Малиот човек Зукерберг

Марк Зукерберг е мал човек - 170 сантиметри, според Гугл, ама тоа не е општо познато, бидејќи единствените фотографии од него што се јавно достапни се внимателно направени за тој да изгледа повисок, според поранешниот автор на Вајард, Грем Стар. Откако ќе ги прочиташ забелешките на Стар на оваа тема, станува невозможно да ги гледаш фотографиите на основачот на Фејсбук без да ја забележиш вештината употребена во секоја фотографија за да се скрие тајната за неговата висина.

Зукерберг е бренд, генералниот директор на една од највредните компании во светот, и потенцијален претседателски кандидат. Важно е да се направи тој да изгледа повисок затоа што сè околу брендот и можен претседател мора да евоцира топлина, восхитување и добри чувства за луѓето да продолжат да доаѓаат, да читаат, да лајкуваат, да плаќаат. И потенцијално, еден ден, можеби, и да гласаат за него.

Велат дека повисоките луѓе обично победуваат на избори.

Затоа еве го во Њујорк тајмс, како патува низа земјата, седнат високи на трактор во Висконсин, со локален придружник кој понизно гледа кон него од пониско. Еве го, како се смее, откако тазе одлучи дека тој „повеќе не е атеист“ во црквата во Чарлстон каде Дилан Руф уби 9 луѓе. Еве го, како држи говор во Харвард, информирајќи ги присутните дека „целата е чувство дека сме дел од нешто поголеми од нас самите, дека сме потребни, дека има некоја подобра иднина за која треба да работиме.“

Така јавноста се уверува дека Марк Зукерберг е висок, а исто така и дарежлив, внимателен и одговорен чувар на вашите приватни информации, мудар и интелигентен лидер. А колку би се изненадиле, кога буквално секој - без разлика колку корумпиран, алчен или глуп - може да биде претседател, факт кој никогаш не ни бил толку очигледен како сега.

Меѓутоа ако загледаш малку подобро ќе сфатиш дека на Зукерберг му фали уште персиска мачка за да стане Бонд негативец. Ако случајно до сега не сте забележале, милијардерите не се добри светски лидери. Овој човек нема што да бара да станува претседател, а како некој што има платено постојано следење на неговиот рејтинг во јавноста, баш така изгледа.

(Не велам дека малите луѓе се зли. И јас самата сум мала... океј, тотално сме зли.)

Луѓето кои сакаат да стигнат до највисоката позиција во земјата треба да имаат долго минато на искреност, добра процена и добар карактер. Тоа не би требало да е многу висок стандард ама дисквалификува многу луѓе, меѓу нив и Марк Зукерберг.

Еве го Фејсбук како негира дека руски пропагандисти купувале реклами од компанијата за време на претседателската кампања во 2016, и како признава, по кратко време, дека купиле. Еве го Фејсбук како некое време подоцна признава дека всушност компанијата дистрибуирала руска пропаганда до речиси 150 милиони луѓе за време на изборите. Компанијата продавала реклами на кампањата на Доналд Трамп по многу поевтина цена отколку на Хилари Клинтон (затоа што рекламите на Трамп биле многу „попровокативни“, ем, алгоритми). Реклами кои, инаку, можат да бидат микро-таргетирани за купувачите да можат да и ги прикажат на група што мрази Евреи. Меѓутоа еве го Марк Зукерберг, како вели дека го смета тврдењето дека Фејсбук влијаел на изборите на кој било начин за „прилично сулуда идеја“, забелешка за која подоцна зажали.

Сега веќе не е ни прашање дали пред изборите 2016, на компанијата на Зукерберг и беше платена непозната сума пари за да овозможи тајна кабала да рашири дебел слој информациски отпад врз гласачката јавност на Соединетите држави. Многумина веруваат дека очигледното (и профитабилно) избегнување одговорност од страна на Зукерберг не само што ја започнаа ерата на Трамп, туку и создадоа токсичен пејзаж на недоверба кон медиумите и оштетена демократија.

