Ова е механизам за одрекување, а одрекувањето има своја цена: зачувување на стратешкото сојузништво со Саудиска Арабија ризикувајќи да се заборави дека кралството исто така се потпира на сојузништво со религиозното свештенство кое создава, легитимизира, го шири, проповеда и брани Вахабизмот, ултра-пуританската форма на Ислам од која Даеш се храни.
Вахабизмот, месијански радикализам кој се издигнува во 18-от век, се надева да го обнови имагинарниот калифат фокусиран на пустина, света книга, и два свети града, Мека и Медина. Роден во масакр и крв, тој се манифестира во нереален однос кон жените, забрана за не-муслиманите да стапнат на светата земја, и дивјачки религиозни закони. Ова се претвора во опсесивна омраза кон ликовите и претставувањата, а со тоа и уметноста, меѓутоа исто така и телото, голотијата и слободата. Саудиска Арабија е Даеш кој успеа.
Порекнувањето на Западот во однос на Саудиска Арабија е впечатливо: Тие ја поздравуваат теократијата на својот сојузник, меѓутоа не забележуваат дека тој е главниот светски идеолошки спонзор на исламистичката култура. Помладите генерации на радикали во т.нр. Арапски свет не се родени како џихадисти. Тие се задоени во прегратката на Фатва долината, еден вид исламистички Ватикан со огромна индустрија која создава теолози, религиозни закони, книги, и агресивни уреднички политики и медиумски кампањи.
Човек може да негира: Нели и самата Саудиска Арабија е можна мета на Даеш? Да, меѓутоа ако се фокусираш на тоа ќе ја превидиш моќната врска меѓу владејачкото семејство и свештенството кое се грижи за неговата стабилност - а исто така, се повеќе, и за неговата несигурност. Саудиското кралско семејство е фатено во совршената замка: Ослабени од законите за наследување кои поттикнуваат промена, тие грчевито се држат за наследните врски меѓу кралот и свештениците. Саудиското свештенство создава исламизам, кој во исто време и се заканува на државата и му дава легитимитет на режимот.
Човек мора да живее во муслиманскиот свет за да го сфати извонредното влијание што религиозните телевизиски канали го имаат врз општеството, обраќајќи се на неговите најслаби алки: домаќинство, жени, рурални области. Исламистичката култура е раширена во голем број држави - Алжир, Мароко, Тунис, Либија, Египет, Мали, Мавританија. Постојат илјадници исламистички весници и свештеници кои наметнуваат еднолично гледиште на светот, традицијата и облекувањето во јавноста, на зборовите во владините закони и на ритуалите на општеството што тие го мислат за контаминирано.
Вреди да се прочитаат одредени исламистички весници за да се види нивната реакција на Париз. Западот е претставен како земја на "неверниците". Нападите се резултат на постојаниот напад против Исламот. Муслиманите и Арапите станале непријател на секуларното и на Евреите. Палестинското прашање се споменува заедно со силувањето на Ирак и сеќавањето од колонијалните трауми, и е спакувано во месијански говор чија цел е да ги заведе масите. Ваквиот говор се шири долу во говорот во општеството, додека горе, политичките лидери го испраќаат своето сочувство за Франција и ова го прогласуваат како криминал против човештвото. Оваа тотално шизофренична ситуација е споредлива со негирањето на Западот во однос на Саудиска Арабија.
Сето ова го остава човек скептичен кон громогласните декларации на Западот кон неопходноста за борба против тероризмот. Нивната војна може да биде само кратковида, бидејќи нејзина мета се ефектите а не причината. Бидејќи ИСИС прво и пред се е култура, а не милиција, како тогаш ќе ги спречиш идните генерации да се свртат кон џихадизмот кога влијанието на Фатва долината и нејзините свештеници и нејзината култура и нејзината обемна уредничка индустрија останува недопрена?
Па, дали лекувањето на болеста е едноставна работа? Тешко. Саудиска Арабија останува сојузник на Западот во многуте шаховски партии кои се одвиваат на Средниот Исток. Неа ја претпочитаат во однос на Иран, тој сив Даеш. И тука има стапица. Негирањето создава илузија на рамнотежа. Џихадизмот е отфрлен како казна на векот, ама не се зема предвид кој го создаде ова и кој го одржува. Ова може ќе доведе до спасување на честа, ама не и до спасување животи.
Даеш има мајка: инвазијата на Ирак. Ама исто така има и татко: Саудиска Арабија и тамошниот религиозно-индустриски комплекс. Се додека ова не се сфати, може ќе се добиваат битки, ама војната ќе биде изгубена. Џихадистите ќе бидат убивани, само за повторно да бидат родени во идните генерации и израснати на истите книги.
Нападите во Париз повторно ја открија оваа контрадикција, ама како што се случи по 11-ти септември, пак се ризикува таа да биде избришана од нашите анализи и нашата свест.