Ова би можело да биде добар телевизиски трилер: неколку години во иднината, во свет на економски превирања и на планета што живее во напнат, неизвесен неред, Квебек (каде се зборува француски) конечно се отцепува од Канада на драматичен, спектакуларен референдум.
Канада се смешка кисело, но, прифаќа некако. Арно ама, тогаш избраната влада на Квебек е симната од ултра-националистички фанатици, после насилните нереди во Монтреал во кои кинески дипломати и политичари отворено даваат поддршка за демонстрантите. Дури има и снимка, телефонски разговор, меѓу кинески министер и нивниот амбасадор во Квебек околу кроењето на новата влада во Квебек.
Новиот режим во Квебек им создава главоболки на останатите кои зборуваат англиски јазик, целосно свесен дека тоа ќе ги разбесни Канаѓаните и Американците кои зборуваат англиски. Исто така, се прави и огромен трговски договор со Пекинг, по што следи формирање на воен сојуз.
Во рок од година дена, кинески војници и авиони слетуваат во Монтреал, на околу 920 километри од Њујорк. Згора на тоа, Кина вели дека планира да постави ракетни системи во Квебек. Вели дека тие се чисто одбрамбени. Но, како што бива, тие исто така би можеле да се користат за испалување нуклеарни ракети. „Не би го направиле тоа“, уверува Кина. Ама, не постои договор кој би спречил такво нешто.
Што мислите дека владата на САД би направила во едни вакви околности?
Па, дозволете ми да ги цитирам воведните зборови од книгата „Како Западот и донесе војна на Украина“ од Бен Абелоу:
„Речиси 200 години, почнувајќи од вообличувањето на Доктрината на Монро во 1823-та, САД покажуваа безбедносни претензии на практично целата западна хемисфера. Секоја надворешна сила која поставува воени сили близу американската територија требаше да знае дека ја преминува црвената линија. Така политиката на САД го манифестираше уверувањето дека од суштинска важност е каде потенцијалниот противник ги распоредува своите воени сили. Ова уверување е камен-темелник на американската надворешна и воена политика, а неговото прекршување се смета за доволна причина за војна“.
Онна што го опишав во оној „трејлер“ е од прилика тоа што САД и НАТО веќе неколку години го прават во Европа. Наместо Канада и САД, читајте Русија. Наместо Квебек, читајте Украина и балтичките земји. НАТО трупи денес се стационирани во Естонија.
Познато е дека одржуваат тенковски паради на само неколку метри од руската граница. Тоа ги позиционира на 130 километри (колку што има од Лондон до Ковентри) од Санкт Петербург, вториот град во Русија. Бен Абелоу напоменува дека во „2020-та НАТО извел воена вежба со пукање во Естонија, на 112 километри од руската граница, користејќи тактички ракети со домет до 458 километри. Ваквите оружја може да ја погодат Русија речиси без да бидат забележани. Во 2021-ва година, повторно во Естонија, НАТО испалил 24 ракети за да симулира напад врз цели за противвоздушна одбрана на руска територија.
Повторно, можете ли да си замислите како би одговориле САД на таква акција близу нејзините граници, или Британија ако (да речеме) Ирска одлучи да им се придружи и да прибере на своја територија странски воен сојуз, непријателски настроен кон Британците?
Сега врз мене ќе се фрли секаков шлајм, и ќе викаат дека пробувам да ја оправдам руската инвазија на Украина. Не. И понатаму мислам дека е тоа глупаво, варварски и погрешно.
Мислам дека најдобар одговор на провокацијата е да не се реагира на ист начин. Ама не се сите како мене. Би ме чудело ако баш никој во Белата куќа, Пентагон или НАТО нема помислено дека начинот на кој ја третираа Русија може да донесе ваков исход. Ако добро забележав, дури и американскиот антируски специјалец Роберт Каган изјави јавно дека Русија е испровоцирана. Најлошиот дел од сето ова е нуклеарната компонента. Во декември 1987-ма, отпатував во Вашингтон да бидам сведок на еден од најважните и најсреќните настани тогаш. Стануваше збор за средбата на лидерот на Кремљ, Михаил Горбачов и американскиот претседател Роналд Реган, што кулминираше со потпишување на договорот за забрана на нуклеарни ракети со среден домет. Опасноста од таквото оружје беше во тоа што веројатноста да биде употребено беше многу поголема во однос на опасноста од употреба на ракети со долг домет.
Доналд Трамп го отфрли тој договор во 2018-та, обвинувајќи ја Русија за својата одлука. Ова беше втор голем договор за нуклеарно оружје што САД го погазија. Горбачов рече дека тоа „не е многу паметно“ и предупреди дека е „најавена нова трка за наоружување“.
А сега имаме вистинска војна, која изгледа ниту една моќна личност не сака да заврши. Секој кој заговара сериозни мировни преговори се прогласува за предавник и мировник. Таа валкана, сурова војна сега полека се шири и во самата Русија, со последици за кои не се ни осудувам да шпекулирам.
За време Студената војна, никогаш не верував дека сме во опасност. Кубанската криза, што ми го подрасипа 11-от роденден, ме убеди дека сите ќе имаат малку повеќе разум. Мислев дека телевизиските драми за нуклеарен Армагедон се неубедливи. Не можеа да смислат веродостојна причина за почеток на таква војна.
Но, сега тоа делува сосем уверливо. На американската телевизиска серија Ерихон гледам со мрачна фасцинација, не затоа што нејзиното објаснување на нуклеарна катастрофа е веројатно, туку затоа што се уверливи описите на малиот, пријателски град каде е сместено дејството кој паѓа во дивјаштво во пост-нуклеарниот свет.
Благодарение на ароганцијата и лекомисленоста, ова сценарио би можело и да се оствари, и така некако би изгледало сето тоа. Затоа ќе продолжам да зборувам дека ни треба мир во Украина, и тоа што поскоро.