А што значи финското членство во НАТО за Америка?
Дека ако Путин тргне на Финска, САД ќе треба да влезе во војна против најголемата нација на светот со арсенал од 4 до 6 илјади боеви и стратешки нуклеарни оружја.
Ниту еден претседател од времето на Студената војна не би ни сонувал да се стави во таква ситуација - да го ризикува опстанокот на нашата нација за да одбрани територија на држава што е илјадници километри од тука и никогаш не била витален интерес на САД.
Да се влезе во војна со Советскиот сојуз заради зачувување на финската територија би се сметало за чиста лудост во Студената војна.
Нека ви текне, Хари Труман одби да употреби сила за да ја разбие блокадата на Сталин на Берлин. Двајт Ајзенхауер одби да испрати американски војници да ги спасат унгарските борци за слобода кои беа газени со советски тенкови во Будимпешта во 1956.
Линдон Џонсон не направи ништо за да им помогне на чешките патриоти кои беа смелени од армиите на Варшавскиот пакт во 1968. Кога Солидарност на Лех Валенса беше здробена во Полска во 1981 по наредба на Москва, Роналд Реган даде охрабрувачки изјави и испрати фотокопири.
Иако САД објавуваше годишни декларации со поддршка за време на Студената војна за „заробените нации“ на Централна и Источна Европа, ослободувањето на овие држави од советска контрола никогаш не беше витално за Западот како оправдание за почеток на војна со СССР.
Всушност, во 40 години Студена војна, НАТО, основано во 1949 со 12 нации, додаде само уште четири нови членки - Грција, Турција, Шпанија и Западна Германија.
Но, откако со поканата за приклучување на Шведска и Финска тие ќе бидат 31-ва и 32-ра нација што ја добиле воената гаранција од членот 5, НАТО ќе го има за два пати зголемено бројот на членки од моментот што се сметаше - барем од Русите - за крај на Студената војна.
Сите држави кои некогаш беа дел од московскиот Варшавски пакт - Источна Германија, Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, Романија, Бугарија - сега се членки на НАТО предводено од САД а насочено против Русија.
Три поранешни републики на СССР - Естонија, Латвија и Литванија - исто така сега се членки на НАТО, воена алијанса создадена за спречување на нацијата на која тие и припаѓаа за време на Студената војна.
Литванија, со 2% од руската популација, само што прогласи делумна блокада на стоката што се движи преку нејзина територија до Калининград, руската енклава во Балтичкото море.
На протестот од Путин околу ова, Вилнус ја потсети Москва дека Литванија е членка на НАТО.
Правило на геостратешката политика е дека голема сила никогаш не треба да и ја отстапи на помалата сила способноста да ја вовлече во голема војна.
Во 1914, германскиот кајзер на своите австриски сојузници им даде „бланко чек“ да ја казнат Србија за нејзината улога во атентатот на наследниот на австрискиот трон, надвојводата Франц Фердинанд. Виена го искористи овој чек и ја нападна Србија, по што почна Првата светска војна.
Во март 1939, Невил Чемберлен и даде воена гаранција на Полска. Ако Германија ја нападне Полска, Британија ќе се бори на полската страна.
Охрабрени од оваа воена гаранција од Британската империја, Полјаците го блокираа Хитлер, и одбија да разговараат со Берлин околу германското полагање право врз градот Гдањск, кој и беше одземен на Париската мировна конференција во 1919.
На 1 септември 1939 Хитлер нападна а Британија прогласи војна, војна која траеше 6 години и смртно ја рани Британската империја.
А Полска? На Јалта во 1945, Винстон Черчил се согласи Полска која тогаш беше под советска окупација да остане под старателство на Сталин.
Путин е руски националист кој го смета распаѓањето на СССР за најголемата трагедија на 20-от век, меѓутоа тој не е единствениот одговорен за распаднатите односи меѓу нашите држави.
Ние Американците игравме водечка улога во она што наликува на Втора студена војна, поопасна од првата.
Во изминатиот четвртина век, откако Русија го распушти Варшавскиот пакт и дозволи СССР да се распадне во 15 држави, ние го туркавме НАТО, создаден да ја огради и задржи Русија, во Централна и Источна Европа.
Во 2008, неоконзервативците ја подбуцнаа Грузија да ја нападне Јужна Осетија, со што испровоцираа интервенција од Русија и панично повлекување на грузиската армија.
Во 2014, неоконзервативците ја подбуцнаа Украина да го собори избраниот про-руски режим во Киев. Кога тие успеаа, Путин ги освои Крим и Севастопол, кои со векови беа домашната база на руската црноморска флота.
Во 2022, Москва побара САД да вети дена нема да ја внесува Украина во НАТО. Ние одбивме. Путин нападна. И ако Русите веруваат дека нивната држава била притисната до ѕид од Западот, можеме ли да ги обвиниме за тоа?
Американците изгледа како да не веруваат во мрачните руски предупредувања дека наместо да прифатат пораз во Украина, понижување на нивната нација, и нивно опколување и изолација, тие ќе прибегнат кон користење на нуклеарно оружје.
Дали е навистина мудро да се отфрлат овие предупредувања како мавтање со сабја?