Како енергетската криза да не стане криза на сè

Минатото лето француските и германските едногодишни договори за струја се тргуваа за околу 100 евра за мегават час. Неодамна тие се кренаа на над 1.000 евра. Првиот човек на Шел предупреди дека кризата може да трае повеќе од една зима.

Болката ќе биде страшна и ќе се шири како што на домаќинствата и компаниите им истекуваат договорите за снабдување со енергија и се потпишуваат нови. Тоа ќе го интензивира притисокот врз економијата кој и онака се случува додека ЕЦБ ги крева каматните стапки за да се справи со инфлацијата. Голем број економисти претпоставуваат рецесија во следните неколку месеци, а заедничката валута се движи кон најниските нивоа во однос на доларот во изминатите две децении. Шансите за немири и расправии меѓу земјите членки се повеќе растат.

До сега реакцијата на Европската комисија не беше доволно амбициозна. Нејзината последна идеа е да се стави граница на цената на гасот кој се користи за генерирање струја, што ќе биде дискутирано на самитот на министри на 9 септември. Комисијата исто така сака да изврши реформи на пазарот за моменталните цени повеќе да не бидат одредени од трошокот на производителот со најниски маргинални трошоци.

Ограничувањето на цените звучи погодно ама може да биде контрапродуктивно. Ова е затоа што плафонот нема да ја намали побарувачката за дефицитарниот енергенс. Според една студија, ограничувањето имплементирано во Шпанија доведе до 42% поскапување на струјата генерирана со гас од јуни годинава. Истата оваа политика на ниво на Унијата само дополнително ќе ја зголеми побарувачката за гас, зголемувајќи ги шансите за рестрикции во текот на зимата. Точно е дека сегашните правила им дозволуваат на одредени компании за производство на обновлива енергија, кои произведуваат со речиси нула маргинални трошоци, да жнеат профит. Ако цените за гас со години останат високи ваквиот ќар би можел да се опише како неоправдана кирија. Меѓутоа истиот тој ценовен сигнал осигурува дека електраните што работат на гас генерираат струја кога ветерот не дува, и поттикнува повеќе инвестиции во обновливи извори.

Наместо да ситничарат владите треба да се фокусираат на две големи задачи. Првата е да им се дозволи на пазарните механизми да ја зауздаат побарувачката, додека истовремено им се дава поддршка на најранливите категории. Ќе бидат потребни големи субвенции, меѓутоа ако помошта е таргетирана тоа ќе го ограничи трошокот: според ММФ, политики кои нудат надомест и трансфер на готовина на најсиромашните 40% од народот би биле поевтини отколку денешниот микс на политики, кои главно вклучуваат даночни олеснувања за гориво или ограничување на пазарната цена.

Вториот приоритет е да се зголеми снабдувањето, нешто што не е моќ исклучиво на Владимир Путин. Може да бидат создадени други извори на природен гас: ова е причината зошто францускиот претседател Емануел Макрон го посети Алжир. Во рамките на Европа, државите можат да помогнат за олеснување на тесните грла, какви што се неадекватните меѓугранични интерконекции на гасоводите. Денес недоволните инвестиции и разлики во стандардите го спречуваат протокот на гас од Шпанија и Франција кон Германија и Источна Европа. ЕУ треба да се осигури дека во случај на рестрикции, ќе има согласност на ниво на континентот кои корисници први ќе бидат исклучени: без ова опасноста е дека државите ќе почнат да трупаат залихи на гас.

Сето ова ќе чини пари. До сега Грција, Италија и Шпанија, едни од најзадолжените членки на Унијата, потрошија меѓу 2 и 4 проценти од својот БДП во фискални субвенции за ублажување на енергетскиот шок. За среќа ЕУ има снага за да помогне. Нејзиниот фонд за закрепнување од пандемијата од 807 милијарди евра се дели во форма на заеми и грантови. Сепак до сега помалку од 15% од сумата е поделена. Плаќањето на енергетски проекти треба да биде забрзано а комисијата би можела да понуди евтини заеми за да се помогне финансирањето на таргетираната фискална поддршка. ЕУ се обедини за да се справи со економските последици од пандемиските карантини. Меѓутоа не треба да бидете во илузија: енергетската криза бара идентично храбар одговор.

Економист

6 септември 2022 - 14:51