И покрај неговото одбивање да ја прифати сопствената одговорност за ова фијаско, Зукерберг и неговата компанија издадоа голем број извинувања за тоа. Тој го „посети“ разурнатото Порторико од дистанца (5774 километри) која прави Џорџ Буш при прелетувањето над Њу Орлеанс по Катрина, да изгледа како Алберт Швајцер додека ги негува болните од лепра во Ламбарене. (Извини!)

Еве го штандот на Фејсбук на неодамнешната собиранка на Чајанката, ЦПАК, каде на присутните конзервативци им беше дадена шанса божемски да пукаат во „силите на отпорот“ со оружје - „силите на отпорот“ - едвај две седмици откако 17 луѓе беа застрелани и убиени во средно училиште во Флорида. (Извини!)

Еве ги, како се извинуваат што тајно го манипулирале њузфидот на речиси милион луѓе во еден нивен „експеримент“ (Извини!); што заради нив уапсија еден Палестинец затоа што рекол „добро утро“ (Извини!); што цензурираат палестински новинари (Извини!); што го блокираа активистот на Блек лајфс метер, Шон Кинг (Извини!); што исмејуваат плус-модел за нејзината тежина (Извини!); што суспендираа активистка за права на црнците откако таа ги објави заканите што ги добивала (Извини!); што самоволно се послужиле со фотографии со заштитени права од корисници на нивниот Инстаграм сервис (Извини!); што претерале со видео метриките (Извини!); што толерираат насилни слики насочени кон жени (Извини!); што дозволија фотографија од девојка која се самоуби да биде искористена за реклама за сајт за лични контакти (Извини!).

Би било од корист за Марк Зукерберг, би му се исплатело да плати многу пари за вие да верувате дека тој е добар лидер, кој ја заслужува вашата доверба, и да има докази дека тој токму тоа го прави. Меѓутоа јасната проценка на неговите постапки нè тера да заклучиме дека Марк Зукерберг не ни приближно добар лидер или лидер на кој може да му се верува.

Личните пораки што тој ги напиша во 2003 и беа објавени од Бизнис инсајдер во 2010 го откриваат приватниот, непремачкан Зукерберг, Зукерберг пред-Потемкин, пред какви било пи-ар средувања, анкети на јавно мислење или појава на медиа експерти што ќе го полираат. Тој експлозивно ја почна својата кариера на граблив плутократ ослободувајќи се од неговиот прв инвеститор, Едуардо Саверин, и масовно разредувајќи ја неговата инвестиција; двајцата подоцна дојдоа до вонсудска спогодба. Приватни пораки исто така протекоа до Силикон алеј инсајдер во време на правниот спор меѓу Зукерберг и близнаците Винкелвос, кои тврдеа дека Зукерберг ги лажел и им ја украл идејата за да го создаде TheFacebook.com; и тие подоцна дојдоа до спогодба.

Еве како Зукерберг на еден пријател преку пораки му објаснува, во тоа време, што планира да прави со Винкелвос близнаците:

ПРИЈАТЕЛОТ: реши дека сам ќе ги правиш веб-страните?

ЗУК: да ќе ги ебам

ЗУК: веројатно во година (year)

ЗУК: *уво (*ear)

Соочен со овие обвинувања 6 години подоцна, Фејсбук го негираше ова на начин на кој би позавидела и Сара Хакаби Сандерс: „Нема да разговараме за незадоволни тужители и анонимни извори кои сакаат да изменат раната историја на Фејсбук и да го посрамат Марк Зукерберг со застарени обвинувања. Она што никој не го спомнува е фактот дека по заминувањето од Харвард во Силициумската долина, Марк го предводеше растот на Фејсбук од колеџ веб-страна во глобален сервис кој игра важна улога во животот на над 400 милиони луѓе.“

Епа... токму тоа е проблемот. Никој не се сомневаше дека Фејсбук е голем. Прашањето беше, тогаш како и сега: Дали Марк Зукерберг е способен за водење компанија со таква големина и влијание?

