Минатата недела беше одржана годишната конференција на амбасадорите на ЕУ, и наспроти очекуваното кога станува збор за еден состанок на дипломати, таму некои работи беа прилично отворено кажани. Жозеп Борел, висок претставник за надворешни работи во Унијата, доста жестоко ги нападна заспаните амбасадори, предочувајќи им дека европскиот модел повеќе не функционира:
„САД се грижеше за нашата безбедност, а Кина и Русија беа основа за нашиот просперитет. Тој свет веќе не постои“ рече Борел.
Тврдеше и дека во свет на разбуден национализам, имиџот на Европа како „земја на разумот“ повеќе нема да пали. Кажа и дека (уште еднаш) ја потценуваме улогата на емоциите на луѓето, инаетливата привлечност на идентитетските политики, и изрази скепса околу тоа дека е светот подготвен да го следи европскиот модел.
Ова е јасна промена во тонот, во однос на само-задоволниот мајндсет креиран околу концептот за „крајот на историјата“ што беше актуелен во ЕУ до крајот на првата деценија од новиот милениум. Сепак, таквите како Борел се и понатаму малцинство. Унијата строго се придржува кон идејата дека моменталните премрежија се само фаза и дека враќање на состојбите кон условите од 90-те само што не се случило.
И не е дека само европските дипломати страдаат од една ваква заблуда. Изгледа дека и мејнстрим економистите се уште веруваат дека актуелната економска криза е само точка во деловниот циклус, иако битно влошена заради надворешните шокови предизвикани од пандемијата на Ковид-19 и војната во Украина.
Во економската теорија, деловен циклус значи дека по завршувањето на периодот на економска експанзија неизбежно следи период на контракција, иако во големата слика трендот останува позитивен. Тоа значи дека и рецесиите имаат своја улога: чистење на пазарот од неефикасни компании, сузбивање на ирационално напумпаните проекции за раст (познати и како „инвестициски меури“) и требење на системот со цел во иднина тој да биде уште попродуктивен. Ова размислување, во голем дел се заснива врз концептот на „креативна деструкција“ што го развил Јозеф Шумпетер - австриски економист кој тврди дека „иако технолошкиот развој на краток рок може да ја исфрли економијата од шини, тој го олеснува понатамошниот раст.“
Пример за ова се американските железници во периодот на 19-от век. Во текот на 1880-тите, САД речиси ги удвоиле своите железнички капацитети. Ова створило огромна инфраструктурна мрежа, но и еден од најголемите „инвестициски меури“ во модерната историја. До 1894-та, една четвртина од сите железнички компании банкротирале. Меѓутоа, шините останале каде што се и изиграле клучна улога во економскиот подем што уследил.
Сме виделе и други слични амплитуди во текот на првата половина од 20-тиот век. Но, што е најважно, условеностите во светската економија од почетокот на 20-тиот век не дозволувале индустриите или капиталот да се преселат некаде далеку. Офшорингот и аутсорсингот никако не биле опција. Значи, и после најлошата рецесија, бездруго би уследил период на раст.
Дали и денес постојат вакви услови? Можеби во САД, за што говори нивното предничење во многу клучни индустрии за 21-от век. Но, ситуацијата во Европа не дава многу причини за оптимизам. Сега изгледа неверојатно, а на преминот на векот се уште беше можно, да се купи супер мобилен телефон во производство на европските технолошки гиганти како Сименс, Ериксон или Нокиа. Дури и телевизори, и друга бела техника често се произведуваше во Европа. Денес со овие пазари скоро исклучиво владеат САД и Азија.
Ова е лошо за ЕУ. Тоа значи дека актуелната рецесија - и недостатокот на енергенси како нејзин двигател - нема нужно да бидат проследени со период на модернизација и раст. Баш напротив. Тоа би можело да води кон де-индустријализација на Стариот континент.
Пазарите набрзо би можеле да се освестат за овој факт. Како што паѓа довербата во целосно опоравување на Европа, трошоците од задолжувањето ќе почнат да растат, генерирајќи силен притисок врз високо задолжените социјални држави на Европа. Земјите-членки на унијата имаат среќа што во време на економски нестабилни времиња, многу инвеститори и понатаму гледаат на континентот како на релативно сигурно прибежиште - иако подраги им се САД - што значи дека Eвропа се храни со трошките.
Како што добро забележуваат Вим Науде и Паула Наглер од Институтот за економски работи, германската економија поскапува. Тие тврдат дека во последните 150 години, Германија станала помалку конкурентна на сите полиња, од образование до технологија и иновација. Веројатно поенти од нивната анализа се релевантни и за други европски држави.
Ќе има ли јунак да го спречи падот на европската економија? Дури и во времиња на екстремни рецесии, па дури и депресии од 20-от век, Европејците можеле да сметаат на високиот степен на претприемачка енергија и интелектуалниот капитал. Ова и ја обезбедувало успешната реконструкција после падовите или разорните последици од светските војни. Но, овие енергии се истрошени и обесхрабрени, заменети со зелената идеологија што е всушност „гулаб на гранка“.
Она што ја прави ситуацијата во Европа особено фрустрирачка, е тоа што во најголем дел Европејците, сами си ја нанесоа штетата што сега ја трпат. ЕУ некогаш имаше доволно природен гас во сопствена режија, но тогаш реши да го преполови производството на истиот, помеѓу 2011-та и 2021-ва. Германија некогаш имаше солидно производство на електрична енергија и нуклеарна енергија, се додека ова не е во голема мера укинато. Не е далечно минато кога Германија беше економска сила. Но, како Грета Тунберг стана поважна од еден просечен премиер, ѝ се насукаа анти-енергетски политики кои ја уништуваат индустриската база на Европа, а на Германија и беа потребни 15 години за да изгради аеродром. За добивање дозвола за проширување на хитроелектраните, на Австријците им беше потребна цела деценија. А не изгледа ниту дека европските влади имаат намера да поддржат фракинг или истражување на генетски модификувани организми. Ова е рецепт за де-индустријализација.
Во економија што е така непријателски расположена кон претприемаштвото, од каде инвестиции? За многумина се чини дека одговорот лежи во постојаниот раст, кој наводно ќе го реши секој проблем, со помош на поголема државна потрошувачка. Ама поголема потрошувачка со помало производство ќе води само кон продлабочување на инфлацијата. За што единствено решение би било...уште поголема државна потрошувачка. Меѓу елитите речиси и да не постои вoља за извлекување од ваквата сплетка.
Економските проблеми во Европа тукушто почнаа.