Ќе добиеме ли наместо интернет - сплинтернет?

Украинците побараа од глобалниот интернет регулатор комплетно да ја ампутира Русија од глобалната мрежа. Добија корпа, но, како што вика еден Марфиев закон, ако нешто може да тргне на лошо - ќе тргне на лошо.

Светот, и физичкиот и дигиталниот, се наоѓа во времиња без преседан поради конфликтот во Украина, оценува Џејн Вејкфилд за BBC.

Корпоративните гиганти како Мета, Гугл и Епл, кои долго време беа горди на тоа дека се неутрални технолошки фирми, одамна тераат политика и сега забрануваат руски производи, но и самиот интернет се менува за руски корисници - Русија ги блокираше Твитер и Фејсбук а ТикТок не дозволува руски корисници да објавуваат содржини.

Прашањето е дали конфликтот не само што можеби ќе ја промени географијата на светот, туку суштински ќе го видоизмени и интернет пејсажот.

Украина прво бараше технолошките фирми од запад индивидуално да ги прекинат односите со Русија и таа листа секојдневно расте. Но, сега бараат Русија комплетно да биде ампутирана од глобалниот интернет.

Накратко, добија одговор: не.

Првиот човек на глобалниот регулатор ICANN (Internet Corporation for Assigned Names and Numbers) Горан Марби потсети на слоганот „Еден свет, еден интернет“ и порача:

„Во рамките на нашата мисија, ние одржуваме неутралност и дејствуваме во поддршка на глобалниот интернет. Нашата мисија не се протега на преземање казнени дејствија, санкции или ограничување на пристапот кон сегменти на интернет - без оглед на провокациите“.

Ваквата одлука ја поддржа Групата за дигитална приватност (Electronic Frontier Foundation) од која предупредија дека мешањето во основните протоколи на интернет инфраструктурата би имало „опасни и долготрајни последици“.

Што е сплинтернет?

Држави да имаат своја верзија на интернет, што само по себе е спрдачина со самата идеја за интернет.

The Great Firewall of China веројатно е најочигледниот пример како држава може да прави своја верзија на веб-от, а има и други држави, Иран, на пример, во кои „си знае државата“ што треба да видиш.

И Русија веќе неколку години експериментира со „суверен интернет“, тн. Рунет но тие одат на реконфигурација, за разлика од Кинезите кои во проектот тргнаа од нула.

Иако на малкумина им беше јасно зошто се прави тоа, Русија во 2019 година го тестираше тој систем кога од руските интернет провајдери беше побарано да го конфигурираат интернетот во цела држава како да се работи за еден гигантски интравеб (приватна мрежа на веб сајтови кои не комуницираат со надворешниот свет).

Според последните упатства од државата, тие сега треба до 11 март да се врзат на руски ДНС сервери, што значи дека Русија na 12-ти ќе биде подготвена или да ја скинат или сама да се скине.

„Заради геополитиката, се појавуваат различни дизајни на интернет во кои држави или се банираат или се развиваат свои алтернативи. Глобалните мостови како што се социјалните платформи, кои со децении ги поврзуваа популациите, се немоќни во тој поглед“, вели Абишур Пракаш, автор на делото „Како технологијата ја преобликува глобализацијата.

Лошо, во секој случај.

9 март 2022 - 11:56