Јас сум Кинез, и Гугл не смее да се откаже од Драгонфлај

Постојано слушам дека во САД навика е на запчаникот што ќе зашкрипи да му се става масло, и изгледа навистина е така. Еден од неодамнешните инциденти во Силициумската долина околу Кина (Ние сме вработени на Гугл, и Гугл мора да се откаже од Драгонфлај) предизвика судир меѓу Гугл и вработените на Гугл, додека истовремено во целата работа недостасува глас од Кина, третата страна во сето ова.

Иако јас не можам да ја претставувам Кина, како Кинез кој живее во Кина, сакам Силициумската долина да чуе (барем еден) глас од Кина.

Јас сум повеќе од возбуден околу тоа што Гугл може ќе се врати во Кина, без разлика во која форма, од следниве причини:

- Не може да се негира дека живееме во „информациско доба“ и како што кажува самото име, информациите играат клучна улога во нашето време.

- Информацијата е многу важна, а наоѓање вредни информација во големи количини е подеднакво важно за луѓето. И доказ за тоа е и колкав удел во пазарот има  Гугл.

Пред да продолжам, да ви дадам малку дополнителни информации: откако Гугл ја напушти Кина во 2010, Баиду зазема најголем дел од кинескиот пазар за пребарување. Бизнис моделот на Баиду се базира на аукциско-рангирање на рекламите, кое е поинакво од она на Гугл. Рекламите на Баиду се озлогласени. Низ годините, заради овие реклами, голем број луѓе беа измамени и остана без пари, помал број дури завршија и со здравствени проблеми, а некои изборот на погрешен пребарувач го платија со сопствениот живот. Подолу имате линкови како референца за секој од овие случаи.

Во кина луѓето кои се технолошки напредни и имаат пристап до ВПН користат Гугл. Оние кои се разбираат во технологија но немаат ВПН користат Согоу или Бинг. Најголем дел од остатокот немаат друг избор освен да го користат Баиду, што ги прави потенцијални жртви.

Може нема да имате доволно претстава кога ќе кажам „остатокот“. Тоа се над 551,6 милиони луѓе (на 30 јуни годинава бројот на кинески интернет корисници достигнува 802 милиони; според Статкаунтер, пазарниот удел на Баиду во јуни 2018 е 68,78%).

Овие над 551,6 милиони луѓе (551.615.600) се немо мнозинство, тие не ни знаат како да пуштат глас, и тие немаат претстава дека на другата страна од светот има луѓе кои се расправаат за нивните интереси, меѓутоа ова не може да биде причина за вашата мала група да ги лиши нив од техничките бенефити кои тие ги заслужуваат!

Ако Гугл беше во Кина, можеби младото момче по име Веи Зеси немаше да умре како последица на смртоносна реклама за лажен лек што ја нашол преку Баиду.

Ако Гугл беше во Кина, многумина други можеби немаше да страдаат ужасни последици по нивното здравје како резултат на реклами за лажни лекови кои ги нашле преку Баиду.

Ако Гугл беше во Кина, голем број луѓе немаше да бидат измамени заради лажните реклами кои ги пребаруваа преку Баиду, и да ги загубат своите пари и да очајуваат. Сумата можеби изнесува колку 1-годишна школарина за нивните деца, или можеби пари кои би му го спасиле животот на некој близок. А можеби се парите кои ги заработиле по месеци напорна работа.

Всушност, ако Гугл беше во Кина и не си заминеше.

На почетокот од првата лекција на МООЦ (Massive Open Online Courses) „Justice: what's the Right Thing to do?", професорот Мајкл Сандел го постави прашањето со машиновозачот чиј воз останува без кочници. Во одреден момент тој наидува на раскрсница на која од една страна има 5 работници, а на другата има еден работник. Никој од нив не го слуша возот. Ти треба да решиш кој правец ќе го избереш.

Ако јас бев машиновозачот, јас ќе го одберев правецот кој ќе беше најкорисен за мнозинството луѓе.

Во „Ние сме вработени на Гугл, и Гугл мора да се откаже од Драгонфлај“ авторот тврди дека луѓето на маргините ќе страдаат заради враќањето на Гугл во Кина, но напротив, тие имаат многу повеќе избор отколку овие 551.615.600 луѓе, тие повеќе се разбираат во технологија и социјални медиуми, а има и мноштво луѓе од Силициумската долина кои се волни да помогнат. По пуштањето на Драгонфлај во Кина, ако тие чувствуваат дека е небезбедно да се користи Гугл, секогаш ќе имаат алтернативи, како ДакДакГо.

Меѓутоа, овие 551.615.600 луѓе немаат.

Па, кој е вашиот избор? Што мислите дека е правилно да се направи?

ithinco

4 декември 2018 - 19:54