѓански осветник – може да го бутне носот во секоја државна тајна.
Како може да се одржи една сила ако таа веќе не е во состојба да ги зачува дури ни сопствените тајни? Вистината е, како што еднаш тоа го забележал Георг Зимел, дека вистинската тајна е – празна тајна (која никогаш не може да се разоткрие); исто така е вистина и дека сето тоа што се знае за карактерите на Берлускони или на Меркел е всушност празна тајна, тајна без тајна, затоа што таа веќе спаѓа во јавниот домен. Но навистина да се разотркие, како што тоа веќе го стори Викиликс, дека тајните на Хилари Клинтон се празни тајни – значи нејзе да ѝ се одземе моќта. Викиликс не им наштети на Саркози или на Меркел, туку им нанесе непоправлива штета на Клинтон и на Обама.
Технологијата сега напредува со чекор на рак
Какви ќе бидат последиците на оваа штета, нанесена на една голема сила? Очигледно е дека, во иднина, државите веќе нема да можат да ги ставаат своите доверливи податоци онлајн: тоа би било исто како да ги залепите во некое скришно улично ќоше. Но, подеднакво е јасно и дека со оглед на современата технологија е бесмислено да се надевате на тајноста на телефонските разговори. Ништо полесно од тоа да откриете дали шефот на државата долетал или одлетал, или контактирал со некој од неговите колеги.
Како ќе се прават тогаш тајните работи во иднина? Знам дека засега мојата прогноза е се уште научна фантастика, значи фантастичка, но не можам да се отргнам од слики на државни агенти кои дискретно патуваат во кочии, по маршрути кои тешко можат да се следат, пренесувајќи пораки научени напамет, или можеби по некој документ скриен во чевлите. Ќе се чува само по една копија, и тоа – заклучена во шкаф. Конечно, и обидот за влегување во Вотергејт беше помалку успешен од Викиликс.
Еднаш бев во прилика да констатирам дека технологијата сега напредува со чекор на рак, то ест наназад. Цел век откако безжичниот телеграф внесе револуција во комуникациите, интернет го обнови телеграфот кој работи на (телефонски) жици. (Аналогните) видео касети им овозможуваа на филмофилите да ги претресуваат снимките фрејм по фрејм, со премотување нанапред или наназад, за да ги разоткријат сите тајни на монтажната постапка, но (дигиталните) дискови денес овозможуваат само скокови од едно поглавје на друго. Со брз воз стигнуваме за три часа од Рим до Милано, додека летот на истата рута, сметајќи го и трансферот до аеродромот и назад, трае три и пол часа. Така, не би било необично ако и политичките и комуникациските технологии и’ се вратат на коњската кочија.
Во прастари времиња медиумите би се обиделе да откријат што се крчка во тајноста на амбасадите. Денес инсајдерските информации амбасадите ги бараат од медиумите.
Умберто Еко