Како назначен "тешкаш" на грчката влада тој напорно работи на планот Б (потенцијален излез од Еврозоната), додека премиерот Алексис Ципрас е достапен за планот А (продолжување на договорот за кредитирање на Грција, и повторно преговарање на условите за вадење на земјата од криза). Во одредена смисла, тие ја играат класичната игра на "добар полицаец / лош полицаец" и до сега со многу успех.
Планот Б е составен од две компоненти. Прво, имаш едноставна провокација, насочена кон дразнење на грчките граѓани и со тоа ескалирање на тензиите меѓу земјата и нејзините кредитори. Грчките граѓани мораат да веруваат дека тие се спасуваат од тешка неправда за да продолжат да и веруваат на сопствената влада за време на тешкиот период кој следи по излезот од Еврозоната.
Второ, грчката влада го зголемува чинењето на Планот Б за другата страна, со тоа што на своите граѓани им дозволува одлив на пари. Во основа, грчките граѓани земаат заеми од локалните банки, кои во најголем дел се финансирани од грчката централна банка, која своите фондови ги добива од планот за итна помош за ликвидност од Европската централна банка. Потоа тие (граѓаните) парите им ги префрлаат на други држави за да купат странски имот (или да ги отплатат своите долгови), со што ја одлеваат ликвидноста на домашните банки.
Заради ова другите централни банки од Еврозоната се присилени да создадат нови пари за да ги извршат плаќањата за грчките граѓани, со што на грчката централна банка ефективно и се дава кредит во црвено салдо, како мерка од т.нр. ТАРГЕТ обврски. Во јануари и февруари, грчките ТАРГЕТ долгови се зголемуваа за речиси 1 милијарда евра на ден, како резултат на одливот на капитал од грчките граѓани и странските инвеститори. На крајот од април, овие долгови достигнаа 99 милијарди евра.
Грчкото излегување нема да им наштети на сметките што грчките граѓани ги имаат отворено во останатите држави на Еврозоната - а не па да доведе до губење на она што Грците го имаат купено преку овие сметки. Меѓутоа ќе ги остави централните банки на овие земји заглавени со ТАРГЕТ побарувањата на грчките граѓани од грчката централна банка, чиј имот ќе биде деноминиран во обновената драхма. Ако се има предвид неизбежната девалвација на новата валута, заедно со фактот дека грчката влада не мора да стои зад долгот на својата централна банка, ќе следува речиси сигурен банкрот кој ќе ги лиши сите останати централни банки од нивните побарувања.
Слична ситуација имаме и кога грчките граѓани ќе повлекуваат готовина од нивните сметки и ја чуваат во куфери или ја носат во странство. Ако Грција го напушти еврото, значителен дел од овие фондови - кои на крајот од април изнесуваа 43 милијарди евра - ќе отидат во остатокот од Еврозоната, за купување на добра и имоти, и исплаќање на долговите, резултирајќи во нето загуба за преостанатите членови на монетарната унија.
Сето ова значително ја засилува преговарачката позиција на грчката влада. Затоа не е ни чудо што Варуфакис и Ципрас играат да добијат време, одбивајќи да поднесат листа на предлози за содржајни реформи.
ЕЦБ сноси значителна одговорност за оваа ситуација. Не успевајќи да го собере потребното двотретинско мнозинство во Советот на ЕЦБ, неопходно за да се ограничи стратегијата на самопослужување на грчката централна банка, тие дозволија создавање на над 80 милијарди евра во итна ликвидност, што ги надминува 41 милијарда евра имот за надоместување со кој располага грчката централна банка. Со тоа што на грчката банка и се гарантирани потребните фондови, владата е поштедена од задолжителното воведување на контрола на капиталот.
Гласините се дека ЕЦБ е подготвена да го промени својот пристап - и тоа брзо. Таа знае дека нејзиниот аргумент дека итните позајмици се покриени, почнува да се тенчи, имајќи предвид, дека во многу случаи, покритието има рејтинг под БББ-, со што е под инвестициски стандарди.
Ако ЕЦБ конечно признае дека ова нема да заврши работа, и и' ја тргне на Грција безбедносната мрежа за ликвидност, грчката влада ќе биде присилена да почне сериозно да преговара, затоа што трошењето време повеќе нема да и биде од корист. Ама, со тоа што залихата на пари која е испратена во странство и која се држи во готовина порасна на 79% од БДП-то, нејзината позиција и понатаму ќе остане многу силна.
Со други зборови, најмногу благодарејќи и на ЕЦБ, грчката влада ќе може да обезбеди далеку поповолен исход - вклучувајќи и зголемена финансиска помош и намалени барања за реформи - отколку што би можела да добие во кое било време во минатото. Голем дел од стекнатите ресурси мерени според ТАРГЕТ балансот и готовината која е отпечатена ќе се претвори во подарок за независна иднина.
Голем број луѓе во Европа изгледа веруваат дека Варуфакис, искусен теоретичар на игра ама и политички новак, не знае како да ги одигра картите што и беа поделени на Грција. Тие треба повторно да размислат - пред Грција да си замине со добивката.
Ханс-Вернер Син
Професор по економија и јавни финансии на Универзитетот на Минхен