Кога земаат да ја тестираат машината, авторите имаат неочекувана нова етичка дилема „што да правиш со приходите од рецензирање машина која во основа печати пари?“ Машината на Батрфлај лабс им вади нешто повеќе од 13 биткоини (сè дополнително што ве интересира околу биткоин имате тука).
Дискусијата околу судбината на парите се развива во најразлични правци од давање во добротворни цели до уништување на лице место, меѓутоа заедничко е тоа што сите веруваат дека парите не треба да останат во Вајард бидејќи „тоа може да влијае на начинот на кој магазинот известува за криптовалутите.“
Крајната одлука е да го уништат клучот за нивниот биткоин паричник.
„Зборевме да ги донираме на новинарска институција, или да ги ставиме на страна за школарина. Ама решивме дека ако имаме каков корист од нив, тоа ќе влијае на нашето идно покривање на темата.
Па само го уништивме клучот, иако добро знаевме дека со тек на време тие можат да вредат 6 или 7-цифрена сума,“ објаснува уредникот на Вајард, Мајкл Калоре.
Моментално не постојат никакви копии на приватниот клуч, а ниту некој го има запаметено, ниту пак тој може да се погоди имајќи предвид дека е составен од 64 карактери. Враќањето на клучот од хард-дискот на кој бил запишан е подеднакво невозможно затоа што дискот е уништен пред неколку години.
„Да ги вратиш биткоините во основа е исто како да се обидуваш да вратиш фото-албум од изгубен компјутер. Ама не само што си го фрлил хард-дискот, туку и албумот во него си го заштитил во енкриптирана папка која има пасворд од 64 карактери што го имаш фрлено некаде,“ објаснува Луис Мацакис од Вајард.
Утехата на Вајард е дека експертските процени се дека меѓу 2,78 и 3,79 милиони биткоини, или меѓу 17 и 23 проценти од сите биткоини во оптек, се изгубени. Во оваа бројка е вклучен и паричникот со 1 милион биткоини за кој се верува дека му припаѓа на Сатоши Накамото, наводниот основач на криптовалутата.
Подеднакво помага и приказната на Џејмс Хауелс од Лондон кој во 2013 изгуби 7.500 биткоини, со денешна вредност од 56 милиони долари, кога неговиот лаптоп бил фрлен во ѓубре. Неговиот план е да ја раскопа целата депонија на која претпоставува дека завршил лаптопот.