Самитот требаше да се одржи многу порано, но беше одложен заради пандемијата, за подоцна да биде одложен и заради војната во Украина. Сега работите во Сирија станаа премногу тензични за да може повторно да се одложи.
Поранешниот индиски дипломат и амбасадор МК Бадракумар за Крејдл пишува:
Турција планира да започне уште еден воен упад во северните гранични региони на Сирија кои се под контрола на курдски групи, кои, според Анкара, се поврзани со Работничката партија на Курдистан - кои исто така се неоделиви сојузници на Пентагон.
Дамаск, Москва и Техеран – а и Вашингтон - го сметаат турскиот упад како потенцијално дестабилизирачки, меѓутоа Ердоган и понатаму ги одржува во живот плановите, иако тактички ја стишува заканувачката реторика и признава дека тој „не се брза“.
Бидејќи нема зелено светло од партнерите од Астана, Ердоган најверојатно нема да го стартува воениот упад во Сирија, меѓутоа Русија и Иран се свесни дека ваквата акција би можела да го искомплицира нивното присуство и политичко влијание во Сирија и да ризикува судир меѓу турските сили и сириската армија.
Како и да е, на страна Сирија, учеството на Путин има многу пошироки резултати. Тоа што ќе се случи на неговите билатерални средби со Ердоган и со иранските лидери секако ќе биде далеку поважно за следење. Јасно, Турција и Иран излегуваат дека се најдоследните врски на руската надворешна политика и дипломатија. А посетата на Путин доаѓа во крајно трансформативен период во американскиот пристап и кон Турција и кон Иран.
Надежта на Ердоган за повторно зближување со САД исчезна во моментот кога грчкиот премиер им кажа на новинарите на 30 јуни дека Атина неодамна побарала од САД да купи ескадрон од 20 Ф-35 воени авиони, со можност да купи уште еден.
Грчката објава се случи само неколку денови откако Бајден го убедуваше Ердоган на самитот на НАТО во Мадрид дека го поддржал турското барање за купување Ф-16 авиони.
Ердоган требаше да знае дека долгата и успешна кариера на Бајден е поврзана со моќното грчко лоби во Америка, кое е голем извор на изборни финансии за амбициозните политичари. Затоа грчкиот договор за Ф-35 сигурно ќе биде одобрен и би можел да предизвика дополнителен проблем во и онака напнатите односи меѓу САД и Турција - и само ќе го засили сомнежот на Анкара дека Вашингтон ја користи Грција како пион за контрола на Турција.
Разбирливо, зделката би можела да го промени воениот баланс во Источниот Медитеран, имајќи го предвид грчкото сојузништво со Кипар и Израел.
Излишно е да се каже дека разговорот на Путин со Ердоган доаѓа во време на нестабилности во турско-американските односи. На краток рок, околностите се најнаклонети кон воспоставување на поморски коридор во Црното море за извоз на жито од Украина. Постои стратешко поклопување меѓу желноста на Москва да покаже дека не ја предизвикува глобалната криза за жито, и турската желба да ја наметне својата стратешка автономија од НАТО.
Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, на 13 јули објави дека е постигнат консензус за отворање на центар за координација во Истанбул со учество на сите страни. Руската и Украинската страна исто така се согласи на заедничка контрола на бродовите кои влегуваат и излегуваат од пристаништата, како и за поморската безбедност.
Ова е значителна победа за турското посредништво. При ова може да веруваме дека силната врска меѓу Ердоган и Путин ќе создаде нова енергија за продлабочување на турско-руските политичко-економски врски. Турција има значајна улога за играње додека Москва навигира околу западните санкции.
Истовремено, разговорите на Путин со Ибрахим Раиси имаат голема геополитичка рамка. Бајден само што ја заврши својата контроверзна посета на Саудиска Арабија, настан кој влијае на клучните интереси на Иран во критично време кога нуклеарните преговори не водат никаде, а нормализацијата меѓу Техеран и Ријад има напредок.
Театралното соопштение од американскиот советник за безбедност Џек Саливан дека Иран со забрзано темпо ја снабдува Русија со беспилотни дронови и дека руски војници се на обука во Иран за ова, е внимателно темпирано.
Тука важно е да се забележи дека приказната на Саливан се поклопува со извештаите за тајни средби меѓу Ријад и Ерусалим околу размена на одбранбена технологија, посебно поврзана со саудиската загриженост околу иранските дронови.
Плус, муабетите од Саливан доаѓаат по израелското соопштение од минатиот месец за формирање на коалиција за заедничка воздушна одбрана, која меѓу другите, се очекува дека ќе ги вклучува и Емиратите и Саудиска Арабија.
