Ако на Елма Ѓусинац и беа потребни два дена, и тоа со паузи, допишување со Енес Мешиќ па засекогаш да ја смени адресата, начинот на живот, облекување и разбирање на исламот, тогаш комотно може да се каже дека Енес Омерагиќ бил човек зад своето време. Тој, имено, потроши две години за да се спаси од зависноста од дрога, да се заживее со улогата на радикален муслиман, да набави пушка, на рамката на калашниковот да напише "Алаху екбер" и да одлучи да ги убие војниците на вооружените сили на Босна и Херцеговина, Недељко Радиќ и Армин Салкиќ. После злосторството, тој се забарикадирал во семејната куќа и се разнел со рачна бомба.
Елма живеела во Косовска Митровица, студирала германски и по ништо, ама ништо, не се издвојувала од другите девојки на нејзини години. Освен ако под разлика не го сметаме тоа што не била ниту Албанка, ниту Србинка, туку припадничка на бошњачката заедница. А потоа, како што тоа веројатно оди, ја прифатила поканата за пријателство на Фејсбук од Енес Мешиќ. По два дена таа ја напушта семејната куќа, заминува во Босна и се мажи. Родителите на крај ја пронаоѓаат и, буквално, едвај можат да ја видат. Елма била облечена онака како што, според салафистичкото толкување на исламот, и треба: сè, од темето до ножните прсти, освен очите, да биде под нихаб, црниот костим кој го прекрива целото тело.
Енес Мешиќ, инаку, не е без полициско досие и нему причинското брачно искуство: пред две години, тогашната сопруга на Енес е примена во сараевската болница со опасни и тешки повреди на гениталиите. Сопругот се обидел своерачно и нестручно да ја обреже! Тогаш започнатата истрага, очигледно, не завршила никаде и никако. Елма, за сега, е со добро физичко здравје, колку што може да се види. Психичкото е под знак прашање: наводно планирала заминување во Сирија, каде Мешиќ веќе има однесено две девојки од Косово. Таа е уапсенa и депортирана од БиХ, со 5-годишна забрана за враќање.
Енес Омерагиќ од Рајловац покрај Сараево на соседите и полицијата им е познат како ситен крадец и наркоман. Пред две години, како што тврди татко му, тој ја остава дрогата и се посветува на верата, под надзор, така да го кажеме, на приучен мисионер. Мухамед Мецо, сопругот на сестрата на Енес, е истражуван од полицијата уште во 2008-ма во процесот за собирање докази против Ријад Рустемпашиќ, подоцна осуден на четири години затвор заради тероризам. Мецо во 2013-та се обиде преку Истанбул да отпатува во Сирија, меѓутоа турските власти не му го дозволија влезот во таа земја. Во средината на минатиот месец, Омерагиќ влезе во кладилница во која беа Радиќ и Салкиќ. На цивилите им наредува да легнат и ладнокрвно ги убива двајцата професионални војници. По рафалот излегува и пука кон автобусот во кој е ранет Џевад Љуковац, исто така припадник на оружените сили на БиХ.
Приказната за времето потребно за студентката по германски да заврши во брак со фанатик и фанатизирањето на поранешниот зависник воопшто не се невообичаени. Туку напротив, тие наликуваат на многу други мажи и жени кои, не баш така преку ноќ, но секако зачудувачки брзо се трансформирале во следбеници на Исламската држава или нејзините верзии. Всушност, и Салах Абдеслам и Мевлид Јашаревиќ за околу една година го минаа патот од социјалниот и општествениот раб до изведување на дела на џихад. Првиот, дванаесет месеци по последната испиена чашка алкохол, ги организираше неодамнешните напади во Париз. Вториот, некогашен ситен крадец, за горе-долу исто време е лоботомиран во салафистичката комуна во Каравласи, село на северот на БиХ, од каде во 2011-та сам и вооружен со автоматска пушка ја нападна амбасадата на САД во Сараево. На судењето тој изјави дека бил воден од желбата да го сврти вниманието кон страдањето на муслиманите во Авганистан кој, призна, не знае да го најде на карта.
Не е чудно ниту незабележано луѓе да се менуваат, посебно на полошо, невидливите и покорни граѓани еден ден да се разбудат како фашисти, убијци или паликуќи, меѓутоа чудно е кога студентка по германски, ситен крадец и поранешен зависник ќе станат подготвени на сопствена смрт, кога сето она што ќе го прифатат е токму во служба на таа смрт, загинување на нешто што тие мислат дека е патот на Алах. Патувањето, секако, подразбира и одредени, по можност што повеќе убиени непријатели, а нема недостаток на такви: долга е листата на мети за борците на ИСИС, раширени од Сирија преку Босна до европските престолнини.
Децата од ерата на веб 2.0 моментално функционираат со брзина на интернетот. Светот на истражувања, размислувања, трпеливо чекање и созревање ним им е непознат исто колку и начинот на кој се формираат црните дупки. И тоа е она што, заедно со бруталноста - и целите на борба поинаква од онаа што ја водеа ИРА или ПЛО во почетните фази - го прави тероризмот со исламски префикс тешко, меѓутоа и тоа како совладлив. На човек му треба помалку време, на некоја едвај полнолетна девојка или на нешто постар ситен крадец склон кон лесна заработувачка и тешки дроги, да стане дел од глобална злосторничка организација отколку што на полициските и безбедносните сили им е потребно како такви да ги детектираат, изолираат - и доколку веќе не е доцна, а најчесто е - да ги излечат од фанатизам. Во БиХ, секако, сето ова е уште покомпликувано, како заради комплицираниот државен поредок и нејзините разузнавачки структури, така и заради климата во дел од бошњачката заедница која, благо речено, се однесува чудно кон делата на радикалите, обидувајќи се или да ги намали или да ги објасни вон контекстот на тероризмот.
Ова го забележа, меѓу ретките, заменик министерот за одбрана во заминување Емир Суљгаиќ, велејќи: 'Сигурен сум дека ќе бидам осудуван заради моите зборови, но кај добар дел од политичарите во оваа земја не постои свест околу тоа дека имаме проблем со тероризмот, а со самото тоа и свест за тоа кои мерки треба да се преземат за да се реши проблемот. Дека сум во право зборува и фактот дека напаѓачот, во меѓувреме осуден за тероризам, на полициската станица во Бугојно е наречен рокер под стрес. Кога е нападната полициската станица во Зворник, тогаш добар дел од медиумите и јавноста, интелектуална, ако така сакате, оправдувањето се обиде да го најде во фактот дека напаѓачот како дете останал без татко за време на агресијата на БиХ. Сега кога се убиени двајца војници, прво што дознавме од медиумите блиски на владејачкото мнозинство е дека убиецот е наркоман. Морам да кажам дека е страшно што, ако го исклучиме министерството за одбрана на БиХ, единствено од Исламската заедница дојде јасна и недвосмислена осуда на овој чин, и повик до државата озбилно и како што тоа следува да се пресмета со ова зло.'
Но државата е таква што не е ни чудо што во неа се школуваат џихадисти или дека од неа заминуваат во Сирија, меѓутоа чудо е што воопшто имаме пауза меѓу актите како оној од Рајловац. Сè останато е совршен ужас: фрустрирани и површни генерации, заедници за тренирање фанатизам, лабилно конституирани безбедносни структури и состојба на свест во која за сè постои оправдување и објаснување...