"Во еден момент проценката на нашата вредност скокна од 500 милиони на 1 милијарда долари," раскажува Кевин Систром за Ванити Феир.
Понудата која ја добил од Закерберг била 1 милијарда долари во готовина и акции (на крај, заради падот на вредноста на акциите на ФБ, сумата изнесуваше 715 милиони), по што не ни побарал подобра понуда од Твитер, иако од таму најавуваа дека се подготвени да наддаваат.
Освен парите (300-та милиони долари во готово) главниот момент на кој Закерберг го освои Систром е ветувањето дека и по купувањето, тој ќе ја задржи својата независност во градењето на Инстаграм.
Обично кога во Силициумската долина поголема компанија ќе купи помала компанија, оваа втората згаснува. По некое време, купувачот го гаси и нивниот производ, искористувајќи го договорот за да ги ќари нејзините инженери и патентирана технологија. Меѓутоа во овој случај, Закерберг ветил дека апликацијата ќе продолжи да функционира во рамките на Фејсбук.
"Најголем дел од другите работи што ги купивме беа заради нивниот талент, меѓутоа во овој случај сакавме да го задржиме она што го имаат и да продолжиме да го надградуваме," објаснил Закерберг.
Освен ова, авторката на текстот во Ванити, објаснува дека Систром и Закерберг развиле и блиско пријателство:
"Кевин ми се јавуваше и јас му се јавував," раскажува Закерберг за неговиот однос со Систром кога Инстаграм уште беше на своите почетоци. Двајцата беа пријатели откако се запознаа на најразличните средби во Станфорд, додека Систром беше студент. (Закерберг дури се обиде и да го натера Систром да се откаже од факултет за да работи во Фејсбук.) По лансирањето на Инстаграм, Закерберг неколку пати го канеше Систром на вечера во неговата куќа во Пало Алто, за да разговараат за она што тој го нарекува "филозофија".
Систром имал сличен однос и со ко-основачот на Твитер, Џек Дорси, со кого работел на почетокот од неговата кариера. Дорси помогнал во стартувањето на компанијата, дозволувајќи некои од неговите "влијателни" старт-ап пријатели да ја пробаат апликацијата, пред нејзиното лансирање. Дорси бил и еден од првите инвеститори во Инстаграм, меѓутоа кога почнале да доаѓаат понудите од Фејсбук и останатите инвеститори, тој се повлекол и почнал да се фокусира на други проекти.
Кога почнале преговорите со Фејсбук, Систром веќе имал и силна врска со Закерберг. Сред преговорите, Закерберг го поканил Систром со пријатели да го гледаат Игра на троновите. "Ова никогаш немаше чувство како да се преговори, бидејќи некако сакавме заедно да работиме," објаснува Закерберг за Ванити Феир.