Во интерес на Тереза Меј е брегзит да се сведе на серија бинарни прашања на кои алтернатива на прифаќање на нејзината волја ќе биде напуштање на брегзит. Дали парламентот ќе го прифати резултатот од референдумот како обврзувачки иако технички тој беше само советодавен? Дали ќе го одобри активирањето на членот 50? Моралната сила на референдумскиот резултат, и себе-заштитничкиот инстинкт на мнозинството пратеници чии изборни единици гласаа за напуштање на Унијата, значи дека одговорот на овие прашања веројатно е дека секогаш ќе биде да.
Меѓутоа понезгодни прашања, како тоа за каков вид на брегзит гласаа Британците; дали брегзит значи повлекување од заедничкиот пазар, и дали Британија треба да остане дел од царинската унија, треба да бидат избегнати по секоја цена, затоа што не постои единствена позиција за која Парламентот, или уште поважно Меј и нејзината Конзервативна партија, се согласуваат. Најголем дел од пратениците сакаат целосен, непречен пристап до заедничкиот пазар, враќање на контролата на границите, и слобода од јурисдикцијата на Европскиот суд на правдата. Со други зборови, тие ги сакаат бенефициите на членството во ЕУ без одговорностите.
Меѓутоа ЕУ27 не се подготвени да го компромитираат интегритетот на четирите слободи (слободно движење на добра, капитал, услуги и луѓе), а јурисдикцијата на ЕСП е неопходна да се осигура дека се почитуваат правилата на заедничкиот пазар.
Позициите на Британија и ЕУ27 се во непрекината противречност, Вен дијаграм кој не се преклопува, кои се додека постојат ќе ги направат залудни обидите да се најде компромис.
Ова е нашата централна позиција. Ова е приказна која завршува со Британија која се враќа на правилата на СТО, прекини во синџирот на набавка преку Каналот, укинување на без-тарифното тргување на трошок на британските компании. Сите достапни докази наведуваат дека двете клучни премиси на кои се базира овој наратив (дека ЕУ нема да ги компромитира четирите слободи и дека Британија ќе инсистира да ја поврати контролата на границите и законите) се цврсти. Ама ако не се, тогаш има поинаква приказна за раскажување.
ЕУ не блефира
Ние не се потпираме на гледиштето дека ЕУ "блефира", или дека нивната повеќекратно повторувана позиција е почетна точка во преговорите. Подобен договор во кој Британија ќе има подобри услови како не-членка отколку што би имала како членка е невозможен од наша гледна точка - стабилноста на проектот за останатите ЕУ27 е главен приоритет. Меѓутоа ние исто така веруваме дека обидите да се обезбеди стабилност за ЕУ на крај би можеле да го поткопаат и самиот брегзит.
Клучните ЕУ земји се соочени со слични популистички притисоци кои доведоа до брегзит во Британија и Доналд Трамп во САД. Разочараноста од ЕУ и нејзините структури, најде свој издувен вентил во домашната политика на земјите кои обично се сметаат за "сржта" на еврозоната и на ЕУ. Од трите големи ЕУ избори следната година, евроскептичните партии водат во Холандија, на второ место се во Франција, и на трето во Германија. Одлуката на Ангела Меркел да го забрани носењето бурки "секогаш кога тоа е можно" беше видлив показател дека Алтернативата за Германија, германската десничарска евроскептична партија, почнала да влијае на нејзината политика.
Франсоа Филон, фаворитот за освојување на претседателскиот мандат во Франција, исто така зборуваше за потребата за реформа на ЕУ и за засилување на контролата на надворешните граници на Шенген зоната со цел намалување на имиграцијата. Потребата за повторно поврзување со гласачите кои се против промените што ја придружуваа глобализацијата и масовната имиграција, оние гласачи кои го избраа брегзит, изгледа дека стигна до највисоките ешалони на европската политика.
Би можела ли ЕУ да тргне по патот на реформите? Потенцијално да. Дали тоа вклучува и промена на правилата за слободно движење? Ова е веќе малку веројатно, при што главната препрека е тоа што која било значителна промена ќе значи и измена на договорот за ЕУ, што пак ќе бара едногласност од земјите членки. Источноевропските земји, кои имаат голем број граѓани што работат во странство и чии економии имаат корист од парите што тие ги испраќаат дома, најверојатно ќе бидат против ова.
Веројатноста е дека следната година Меркел повторно ќе биде избрана, а Ле Пен поразена, меѓутоа на евроскептичните, анти-системски партии можеби и нема да им биде потребно да ја освојат власта во овие држави за да ги убедат нивните лидери дека сегашниот пат на ЕУ е неодржлив.
Точка на пресврт
Ако, чисто теоретски, во иднина може да постои некој процес за реформирање на ЕУ, и, како што Британија се приближува кон провалијата на тежок брегзит, со преговори кои можат малку да направат за да го ублажат падот (како што очекуваме дека ќе биде) потребата да се оддалечиш од самиот раб почнува да станува се посилна. Ова, кое кога би било предложено сега ќе биде отфрлено како негирање на референдумскиот резултат, ќе почне да изгледа далеку покредибилна опција како што реалноста на тежок брегзит и потенцијалниот удар ќе бидат се повеќе истражувани од медиумите.
До постигнувањето на оваа точка јавното мислење изгледа малку веројатно да се промени, што значи дека Британија ќе мора да тргне по патот на брегзит пред воопшто да размисли за промена на курсот. Повлекувањето од ивицата веројатно ќе бара и повлекување на барањето за започнување на член 50. Дали ова е можно е правно прашање, кое не крај ќе биде одлучено од Европскиот суд на правдата. За ЕСП да одлучи, мора да се побара одлука во понизок суд. Извештаите покажуваат дека во следните неколку седмици ќе биде започнат случај пред ирските судови, со можност тој да стане потребната референца. По нашето не-образовано мислење, базирано на јавно искажани гледишта на најразлични политичари и адвокати, и поцинично врз основа на интереси на кои ЕУ би им послужила дозволувајќи им на оние земји кои сакаат да останат да го направат тоа а не да ги брка, ЕСП е веројатно дека ќе одлучи дека барањето за повлекување на активацијата на член 50 е возможно.
Последното бинарно прашање поставено од Тереза Меј најверојатно ќе биде: Имаме договор или немаме договор? Ако во рок од 2 години ЕУ веќе ги има започнато реформите, можноста за повлекување на барањето за член 50 е потврдена, а излезот изгледа неатрактивна опција, дали одговорот ќе биде неизбежно да? Можеби не.