Немоќта на европските медиуми пред руската "пропаганда"

Деполитизираното новинарство, на кое долго и одлучно инсистираше Европската унија, вградувајќи ја во своите темелни статути директната забрана за јавно финансирање на мнозинството медиуми, се покажа како неспособно да се одбрани пред новинарство какво што преферира да финансира рускиот претседател Владимир Путин.

Во вообичаената безидејност на бриселските бирократи за тоа како да одговорат на уште еден општествено политички предизвик, кој секако не смее да се прикаже како таков, и како да се справат со руската "пропагандна машина", ЕУ наместо адекватна медиумска политика на 23 ноември годинава, донесе уште една бесмислена резолуција за "стратешко комуницирање".

Почнувајќи од самото име - со кое јасно се избегнува сместување на овој проблем во секторот на медиумска политика, каде што припаѓа - слабоста на содржината на самата резолуција не треба да нè зачуди. Таа беше донесена од експерти за надворешна политика, а не од медиуми. Меѓутоа имајќи го тоа предвид, таа и понатаму е зачудувачки политички неписмена. За почеток, како што истакнаа претставниците на левицата во Парламентот, ГУЕ/НГЛ, неприфатливо е геостратешки важен фактор и сосед како Русија да се изедначи со терористичка организација како ИСИС, што се постигнува со резолуцијата.

ГУЕ/НГЛ понатаму предупредува дека со носењето на оваа резолуција се промовира понатамошна напнатост со Русија и нејзината Евроазиска унија, се занемарува негативната и се поголемата улога на ЕУ во актуелните судири во јужното и источно соседство на ЕУ како што не се обрнува внимание на проблемот на пропагандата што ја спроведува самата Унија, а која ги легитимира минатите интервенции на САД и сојузниците како оние во Ирак и останатите кои доведоа до хаос во регионот. ГУЕ/НГЛ смета дека со Извештајот за резолуцијата се заговара постигнување договор за слободна трговија во источното соседство како и дека е голем проблем тоа што се занемарува сопствената, ЕУ, пропаганда според која супериорна, и единствено допуштена, можна и легална пропаганда е токму онаа од Унијата, а чија "претпоставена супериорност може да биде навредлива".

Очигледните работи ги забележа и европскиот Одбор за култура и образование кој ја поддржува Резолуцијата и Извештајот по основата на која таа е подготвена, но истакнува дека "пропаганда" подразбира ширење идеи, концепти, информации и политички доктрини со цел создавање или менување на јавното мислење, додека терминот "дезинформирање" значи намерно ширење лажни и неточни информации. Одборот за култура смета дека во Резолуцијата нужно е да се воведе разлика меѓу пропаганда и критика, бидејќи моментално во овие документи таа разлика не е видлива.

Резолуцијата исто така не предлага никакви суштински адекватни мерки кои навистина би го засилиле новинарството во ЕУ, што би било темелна претпоставка за борбата со каква било "непријателска" пропаганда. Наместо јакнење на сите медиумски гранки - јавни, комерцијални и непрофитни медиуми - ЕУ сите карти, уште еднаш ги става на мерките кои до сега по правило не резултираа со појак медиумски сектор, ниту реално ја засилија позицијата на новинарите - без разлика дали општествено, дали на пазарот на труд. По инсистирањето на приватизирање на медиумите на Балканот и во "источното соседство" позицијата на тукашните новинари радикално беше ослабена и сите фондови кои влегоа на ова подрачје проповедајќи медиумска писменост, плурализам и слобода на говорот не успеаа физички, материјално и општествено да ги обезбедат новинарите, ниту да им обезбедат позиција каква што имаа во своите медиуми пред приватизацијата.

Медиумската писменост е невозможна без истовремена политичка писменост и едукација. Европската Унија ова и понатаму не го прифаќа, па затоа на рускиот претседател не му преостанува ништо друго освен да им честита на своите добро платени новинари за квалитетно завршената работа.

Билтен

9 декември 2016 - 11:09