***

Како е можно компанија кој е толку очигледно матна како Фејсбук да биде толку топло прифатена од толку многу луѓе? Причината не е толку тешка за откривање. Поединечните корисници го гледаат Фејсбук низ објективот на вистински, убави, интимни врски со нивните пријатели и семејството; за милиони луѓе ликот на Фејсбук е лик на љубов, составен од лицата на нивните деца, внуци, соседи, љубовници, учители, професори и пријатели. Како може ова пријателски настроено место да ни наштети, или воопшто и да посака да ни наштети? Како е можно да е толку сурово, себично и опасно?

Тажната вистина е дека овој лик не е вистинскиот лик на Фејсбук; тој е лага, исто како што е лага да седиш на трактор за луѓето да мислат дека си висок. Марк Зукерберг ги користи твоите најинтимни врски, буквално лицата на луѓето што ги сакаш за да те прелаже да помислиш дека не ти брца во џеб и дека не лупа со токмак по медиумите, по интегритетот на општеството и по самата демократија. (И факт е дека „Фејсбук“ и „Зукерберг“ се термини кои наизменично се користат, бидејќи човекот наопаку ја сврте Земјата за да задржи апсолутна контрола врз компанијата.) Сите рецепти од баба ти, сите твои роденденски фотографии и покани и видеа со мачки и вирални Јутјуб видеа и најави за годишници се сведуваат на една работа, а таа работа се пари.

Да бидеме милосрдни, можеби Зукерберг верува во сопствените глупости? Неодамна тој почна многу да зборува за „емпатија“ и гледајќи од сегашна точка, морам да признаам дека демонстрирањето сочувство што тој го шири во последниве месеци е разумно уверливо, за почетник. Меѓутоа дај за момент да го разгледаме ова соопштение од јануари, во кое Зукерберг тврди дека тој ќе направи Фејсбук да биде само за „зближување на луѓето“.

„Правиме огромни промени на тоа како го градиме Фејсбук. Јас ја менувам главната цел што им ја давам на нашите продукт тимови да се префокусираат од наоѓање релевантни содржини за вас, на наоѓање позначителни социјални интеракции за тебе.“

Секако единствен замислив одговор што нормален човек може да му го даде на милијардер монополист кој се обидува да биде вклучен или да има мислење околу или да ги монетизира „содржајните социјални интеракции“ во твојот личен живот е: Те молам гони се од мене. Или како што ќе каже поетот (Еминем), You don’t know me, you’re too old, let go, it’s over. Ок, би го кажала тоа, да го немав напуштено Фејсбук пред многу години.

Еве дел од годишниот предизвик на Зукерберг за самиот себе, издание 2018:

„Светот изгледа анкциозен и поделен, и Фејсбук го чека многу работа - без разлика дали тоа е заштита на нашата заедница од злоупотреба и омраза, одбрана од мешањето на државите, или да се осигуриме дека времето што го минувате на Фејсбук е добро потрошено.

Мојот личен предизвик за 2018 е да се фокусирам на решавање на овие важни прашања. Ние нема да ги спречиме сите грешки или злоупотреби, меѓутоа моментално правиме премногу грешки обидувајќи се да ги спроведеме нашите политики и да спречиме злоупотреба на нашите алатки. Ако сме успешни во ова, тогаш 2018 ќе ја завршиме со многу подобра траекторија.“

Фејсбук не е „заедница“. Таа е машина за креирање богатство изградена од приватни пораки и пријателства и видеа со мачки и публикации од други медиумите, измешани, исцедени за најлесно обработлива информација, прекриени со реклами, или поинаку корумпирани за пари на нивниот пат кон вашиот „њуз“ (ха!) фид.

Нема издржани докази, никакви, кои би индицирале дека овој чакал го има сменето своето крзно, своите шари, и што и да е, од времето кога ја напишал оваа приватна порака до свој пријател во Харвард на почетокот од сето ова:

ЗУК: ако некогаш ти потреба инфо за кого било на харвард

ЗУК: само побарај

ЗУК: имам над 4000 мејлови, слика, адреси, социјални мрежи

ПРИЈАТЕЛОТ: што? како успеа да го собереш тоа?

ЗУК: луѓето сами ми го даваат

ЗУК: ни јас не знам што

ЗУК: тие „ми веруваат“

ЗУК: морони глупи

Мариа Бустилос

12 март 2018 - 17:16