Секако, изјавите на Саливан пред посетата на Бајден на Ријад доаѓаат со политички аспект, и ставаат притисок врз Саудиска Арабија повторно да го размисли своето засилено пријателство со Русија како и нормализацијата со Иран.
На Москва и е јасно дека главната цел на Бајден на неговата западноазиска турнеја е да организира фронт против Русија и Кина. Бајден ова и го напиша во својата колумна во Вашингтон пост, пред тргнувањето на пат:
„Ние треба да се спротивставиме на руската агресија, да бидеме во подобра положба за да победиме во натпреварот со Кина, и да работиме на засилување на стабилноста во важен регион за светот. За да го направиме ова треба да имаме директна интеракција со држави кои можат да влијаат на резултатите од таквата активност. Саудиска Арабија е една од тие држави.“
Бајден се надева дека ќе ја убеди Саудиска Арабија на некаков заеднички формат со Израел што ќе биде под сеопфатен пакт за соработка за стратешка одбрана, кој ќе биде вон се што САД претходно го постигнал.
Ова, неизбежно, бара демонизирање на Иран како заедничка закана. Едноставно кажано, Бајден оживува неуспешна американска стратегија за организирање на регионот околу целта за изолирање и оградување на Иран.
Ако историјата е некаква водилка, замислата на Бајден за создавање на колективен безбедносен систем е осудена на неуспех. Такви обиди претходно беа дочекани со остар отпор од тамошните држави. Исто така, Русија тука има одредена предност, бидејќи водеше дипломатија со земјите од регионот која е силно втемелена на взаемна почит и взаемна корист - предвидливост и сигурност. За време на неодамнешната посета на Лавров на Саудиска Арабија, постигнато е одредено разбирање кое Ријад е малку веројатно да го прекрши.
Саудиска Арабија и Русија имаат поклопување на интересите и кога е во прашање нафтениот пазар. Експертскиот став е дека и Саудиска Арабија и Емиратите имаат многу ограничен дополнителен капацитет. Очекувањата се дека Саудиска Арабија најверојатно ќе се согласи уште малку да ги отвори нафтените вентили по посетата на Бајден, меѓутоа нејзините лидери и понатаму бараат начин вишокот производство да го добијат во рамки на сегашниот ОПЕК+ договор (со Русија) кој трае до декември, со тоа што ќе се компензира за слабото производство на членки на ОПЕК како Нигерија и Ангола. (Капацитетот на ОПЕК+ веќе е далеку под нивото наведено во договорот.)
Извршниот потпретседател на Квинси институтот Триста Парси неодамна објасни:
„Секое намалување на тензиите меѓу Саудиска Арабија и Иран е закана за траењето на Абрахамовата спогодба... Ова значи дека за Израел и Саудиска Арабија и Емиратите да продолжат да имаат доволно стратешки поттик за да соработуваат и да имаат врски и сите заедно да заборават на палестинското страдање, треба да постои закана од Иран. Во спротивно целата куќа од карти се распаѓа“.
На Иран му е јасно дека разговорите за ЈЦПОА (Joint Comprehensive Plan of Action) ниту се мртви ниту се живи туку се во коматозна состојба, која наскоро би можела да ја снема освен ако не биде спасена - во зависност од степенот на успех или неуспех од разговорите на Бајден во Саудиска Арабија.
Меѓутоа сите знаци покажуваат на тоа дека Техеран притиска за што поголемо засилување на врските со Москва. Иран само што доби целосно членство во Организацијата за шангајска соработка - со што е прва и единствена западноазиска држава што ја добила - а сега бара и членство во БРИКС. Правецот на траекторијата на иранската надворешна политика е поставен. Секако, од таква перспектива, Путин има многу што да зборува во Техеран со иранското раководство како што полека се оформува новиот светски поредок.
Дури и да се земе предвид приказната на Саливен за дроновите, иако Иран објави про-форма демант, можно е се уште да не сме чуле сè што има. Факт е дека Иран е една петте најголеми светски сили за развивање и производство на дронови, кои би можеле да бидат од интерес на Русија - Шахед напаѓачки системи, Мохаџер тактички дронови, различни верзии на извидничкиот Карар и ударни дронови со капацитет од 500 до 1.000 километри, Араш камикази дронови итд. Интересно, портпаролот на иранското министерство за надворешни работи алудираше на постојна рамка за воено-техничка соработка меѓу Иран и Русија која и претходи на војната во Украина.