Изненадниот напад на Хамас против Израел е трагичен сам по себе: бројот на загинати Израелци, во споредба со популацијата, е седум пати полош од она што 11-ти септември беше за САД. Работите би можеле да станат многу погнасни ако Хезболах целосно влезе во борбата, соочувајќи го Израел со борба на повеќе фронтови и претворајќи го конфликтот во регионален.
Сепак војната во Левант исто така е само дел од поширока и поинтензивна криза на глобалната безбедност.
Земи ја предвид евроазиската панорама. Европа се соочува со најлошата безбедносна состојба во изминатите децении, благодарејќи на варварската војна на рускиот претседател Владимир Путин со Украина. Заканата од војна исто така расте и на Балканот, каде движењето на српските сили неодамна го присилија НАТО да го зголеми бројот на своите сили во Косово. На Кавказот, Азербејџан ја искористи зафатеноста на Русија за да го освои Нагорно-Карабах од Ерменија, што резултираше со прогон на околу 100.000 цивили. Под истиот овој свод на нестабилност од Источна Европа до југоисточна Азија, освојувањето и етничкото чистење се здрави и живи.
Западниот Пацифик е помалку насилен но не и помалку опасен. Тајванскиот проток секогаш е актуелен, како што Кина се обидува да го притисне островот и да го присили САД и неговите регионални сојузници да се подготват за пресметка. Тензиите растат и во Јужното кинеско море, како што Филипините, на кои им е смачено од години насилство од Пекинг, почнуваат да ги спроведуваат своите права со поголема сила. На корејскиот полуостров, Пјонгјанг полека го унапредува своето оружје и ракетна програма, додека исто така директно ја подржува војната на Путин обезбедувајќи артилериска муниција и други ресурси.
А го имаме и Блискиот исток. Пред само неколку седмици, американскиот советник за национална безбедност Џеј Саливен прогласи дека регионот „е потивок денес отколку кога и да е во последните две децении“. Сега веројатно посакува да го повлече коментарот.
Иран продолжува да се движи кон нуклеарен капацитет како дел од неговиот обид за постигнување хегемонија на Блискиот Исток. Тој подржува огромна мрежа на соработници, вклучително Хамас и Хезболах, кои сега ја покажуваат својата способност да го втурнат регионот во хаос. Минатата недела откако САД собори турски дрон над Сирија, покажа колку останува ситуацијата напната и во оваа држава. Како што Блискиот Исток повторно се распалува, сите три витални региони на Евроазија се во хаос.
Во меѓувреме во Африка пучевите станаа заразни во Сахел; во Судан се распали граѓанска војна; џихадистичкото насилство метастазира низ целиот континент. Во Латинска Америка, демократијата еродира а криминалните банди го тероризираат беспомошното население. Дестабилизирачкиот ефект на климатските промени и бранот бегалци зафаќаат држави на повеќе континенти.
Тешко е да се најде голем регион што не е допрен со сегашните пореметувања кои покажуваат четири реалности на модерниот свет.
Прво, Пакс Американа од пост-Студената војна повеќе не постои. Генерација по 1991 светот имаше историски ниски нивоа на геополитички и идеолошки судир, главно затоа што Вашингтон и неговите сојузници имаа голема одлучувачка предност.
Тоа се менува како што главните ревизионери - пред се Кина, Русија и Иран - се обидуваат да ја отфрлат американската моќ и да создадат сопствена сфера на влијание. Враќањето на автократските големи сили, го зголемува притисокот врз глобалната демократија. Се враќаме на вообичаена светска политика - а вообичаената светска политика е грда и насилна работа.
Второ, врската меѓу ревизионерите е посилна од кога и да е во последните децении. Веројатно е погрешно да се каже дека Русија, која има пристојни врски со Израел, учествувала во настаните од викендот. Точно е, сепак, дека војната во Украина создаде подлабоко, меѓусебно засилувачко одбранбено партнерство меѓу Русија и нејзините автократски побратими Иран, Северна Кореја и Кина. Солидарноста меѓу овие актери ја засилува заканата што тие заеднички ја претставуваат.
Трето, различните типови на кризи - геополитички и транснационални, традиционални и не-традиционални - се повеќе се преклопуваат една со друга. Модерно е да се каже дека е актуелно ривалството на големите сили, а тероризмот и предизвиците од пост-Студената војна се минато. Меѓутоа како што гледаме сега, терористичките групи остануваат смртоносно способни, делумно и затоа што геополитички агенти како Иран ги одржуваат нив како алатка за притисок врз своите непријатели. Во меѓувреме, воената агресија во Украина, или интерните немири во области од Јужна Америка до Северна Африка, ја поттикнуваат миграцијата која вознемирува разни држави низ светот.
Четврто, во реално време учиме за фрагилноста на прогресот. Брутализацијата, киднапирањето и егзекуцијата на израелските цивили покажува колку брзо основните морални норми колабираат кога ќе се распадне мирот и безбедноста. Фундаменталниот столб на глобалниот поредок, недозволивоста на промена на границите со сила, секој ден е тестиран во Украина.
Не се сите вести лоши: Зголемените закани за меѓународниот систем создаваат се пошироки шаблони за соработка меѓу неговите бранители. Во Индо-Пацификот се зголемуваат анти-кинеските коалиции. НАТО се проширува и засилува себе си како одговор на војната во Украина. Непријателите на Иран се сè поблиски: Хамас можеби го планираше овој напад за нарушувањето на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија.
Меѓународниот светски поредок е под повеќе стрес, на повеќе места, отколку во кое било друго време од хаотичниот период по завршувањето на Втората светска војна. Работата за спречување на неговиот колапс ќе биде повеќестрана, и таа само што започнува.